ВОЈВОДАТА ДИМЕ ЧАКРЕ ОД ПРИЛЕП

Диме Чакре од Прилеп е еден од најистакнатите војводи во Прилепско од втората половина на деветнаесетиот век, кој со својата чета се движел во поширокиот крај и ги гонел и ликвидирал големите злосторници уште пред формирањето на Револуционерната организација во Македонија. За жал, до денес, нема многу податоци за неговиот живот пред неговото појавување како војвода во Прилепско и околните места, како што се Битола, Крушево и Демир Хисар.

Диме Чакре потекнувал од угледното прилепско семејство Чакревци, кое води потекло од селото Полчиште, кое се наоѓа во областа Мариово. Според преданието и постарите автори, Мариово во турскиот период имало посебни привилегии во империјата, а семејството Чакревци имало старо наследно право на старешинството над областа Мариово. Ова право, тие го ползувале се до 1870 година, кога е убиен последниот земски кмет на Мариово Трајко Христов Чакрев.

„Населението на Мариово ги користело, споменатите привилегии, до околу половината на изминатиот век (19, з.м.). Последниот мариовски земски кмет бил Трајче Чакрев, кој е убиен во текот на 1870 г. по наредба на прилепскиот кајмакам Расимбег.“ 1

Црквата во с. Полчиште

Диме Чакре, како и неговиот брат Мијајле, потекнувал од брат на Трајко Чакрев, Наумче, кој веќе живеел во Прилеп. Тој работел кај неговиот роднина Никола Кондов, како писар. Според пишувањето на Константин Кондов, семејството на Кондовци, по машка линија потекнувало, токму од мариовското семејство Чакревци.

Трајче Чакрев и брат му Наумче Чакрев се блиски роднини на татко ми, по машка линија. Последниот живеел во гр. Прилеп и бил на работа кај татко ми како писар (ќатип). Татко ми го викаше стрико Наумче. Легендарните прилепски јунаци Диме и Михаил Чакреви биле родени синови на дедо Наумче Чакрев.“ 2

Освен погорекажаното, според спомените на Констатнтин Кондов, од семјството Чакревци, освен Кондовци, потекло воделе и повеќе други прилепски семејства, како Беломареви и Мрмеви, а во сродство биле и поголем број други угледни семејства.

Селото Полчиште

Прадедо ни Стојан води потекло од ЖутовциЧакревци, преселени во гр. Прилеп од селото Битолишта (Мариовско) (Витолиште Кондов Витолишта го именува како Битолишта, а веројатно е дека немал најточни информации за потеклото на Чакревци, кои според нашите сознанија водат потекло од соседното село Полчиште, з.м) каде татковците и дедовците им биле наследствени ’Земски Кметови‘. Тој бил женет за убавата мариовка Бела Мара, од која имал три синови: Илија, Христо и Најдо, кои после станале родоначалници на трите одделни семејства: Кондови, Мрмеви и Беломареви.“ 3

Според пишувањето на Константин Кондов, браќата Чакреви биле вклучени и во активностите за подготовка на четата на Спиро Црне за ликвидирање на турскиот силник Чучук Сулејман. Имено, тие учествувале во акција за обезбедување оружје за четата. Акцијата ја организирал татко му на Константин Кондов, Никола Кондов, во мај 1880 година. Тој организирал гостење на голем број видни Турци и Македонци од Прилеп, во неговата воденица, која се наоѓала источно од градот. На седенката биле присутни и кајмакамот, кадијата, малмудурот, полицискиот мудур, началникот на поштата и други видни турски и македонски граѓани. По обилното јадење и пиење, гостите длабоко заспале, а за тоа време Спиро Црне и браќата Чакревци, им го собрале оружјето и се изгубиле во непознат правец. 4

Крушево со Христо поп Стефанов од Сопотница

Според пишувањето на Никола Киров Мајски, Диме Чакрев бил познат како војвода уште пред 1880 година. Тој уште во 1878 година бил испратен во Македонија од страна на тн. Владички комитет, заедно со уште неколку познати војводи, како што биле Илија Делија, Ангеле Церанецот и Мијајле Величанчето. Тие со своите чети требало да работат на формирањето револуционерна организација и подготовка на народот за општо востание во Македонија. 5 Доаѓањето на Диме Чакре, особено со радост било дочекано во револуционерното Крушево. Еве што вели за тоа самиот Мајски: Една вечер, во зимата 1878 година двајца селани, облечени во долги кожуфи, какви што носат селаните од прилепското поле, тропнале на вратата на поп Христо Попстефанов. Селаните биле водени од Атанас, братот на Поп Христо. Овој многу се израдувал кога разбрал дека ќе му гостуваат комитите Диме и Мијајле Чакреви, кои штотуку пристигнале од Бугарија со апостолската цел. Тој му рекол на својот брат да ги забавува гостите до неговото враќање, а на попадијата му рекол да подготви најубава вечера. Потоа како фурија се спуштил по скалите и излегол на улицата.“ 6

Попот Христо отишол кај бакалот за да набави најубаво винои ракија синџирлијаза неговите гости. Бакалот, Боце Бојаџија, насетил за какви гости се работи и го замолил и самиот да присуствува на средбата и да се запознае со нив. На средбата со комитите кај Поп Христо присуствувале и неговите другари Ицо Карев и Никола Ковачот.

