ИМПРЕСИВЕН КУЛТУРЕН СПОМЕНИК ОД ХРИСТИЈАНСКО ПОТЕКЛО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПИСАНИК“ КАЈ СЕЛОТО ГУДЈАКОВО, ПРИЛЕПСКО

Кога одите во запоставен и ненаселен простор, во кој дивите животни слободно владеат со просторот и во кој човек поретко доаѓа, обраснат со шума, џбунови, капини, трње и високи треви, со зарастени патишта по кои е тешко да се помине, обично не очекувате изненадување од каква било култура, која ќе ве изненади со својата естетика, зачуваност и свежина. Нам, сепак ни се случи тоа, при една посета на испустеното село Гудјаково (Гуѓаково), кое се наоѓа на околу 35 км југоисточно од Прилеп, на левиот брег на Црна Река во областа Мариово. Нашиот водич, Ризо Трајкоски не одведе по патот Гудјаково – Врпско и ни покажа вистински споменик на културата, зафрлен во густа зимзелена шума од зимзелени и листопадни дрвја, како и многу трновити џбунови низ кои, денес, тешко се поминува.

Лицето на култната карпа - западна страна
Лицето на култната карпа – западна страна

Приближувајќи се до една рамнина, нé пречека една карпа лево од патот, висока околу 3 м. Се работи за аморфна карпа на локалитетот познат како „Писаник“, на два километри југоисточно од селото Гудјаково, Прилепско на која се наоѓаат два импресивни фрескоживописа во издлабени ниши на височина од околу 1,5 м, на западниот профил на карпата, кој гледа кон запад. Во две засебни ниши бил изработен фрескоживопис на кој се претставени св. Недела и св. Никола. Карпата била претворена во вистински културен споменик, кој фасцинира со својата импресивност и со интензивните бои, кои упатуваат на фактот дека ги изработил повешт мајстор – фрескоживописец, кој не се потпишал на неговите дела. Најпрво биле изработени нишите, внатре биле премачкани со вар, а на слојот од вар, со живи бои биле насликани светците. Тргнувајќи од лево кон десно, прв е живописот со ликот на св. Недела, во обична правоаголна ниша, а до него следи подобро изработена и подлабока ниша, со изразена рамка со полукружна форма на горната страна, со ликот на св. Никола. Карпата се наоѓа лево од патот, кој води кон Црна Река и селото Врпско, а пред неа има рамна површина од десетина м2.

Нашопт водич, Ризо Трајкоски пред култната карпа
Нашопт водич, Ризо Трајкоски пред култната карпа

Се забележува дека двата фрескоживописа се намерно оштетувани, можеби и со пукање од огнено оружје, но и со гребење со тврди предмети и раскопување и корнење на малтерот.

Во околината на „Писаник“ се наоѓаат неколку локалитети со археолошки содржини. Североисточно од „Писаник“, на околу 1 км се наоѓа локалитетот „Градишка Тумба“ со остатоци од раната антика, римскиот период, како и доцната антика. Во правецот на селото, северозападно, се наоѓа локалитетот „Средна Грамада“, со остатоци од доцната антика, а на околу 0,5 км северно од „Средна Грамада“ се наоѓа локалитетот „Манастириште“,1 исто така, со остатоци од древно време, односно, остатоци од ѕид за кој, по предание, се тврди дека била стара црква. Како што раскажува нашиот водич Ризо Трајковски, по потекло од Гудјаково, оваа црква била во служба на населбата од Градишка Тумба. На околу 1,5 км северно од „Писаник“ се наоѓа локалитетот „Момини Порти“ каде се среќаваат остатоци од некое древно случување, прстени, обетки и сл. (по предание тука, бегајќи од Турци, загинале неколку девојки, фрлајќи се од високите карпи).

Авторот на овој текст со фрескоживописот

Тешко е било што да се каже за потеклото на живописот на карпата од локалитетот „Писаник“. Јасно е дека живописот е изработен од познавач на зографската техника, бидејќи ликовите се релативно квалитетно изработени, со чувство за сразмерност и складност во анатомијата, како и со вкус во сликањето на облеката и нејзиното украсување и со познавање на вообичаената претстава на ликовите на светците. Св. Недела е претставена со ореол, круна преку долгата коса на главата, со наметка и преку долгиот фустан украсен со долга вертикална лента по средината, исто така, оранаментирана, како и манжетните на ракавите. Во левата рака држи развиткан свиток со натпис, но натписот е избледен и слабо читлив. Ликот на св. Недела е чист, со смирен, но втренчен поглед. Видливо е дека постои извесно избледување на ликот, поради што не може да се долови автентичниот израз.

Лицето на култната карпа - западна страна 2
Лицето на култната карпа – западна страна 2

Св. Никола е претставен со ореол, митра на главата и вообичаена високодостојничка христијанска облека. Десната рака му е свиткана нагоре, палецот, средниот и домалиот прст му се споени со израз на светото тројство, а показалецот и малиот прст исправени. Во левата рака држи книга, библија или евангелие. Неговиот лик е во голема мерка оштетен и тешко е да се воочи изразот на лицето. Фрескоживописот со св. Никола е многу повеќе оштетен, со гребење, откорнати цели фрагменти од малтерната површина и голем број оштетувања со дупчење.

Култната карпа „Писаник“ од североисток (задна страна)
Култната карпа „Писаник“ од североисток (задна страна)

Имајќи предвид дека црквата „Св. Архангел“ во селото Гудјаково била живописана 1931 година од зографи од селото Гари, може да се претпостави дека и живописот на карпата е од истите мајстори. Сепак, според нашиот впечаток, живописот од „Писаник“ се одликува со поинаква естетика и, веројатно е дека е изработен од некој друг мајстор, можеби во пораниот период, однсоно 19 век. Сепак, неговото датирање, како и авторот, барем засега, е тешко да се одгатнат. Според нашето мислење, култноста на карпата со фрескоживопис кај Гудјаково има многу постаро потекло, односно, е поврзана со некое старо верување на жителите од населбите, кои егзистирале во минатото на овој простор. Во тој контекст, треба да се истакне еден важен податок поврзан со овој локалитет. Се работи за тоа што локалитетот „Писаникот“ е регистриран како локалитет со остатоци од населба од доцната антика, односно, на неговата површина се среќаваат археолошки предмети, кои упатуваат на населба од наведениот период.2

Мораме да констатираме, дека средбата со овој христијански споменик, кој има и извесни уметнички вредности, беше фасцинантна и изнеандувачка, но и разочарувачка од состојбата на незаштитеност и изложеност на уништување.

1 Археолошка карта на Република Македонија.

2 Исто.

 

Димензии

на профилот со живописот

висина:     3 м

ширина:    4 м

на нишата со живописот

– посветен на св. Недела

висина:     0,60 м

ширина:    0,50 м

длабочина: 0,10 м

– посветен на св. Никола

висина:     0,80 м

ширина:    0,60 м

длабочина: 0,15 м

Дел од селото Гудјаково (Гуѓаково)
Дел од селото Гудјаково (Гуѓаково)