Речен рак или Европски речен рак (Astacus astacus)

Живее во слатки води, односно во речни води, рак од семејството Astacidae. Надвор од Европа се среќава само во Мароко. Достигнува должина до 15 см и ретко се среќава во поголема должина, иако можат да се сретнат примероци и со должина од 20 см. Може да достигне тежина од 200 до 250 гр.  Обично има кафеава боја, но има речни ракови и со поинаква боја, зависно од боите на околината. Од езерскиот рак се разликува по тоа што има пошироки штипки.

Речното ракче од Ореовечка Река - изгледа безживотно, надвор од водата
Речното ракче од Ореовечка Река – изгледа безживотно, надвор од водата

Речниот рак може да се сретне во реки со песокливо или каменесто дно, а најпогодни за него се водите, кои содржат од 5,4 до 9,1 mg/l кислород и имаат температура од 17 до 18 ˚C, а можат да се прилагодат и на води со температура од 4 до 28 ˚C.

Речното ракче од Ореовечка Река - изгледа безживотно, надвор од водата 2
Речното ракче од Ореовечка Река – изгледа безживотно, надвор од водата 2

Периодот на размножување на речниот рак е во октомври и ноември. Оплодувањето и ложењето на јајцата се одвива во период од 2 до 45 дена, а развивањето на ембрионот продолжува во рок од 6 месеци. По излегувањето од лушпите на јајцата, малите ракчиња, по ликот се исти како возрасните индивидуи. Во првата година малите ракчиња ја менуваат својата обвивка од 4 до 7 пати, а со возраста менувањето на обвивката се намалува. По менувањето на старата обвивка, додека да се зацврсти новата обвивка, ракчињата се кријат во своите засолништа. Доколку хидролошките услови во кои живеат се констатнтни, односно, без големи промени, ракчињата живеат на едно место и ретко мигрираат. Се хранат, главно, со растенија, а малите ракчиња се хранат со зоопланктон. Непријатели на речното ракче се нурките, змиите, желките, видрите и други животни.

Во побистра вода
Во побистра вода

Најголема разновидност на речното ракче се појавува во Скандинавските земји, каде и најмногу се употребува како хранлив продукт. Речното ракче се употребува и во македонската кујна. Ние, еден примерок на речно ракче снимивме во Ореовечка Река, кај селото Ореовец, Прилепско. Забележливо е дека неговата популација се намалува поради сушните периоди, кога се намалува количеството на вода во оваа река, а според кажувањето на постарите, во минатото реката била богата со речни ракови, додека денес, нивната популација е намалена. Него можете да го сретнете и во другите слични реки од пошироката околина, како и во цела Македонија.