Надгробниот споменик на Степан Стојков

Од радост цела ноќ не спиеле. Цела ноќ разговарале и не можеле да се наситат од разговорот. Диме ги открил плановите на Владичкиот комитет, кој го испратил да ги револуционизира масите во Крушовската околија и да создаде услови за едно општо востание. Чакрев од таа мала група на крушовски родољупци ја создал првата револуционерна јатка, која за првпат положила заклетва пред нож и пушка.“ 7

Прилепчанецот Диме Чакре, во 1881 година, формирал чета од 9 души и се обидел да направи поширока и поорганизирана акција за борба против турскиот режим и зулумџиите, кои во тоа време се намножиле. Тој бил искусен борец, кој учествувал во Руско–турската војна на страната на Русите, каде бил дури и одликуван со руски медал за храброст. 8 Потоа се засолнил во градот ќустендил и оттаму во 1880 година дошол со чета во Прилепско, каде што имал намера да прави повеќе терористички напади за да го одржува актуелно прашањето за Македонија и за ослободување на македонскиот народ. 9 При враќањето со чета во Прилепско Диме Чакре, според Георги Трајчев, работел под директни инструкции на Димитар Ризов, кој бил почесен член на руското конзулство и раководел со работите на Егзархијата. Покрај тоа, како што пишува во своите спомени и Ѓорче Петров, тој се обидувал независно од Егзархијата, преку бугарската влада да дејствува за добивање нејзина поткрепа за отворање нови училишта во Македонија. Тоа го правел заедно со уште еден прилепчанец, Методи Кусев, со кого се обраќале директно до владата во Софија. Резултатите од таквите напори било отворањето најпрвин на второкласно училиште во Битола со ученици од Прилеп (бидејќи во Битола немало второкласници), а подоцна, со заложба на Кусев, во Прилеп се формирало и третокласното училиште. 10

Интересно е што во пишувањата кај Георги Трајчев, во неговата книга „Град Прилеп“, во случајот со војводата Спиро Црне, Димитар Ризов го наведува како трговец од Битола со кого турската власт ја довела во врска и дејноста на четата на војводата Диме Чакре. Овде пишува за неговата инструкторска функција, поврзана со терористичките акции на Чакревата чета. 11 Благодарение на врските со Димитар Ризов, Диме Чакре, кога турската власт го гонела поради неговата комитска активност, и постоела опасност да биде фатен, често се засолнувал и во Рускиот конзулат во Битола. За тоа, веројатно, му користело и неговото учество во Руско–турската војна, што завршила во 1880 година, каде што добил и руски медал за храброст.

По мирот и дадената широка амнестија од страна на султанот, дома во градот Прилеп се вратиле Спиро Црнев, браќата Диме и Михаил Чакреви, Тодор Бочваров и други, кои како доброволци и ополченци зеле учество во војните во Србија, под Стара Загора и на шипка. Споменатите за покажаните воени заслуги биле наградени со рускиот георгиевски крст за храброст и со уште многу српски, црногорски и бугарски ордени.“ 12

Крушево денес

1 Константин Н. Кондов, Спомени, 3.

2 Константин Н. Кондов, Спомени, 3.

3 Константин Н. Кондов, Спомени, 2.

4 Константин Н. Кондов, Спомени, 2.

5 Никола Киров Мајски, Епопејата на Крушево, приредил Никола Јованоски, НУ Историски музеј Крушево, Крушево 2009, 159, 160.

6 Исто, 162.

7 Исто.

8 Прилеп и Прилепско низ историјата, Институт за национална историја – Скопје, Прилеп 1971, 244. Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска Библиотека, Софија 1925, 211.

9 Според Никола Киров Мајски, Диме Чакре во Ќустендил се оженил за Турчинка. Тој, исто така, споменува дека во овој град се запознал со „комитите на дедо Натанаил“ и потоа се префрлил во Македонија за да се оддаде на „апостолската дејност“ (Види: Н. К. Мајски, Епопејата…, 150.)

10 Спомени на Ѓорче Петров, Научен институт за национална историја на македонскиот народ – Скопје 1950, 13–14.

11 Георги Трајчев, Град Прилеп, 210–211.

12 Константин Н. Кондов, Спомени, 5.