КАКО ЗАГИНА ПРИЛЕПСКИОТ БОРЕЦ ЗА СЛОБОДА НА МАКЕДОНИЈА БОЈАН МИЛЧИН

Во македонската историја има голем број борци за слобода и независност, кои го дале својот живот, а се речиси непознати или сосема малку познати за пошироката јавност. Еден од нив е и Бојан Милчин од познатото прилепско семејство Милчиновци. Тој во 1903 година бил комита во четата на Прилепскиот војвода Христо Оклев – Попето. Војводата Христо Оклев Попето од Прилеп со неговата чета, на 10 мај 1903 година,1 направил обид за ликвидирање на злосторникот Булиман ага, кој бил полјак во прекуридските села и имал кула во селото Царевиќ. Според историските пишувања, Христо Оклев Попето, веројатно, по налог на прилепскиот околиски војвода Петре Ацев, кој во тоа време присуствувал на Смилевскиот конгрес, со својата чета отишол во близина на селото Никодин, Прилепско и таму подготвил заседа за Булиман и неговата злосторничка дружина.2 Според информациите со кои располагала четата Булиман со дружината требало да помине токму тука, а како што вообичаено јавал на својот коњ пред својата вооружена гарда четниците и овојпат сметале на тој факт и кога турската група гонители се појавила на местото пред заседата тие припукале и веднаш го убиле првиот во колоната. Среќата повторно му била наклонета на Булиман ага. При овој напад на чело на неговата дружина јавал извесен гаваз кој бил највисок од сите нив и се викал Долг Шериф. Токму тој и бил убиен кога припукале четниците од заседата. Булиман ага јавал на крајот на колоната и тоа на магаре. Кога ги слушнал пукотниците тој веднаш возвратил со пукање од неговата пушка и го убил прилепчанецот Бојан Милчин кој дошол во четата на Христо Оклев Попето со намера да помогне во ликвидирањето на крвникот Булиман3 од кого на многумина во Прилепско им здодеало. За овој прилепски борец против турските насилници Тодор Адамов, меѓу другото, вели: … Бојан Милчин беше еден од преданите работници на делото и чесно ѝ служеше на татковината… Тој се здружи со четата на Христо Окле, кој имаше задача да ја ликвидира бандата на Булиман, што долги години палеше и жареше низ Прилепско. Бојан Милчин падна убиен во месец мај 1903 година крај с. Никодин, Прилепско.“4 Убиениот прилепчанец Бојан Милчин е предок на семејството Милчиновци од Прилеп.

Селата Ракле и Никодин

Од членовите на ова семејство може да се слушне малку поинаква приказна за загинувањето на нивниот предок Бојан Милчин. Според нивното раскажување на денот на нападот на четата на Христо Оклев врз дружината на Булиман ага, Бојан Милчин истапил од своето засолниште и го предизвикал Булиман ага на двобој, но Булиман не се одзвал на ваквиот смел повик, туку пукнал од својата пушка и го убил предизвикувачот на бескрупулозен начин. По убиството Бојан Милчин бил закопан на местото каде што загинал, а подоцна неговата роднина Зака, која исто така, била прилепчанка, исклучително смела жена, која шетала вооружена со револвери, ги извадила неговите коски од првобитното место на неговото погребување и ги пренесла во гробиштата во Прилеп каде и денес почива храбриот комита Бојан Милчин.5

Битката се случила на 10 мај 1903 година и во неа учествувале 33 комити, а на страната на Булиман имало 13 Турци.6 Според пишувањето на Георги Трајчев, во споменатата битка со Булиман ага и неговите гавази, лесно бил ранет и војводата Христо Оклев, кој во јуни истата година загинал во борбата во Алинската Корија, кај селото Алинци, Прилепско.7

 

Кон Никодинско
Од „Ножот“

[1] Г. Трајчев, Град Прилеп, 236.

2 Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид (крај на XIX почеток на XX век), Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 89.

3 Исто. Г. Трајчев, Град Прилеп, 236.

4 Исто.

5 Раскажано од Владимир Милчин. Во семејството Милчиновци се задаржала традицијата на името на загинатиот комита и денес има потомок на Бојан Милчин, кој го носи неговото име. Современиот Бојан Милчин живее во Скопје.

6 Г. Трајчев, Град Прилеп, табела на битки до востанието, 236.

7 Исто, 237.