ТРАГИ ОД УКРАСУВАЊЕ ВО КРАЛСКАТА ГРОБНИЦА МЕЃУ СЕЛАТА БОНЧЕ И ПОДМОЛ, ПРИЛЕПСКО?

ТЕГУЛИ СО ФЛОРАЛНО УКРАСУВАЊЕ

При салучајна посета на монументалниот и, по многу карактеристики, единствениот археолошки споменик – кралската гробница меѓу селата Бонче и Подмол, Прилепско, во просторот кој го зафаќа погребната просторија, забележавме два фрагменти од антички тегули, на кои се среќаваат специфични украсни форми. На едниот фрагмент, кој зафаќа, приближно, квадратна форма, на едната страна се среќаваат боени или втиснати форми на листови, гранчиња, рецки и слични форми, распоредени на оголем дел од површината, кои упатуваат на украсување со флорални мотиви. Слично украсување или отисок, се среќава и на другиот фрагмент од тегула, но само на еден од рабовите, како и на самиот раб на тегулата. Двата фрагменти биле добро испечени и со нагласена црвена боја. Дали се работи за траги од украсување на внатрешниот дел на погребната просторија во кралската гробница?

Во консултација со наши стручни соработници добивме начелно мислење дека се работи за „врежани или втиснати, форми“, како и „фитоморфни намерни заресци“, но дека е потребна посодветна анализа и истражување.

Освен споменатите експонати, забележавме и еден конструктивен момент, односно, дека погребната просторија, која била симетрично поставена во средината на поголема просторија засечена во масивна карпа, била изградена, исклучиво, од  бигорен камен од (барем за нас) непознато потекло. До ваквата просторија се пристапувало по посебни скали, врежани во југозападниот профил на поголемата просторија, засечена во карпа.

Инаку, познато е дека другиот дел од гробницата, големиот дромос со сводеста форма, кружниот ѕид, кој ја обиколува целата градба и некои други делови, биле изградени со големи камени блокови од поцврст камен, веројатно, од домородно потекло, но се среќаваат и поголем број камени блокови – елементи од градбата, од бел мермер.