КРАЛСКАТА ГРОБНИЦА МЕЃУ СЕЛАТА БОНЧЕ И ПОДМОЛ, ПРИЛЕПСКО ИМАЛА И ХЕРООН

Кралската гробница со хероонот
Кралската гробница со хероонот

Во еден од нашите поранешни прилози упативме на извесни траги од украсување на кралската гробница кај меѓу селата Бонче и Подмол. (Види текст: „Траги од украсување во кралската гробница меѓу селата Бонче и Подмол, Прилепско“ во рубриката „Теренски бележник“). Овојпат ќе потсетиме на еден дел од монументалниот објект – градба со правоаголна основа десно од влезот во дромосот, која веројатно била своевиден хероон посветен на кралскиот покојник.

Локалитетот „Павла Чука“ со кралската гробница
Локалитетот „Павла Чука“ со кралската гробница

Монументалната градба со големи и убаво обработени камени монолити на локалитетот „Павла Чука“ во атарот на селото Подмол веќе одамна е раскопана, но последниве години археолозите повторно и посветија извесно внимание. Покрај остатоците од киклопската градба и другите остатоци од населбата на врвот Висока, таа е уште еден импозантен објект, остаток од културното наследство на древното Пелагонско кралство. Близината и архитектонската сличност меѓу двете споменати градби со киклопска форма се силни аргументи за нивната поврзаност. Со својата монументалност, специфичната форма и архитектонската конструкција гробницата одамна го привлекла вниманието на разни истражувачи, авантуристи и трагачи по археолошко и друг вид богатство, но нејзиниот вистински археолошки инаучен третман изостанува, такаречи, до денес. Токму поради тоа, голем број елементи од оваа градба немаат соодветно и поцелосно објаснување кое, веруваме, ќе биде предизвик на голем број археолози во иднина. Со неколку ископувања, кои беа извршени од страна на Институтит за археологија од Скопје и Заводот и музеј од Прилеп, под раководство на д-р Антонио Јакимоски, сепак беа откриени нови делови од овој археолошки објект од врвно културно значење. Таа според Јакимоски е „уникатна гробница во светски рамки“ (ПОРТАЛ: МКД – MKD.mk).

Пред влезот во гробницата
Пред влезот во гробницата

Кралската гробница се наоѓа на околу 3 km југоисточно од селото Подмол и околу 4 km јужно од селото Бонче. Речиси е сигурно дека оваа гробница, по своите димнезии, формата и елементите од кои е изградена, му припаѓала на некој висок достоинственик, односно, крал на Пелагонското кралство, со население познато како Пелагонци. Корените на овој етнички елемент се сре ќа ваат уште во најстариот пишан документ на Балканот, Илијадата од Хо мер каде, меѓу другото, се споменува и името на епонимниот херој на Пела гонците, Пелегон (Пелагон), кој му бил татко на еден од јунаците од Тро јанската војна Астеропај, водач на Пајонците, племе кое, исто така, потекнува од територијата на Македонија, (долното течение на Вардар, која во тоа време се вика Аксиј, како и Халкидичкиот Полуостров) кој загинал во дуел со најпознатиот јунак меѓу Ахајците, Ахил.1 Всушност, Пајонците и Пелагонците живееле на територии кои граничеле меѓу себе, а постојат мислења дека и Пелагонците се пајонско племе, односно, дека се работи за племиња со заеднички корен. Всушност, ако се има предвид запишаното кај Хомер, Пелагонците се постаро племе, а од нив потекло водат Пајонците чии водач Астеропај е потомок на Пелагон,2 епонимниот јунак, односно, легендарниот крал на Пелагонците, Пелагон. Тоа укажува на старо пелагонско кралство и стар пелагонска култура, чии траги денес ги среќаваме на територијата на денешната рамница Пелагонија, на просторот на ридестата област Мариово, како и на областите кои граничат со нив.

Влезот со дел од кружниот ѕид
Влезот со дел од кружниот ѕид

Гробницата меѓу селата Бонче и Подмол е расположена на падините на Селечка планина, на самиот раб на Пелагониската рамнина. Таа е засечена во понискиот дел од падините на планината, а по својата форма се вредува во типот маке донски гробници кои, како објекти за погребување на богатите слоеви од опште ството, се користеле во периодот од IV до II век пред нашата ера. Гробницата за која овде станува збор била изградена со дромос (ходник) долг 20 m, широк 2,15 m, а висок 2,95 m, целиот изграден од големи камени монолити, односно добро обработени блокови од камен, меѓу кои и такви кои достигаат и до 3 m должина.3 Дромосот, кој најпрво бил засечен во карпестата површина, има полукружна, сводеста форма од добро монтирани камени блокови од цврст домороден камен и води во гробната комора која била, исто така, просторија засечена во карпеста површина и, исто така, изградена од големи, убаво обработени, камени бло ко ви, но од поинакво потекло, односно, бигорен камен. Нејзините димензии се впе чатливи. Просторијата засечена во камен, во која била изградена гробната комора е долга 8 m, широка 6,60 m и висока 5,60 m.4 Гробната просторија е со правоаголна форма и била изградена во големата просторија асечена во камен. Од нејзината јужна страна во неа водат скали, исто така засечени во карпата, а потоа преку помал ходник имало влез во внатрешната просторија. Всушност, ходник имало околу целата погребна просторија, а имала и посебен влез, односно врата со два мермерни довратници, кои и денес се наоѓаат во близина на влезот. Тоа го отвора прашањето каква врата имала гробната просторија (комората) и дали истата не била со обработка и од материјал кои биле интересни за дамнешните ограбувачи.

