МОЈОТ ГЛАС

(Од необјавената поетска збирка „Кучешко време“ – десетти дел, „Ода за кучињата“)

Мојот глас исчезнува

во громогласен лаеж

на бесни кучиња.

Се пробива низ метеж

од оклештени вилици,

смртно остри песјаци

и долги исплазени јазици.

Де возвишува небесно,

де паѓа приземно,

и сосема траумно

низ жешка пена кучешка

и реа морничава

титански се извива.

Трпение, трпение,

ќе папсаат кучињата,

грлата ќе им засипнат

ќе се разлее тишината за гласот на светлината.