АрхеологијаДревни траги

ОСТАТОЦИ ОД ГРАДСКА НАСЕЛБА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МАРКОВИ КУЛИ – ГРАДОТ“, ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО

Очигледно е дека Црна Река, античката Еригон, ги привлекувала луѓето низ вековите со своите диви води, но и со своите богатства од флора и фауна, кои значеле храна и егзистенција за жителите на бројните населби кои егзистирале крај неа. Некои од ваквите населби имале и поголеми размери со карактеристики на помали градови како што се и запишани во историјата. На пример, градот Чебрен кај селото Зовиќ кој егзистирал во доцната антика и средниот век кога носи име Чемрен1.

Остатоци од стариот град со ранохристијанските цркви на највисокиот дел
Остатоци од стариот град со ранохристијанските цркви на највисокиот дел

Уште една населба со поголеми размери егзистирала и во атарот на денешното село Манастир, на левиот брег на Црна Река на платото од еден рид од чија источна страна тече Црна Река, а од северната Лисичка Река. Тоа е локалитетот наречен „Маркови Кули“ или „Градот“. На површина од околу 4,5 ха била расположена населба заградена со тврдина најмалку во доцната антика. Имено, во рамките на оваа тврдина чии остатоци и денес се зачувни на места и до височина 2-3 м се наоѓаат дури две ранохристијански цркви, чија зачуваност се смета за ретка во Македонија во димензии во кои тие останале до денес.

Остатоците од двете ранохристијански цркви
Остатоците од двете ранохристијански цркви

Кога се престојува на локалитетот „Маркови Кули-Градот“ денес се добива силен впечаток на величественост на просторот кој доминира над двете реки и околината и внесува мистично задоволство кај посетителот кое, веројатно, произлегува од необичниот дух на самиот простор кој некогаш бил исполнет со живот и со богати содржини, продукти на културата на човекот. Тоа наведува на размислување дека нашите предци кои го користеле имале изградено чувство за просторот и знаеле да изберат вистинско место за формирање на своите населби. На закосената рамнина на ридот денес можат јасно да се видат остатоците од некогашната тврдина со ѕид широк околу 1,7 м, а вниманието посебно го привлекуваат двете ранохристијански базилики на највисокиот дел во тврдината. Едната од градбите претставува трикорабна базилика, а другата е од типот на ранохристијански цркви во форма на впишан крст. До денес се зачувани значителни димензии од нивните ѕидови, на одделни места и по неколку метри ѕид во височина, со што се сметаат за најзачувани градби од раното христијанство во Македонија. Интересно е дека на само неколку километри северозападно од „Маркови Кули-Градот“, на локалитетот „Трпчева Црква“ се откриени темели од уште една трикорабна базилика од раното христијанство. Освен овие две градби по целата внатрешна површина во тврдината се забележуваат остатоци од градби во форма на темели, грамади камења и многу керамика.

Апсидата на ранохристијанската базилика
Апсидата на ранохристијанската базилика

Според археологот Иван Микулчиќ, тврдината била изградена во доцната антика (5-6 век пред н.е.) со подигање на „обѕидие од големи камени блокови делумно врзано со малтер2. Куќите биле распоредени со правилно формирани улици, а северниот дел од тврдината бил одделен со посебен ѕид со што била формирана акропола во која биле сместени двете споменати базилики и други градби. „И двете цркви останале добро зачувани до наше време, со тоа едниствени во Македонија„, вели Микулчиќ, додавајќи дека поголемата црква располагала со ѕидани колонади со арки и голем триделен прозорец во апсидата (олтарниот дел од градбата). Според него ова гратче израснало како резултат на експлоатацијата на железна руда во околината и во еден период (крајот на антиката) израснало во централно место за поширката област, односно средиште на Мариово3.

Дел од ѕидовите на помалата црква со базиликата во позадина
Дел од ѕидовите на помалата црква со базиликата во позадина

Во средниот век следува ново укрепување на тврдината „Маркови Кули – Градот“, но сега со помала површина од околу 1 ха. Ранохристијанските базилики не продолжиле да бидат во служба и во средниот век. На површината на која бил поставен градот со археолошките истражувања се пронајдени голем број керамички наоди и градежен шут, а се пронајдени и ситни наоди, како една монета на Јован Цимиски, накит од бронза и сл., кои потекнуваат од 10-12 век4.

Со поновите истражувања вршени од страна на екипа на Музејот на Македонија на чело со археологот Петар Милковиќ-Пепек, во рамките на еден поголем проект под наслов „Културното и ликовното минато на Мариово“, за локалитетот „Градот“ е утврден постар датум на настанување на тврдината со населбата, односно 4-5 век на нашата ера. Податоците од ова истражување треба да излезат во посебна публикација со споменатиот наслов на проектот.