Гробницата со остатоците од хероонот од јужната страна
Гробницата со остатоците од хероонот од јужната страна
Хероонот со зачуван основа од североисток
Хероонот со зачуван основа од североисток

Вратата, според длабнатините на мермерните довратници, била дво крилна. Целата гробница била скриена со слој на земја кој бил нафрлен над градбата и на тој начин се добила форма на тумба со пречник од 30 метри.5

Неодамна археолозите открија уште еден архитектонски дел од гробницата, кој беше вистинско изненадување. Целата градба на гробницата била заобиколена со кру жен ѕид од големи и добро обработени камени блокови од домашен камен, со пречник од 30 m. Археолозите овој наод го окарактеризираа како своевидна сензација, но ако се знае дека во тие периоди погребувањето под тумули оградени со кружен ѕид е широко распространета традиција, кружниот ѕид од големи камени монолити на кралската гробница не треба да зачудува.

Со последните ископувања, се чини, дека на видело излегуваат и нови елементи од монументалната градба. Од десната страна на велзот во дромосот се појавува основа и на една правоаголна градба, која била залепена до кружниот ѕид. Таа, исто така, била изградена од големи камени блокови со правоаголни страни и, се чини, подоцна била разрушена. Голема е веројатноста дека таа претставувала своевиден хероон со впечатлива форма и кралски обележја (можеби и скулптура на нејзиниот врв). Подоцна, констуркцијата била срушена, а дел од камените блокови однесени и употребени за друга намена. Извесен број од нив сепак стојат растурени на самото место. Интересно е дека во рамките на правоаголната основа е пронајден, најмалку, еден од подоцнежните гробови од типот циста, кои биле распоредени околу кралската гробница, особено во близина на влезот во дромосот. Сосема е веројатно дека слична конструкција, со слични обележја, имало и од левата страна на дромосот, кои играле чувари на гробницата и кралскиот покојник.

Дел од основата на хероонот и камеи блокови покрај крузниот ѕид
Дел од основата на хероонот и камеи блокови покрај крузниот ѕид
Положбата на хероонот крај кружниот ѕид
Положбата на хероонот крај кружниот ѕид

Гробницата е отворена и ограбена од непознати лица уште пред Првата светска војна, а во 1936 година српскиот археолог Никола Вулиќ вршел ревизионистички истражувања. Современици на археолошките истражувања на Никола Вулиќ од село то Подмол, кои учествувале во ископувањето, тврдат дека најпрво бил расчистуван дромосот на гробницата, а кога се дошло до комората работниците биле отстранети. Притоа се тврди дека била товарена запрежна кола од затворен тип, а во неа не знаеле “што нема”. Таквиот товар отишол во непознат правец. Оваа информација е тешко да се потврди, но тврдењето на археолозите дека нема никакви наоди од гробницата е мошне чудно. Дали некој ги крие наодите кои можат да потврдат кој бил погребан во една ваква гробница со кралски димензии?

Уште во претходниот период е срушен таванот на гробната просторија и голем дел од камените блокови се одвлечени од жителите на блиските села и употребени за современи град би. Поради ваквите деструкции, извршени на оваа монументална гробница денес не среќаваме никакви содржини кои, евентуално, биле пронајдени во неа.6 Токму тоа не дава можност да се каже нешто повеќе за нејзината припадност, односно за тоа кој бил погребан во неа и какви дарови му биле приложени на покојниот во гробната комора. Мајсторската изработка на ходникот кој е зачуван, речиси, во целост, покажува на едно време на исклучително богатство каков што било времето на IV век п.н.е. Тоа е и времето кога областа Пелагонија во која спаѓал и дел од Мариово била посебно кралство со кое раководел кнез, басилеј или крал. Токму на таква личност упатува и гробницата меѓу селата Подмол и Бонче со својата монуменаталност и архитектонската естетика.

 

1 Хомер, Илијада, превод Михаил Д. Петрушевски, Македонска книга, Скопје 1982, XXI песна, Рап со дија П, „Патроклово

одликување“ песна XVI, почетни стихови и Бој крај реката, стих: 153–160. 358.

– „синот на Пелегона, што широкострујниот Аксиј г’еднаш с’ Перибоја родил, најстарата ќерка од оној Акесамен, зар Токот ја обљубил длабок и вирест.“

2 Исто.

3 Прилеп и Прилепско низ историјата, Прилеп 1971, 41, 42.

– Димензиите на гробницата изнесени во книгата „Прилеп и Прилепско низ историјата“ не се сосема точни. Со најновите археолошки истражувања се утврди дека гробната комора била најпрво издлабена во карпа, а потоа во во таквиот објект бил изграден ѕид со камени блокови. На тој начин просторијата за погребување има помали димензии. Прстенот кој ја обградува гробницата има пречник од 32 m.

4 Исто. Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Arheološko društvo Jugoslavije, Arheološki muzej–Skopje, 1966, 62, 63.

5 Исто.

6 Извесен фрагмент од саркофаг, откриен при едно од ископувањата од времето на СФРЈ, сепак, се споменува.