Базиликата со апсидата
Базиликата со апсидата

Дали населбата на локалитетот „Градот“ била помал град кој егзистирал во периодот на доцната антика и средниот век во Мариово? Еве што вели археологот Иван Микулчиќ во својта книга „Средновековни градови и тврдини во Македонија“: – „Во повелбата на Василиј II од 1019 година стои дека под Мегленскиот епископ се наоѓала и црковната општина (енорија) Морихово. Не знаеме дали ова име означувало само регион или и место (крепост, ’град‘) како седиште на истоимениот регион. Како и да е, крепоста „Маркови Кули-Градок“ близу Манастир ги има сите прерогативи да биде „град Морихово“ од 10 до 12 век. Името му се должи на веројатниот иправник на овој регион Морих.5

Тешко е да се сложиме со претпоставката дека името на регионот и на евентуалниот средиштен град е резултат на претпоставена личност-управник на областа, но и без тоа држи констатацијата дека локалитетот „Градот“ би можел да биде значајна населба-град во доцната антика и средниот век. Тоа го покажуваат бројните белези и од неговата околина. Во близината на оваа населба водел и стар пат кој ја премостувал реката во непосредна близина на ридот висок 120 метри на кој е сместена тврдината, односно стариот град. Остатоци од стариот мост ѕидан со камен и малтер можат да се видат и денес на левиот брег од Црна Река. Од југозападната страна на тврдината забележливи се извесни траги од некропола која не е истражена. Во пошироката околина на локалитетот има и други траги од човечка интервенција како двојни корита за правење вино, некои кружни и други форми длабени по карпите и камените блокови и сл.

Интересно е што едно предание за култниот камен „Доќимот6 (http://www.pelagon.mk/2018/05/09) е поврзано со место кое се наоѓа на околу 100-200 метри од тврдината „Градот“, односно со местото „Светецот“ кое се наоѓа крај остатоците од стариот мост од камен кој го споменавме погоре. Денес на една карпа крај ѕидот од стариот мост стои камара со засводен горен дел изработена од малтер во која е ставена икона на св. Богородица. Дали во камарата била насликана Богородица тешко е да се каже со сигурност, но тоа е многу веројатно. Местото зрачи со мистика и околу него се плетат разни приказни меѓу рибарите, излетниците и другите намерници. Tокму од ова место, според преданието, „излегувала“ силната и убава девојка Доќа со вретеното на кое имала прешлен тежок 75 оки и со каменот „Доќимот“ на главата тежок дури 95 оки. Дали на просторот на стариот град од доцната антика и средниот век егзистирала и постара населба не ни е познато, но тоа не треба да се исклучува како можност.

Едно предание што го слушнавме во селото Дуње, кое се наоѓа на неколку километри од Градот северно од локалитетот, нè наведува да го истакнеме како значајно со тоа што упатува на името на некоја од двете ранохристијански цркви во стариот град. Имено, според преданието во селото Дуње при неговото настанување дел од жителите кои го основале потекнуваат од населбата „Маркови Кули-Градот“, а дел од некоја стара наелба кај селото Манастир. Притоа за потомци на жителите од „Градот“ се сметаат „Пречистарите“, односно оние кои и денес го слават празникот Св. Богородица Пречиста, а за потомци на жителите откај Манастир се сметаат „Светиниколците“, односно празнувачите на празникот Св. Никола. Земајќи го предвид фактот дека и денес во Манастир има црква „Св. Никола“ може да се претпостави дека „Пречистарите“ во Дуње ја продолжиле традицијата од старата населба на локалитетот „Маркови Кули-Градот“ во кој егзистирала црква „Св. Пречиста“. Се разбира дека за потврдување на оваа констатација се потребни уште голем број макотрпни истражувања. А како прилог може да се земе и фактот што местото „Светецот“ и денес го носи споменот на св. Богородица.

Внатрешниот дел од помалата црква со просторот на олтарот
Внатрешниот дел од помалата црква со просторот на олтарот

За локалитетот „Маркови Кули-Градот“ е поврзано и едно старо предание кое е живо до денес меѓу жителите на околните села, посебно на селото Дуње. Тоа говори за настани кои се случиле во населбата која егзистирала на ова место во турско време и која е позната како „Лисиче“.

-„Некогаш во турско време на местото на денешното Лисиче постоело село со исто име. Жителите на селото се занимавале со одгледување добиток и имале голем број говеда. Еден ден кога мажите не биле дома, туку биле зафатени со работа надвор од селото, од Битола во Лисиче дошле некои Турци арамии, ги собрале воловите од селото и ги спотерале за Битола. Кога се вратиле мажите нивните жени им раскажале што се случило и тие се собрале да се договорат што да преземат. Се договориле да ги престигнат арамиите на патот, да ги убијат и да им ги одземат воловите. Така и направиле. Собрани во многу поголем број од арамиите тие ги пречекале кај местото „Топли Дол“, пред селото Маково, ги убиле сите до еден за да не остане никој кој би можел да им пренесе што се случило на другите Турци во Битола и си ги вратиле воловите во селото. По настанот плашејќи се од одмазда жителите на ова село се разотишле да живеат на други места по околните села Дуње, Пештани, Вепрчани и др.7

Во друга верзија на ова предание се пренесува дека „жителите на селото Лисиче имале многу говеда и некогаш дошле извесни Турци од Битола кои купиле поголем број од нив. По продажбата жителите на селото се исплашиле дека кога Турците ќе ги отераат говедата во Битола ќе се расчуе дека во нивното село има многу говеда и ќе дојдат арамии да ги ограбат. Затоа решиле да ги престигнат, да ги убијат и да си ги вратат говедата назад. Така и направиле кога ги пречекале Турците во местото „Топли Дол“.8

Маркови Кули - Градот од југ
Маркови Кули – Градот од југ