ОСТАТОЦИ ОД УТВРДУВАЊЕ И КОМПЛЕКС ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА И ДРУГИ ГРАДБИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО ВРПСКО, ПРИЛЕПСКО

Следејќи ги археолошките остатоци од раното христијанство, односно, доцната антика, може да се констатира дека во овој период областа Мариово била исклучително населена и располагала со голем број градби со впечатлива архитектура. На тоа посебно укажуваат големиот број утврдувања од тоа време на повеќе места во Мариово и исто така остатоците од ранохристијански цркви кои се среќаваат низ целиот простор на оваа живописна област. Некои нејзини делови располагаат дури и со неколку ранохристијански цркви на релативно мал простор. Ова посебно се однесува на областа во која се расположени селата Дуње, Пештани, Кален и Вепрчани каде се констатирани и трикорабни ранохристијански базилики.1

Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од источната страна со импровизиран трем
Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од источната страна со импровизиран трем

            Траги од ранохристијанска црква има и во атарот на селото Врпско на локалитетот „Градиште“, кој се наоѓа на околу 1,5 км северно од селото на една впечатлива тумба покриена со реткото дрво тиса, кое овде не се експлоатирало од страна на жителите на Врпско, заради фактот што ова место се смета за имот на манастир. Денес на тумбата егзистира скромна камена градба од камен и кал, покриена со салонитни табли, која ја претставува црквата „Св. Харалампие“.2 Во рамките на градбата може да се забележи и еден елемент од бел камен, кој претставува прозорско мено3 карактеристично за ранохристијанските црковни градби. Освен овој архитектонски елемент, на горната површина на тумбата „Градиште“, се среќаваат и остатоци од темели од други градби, а според остатоците од поширок ѕид од јужната страна на тумбата, јасно е дека нејзината горна површина била заградена со поголем ѕид од камен. Освен највисокиот дел од тумбата, обѕидани биле и неколку пониски површини – земни тераси од западната и југозападната, како и од севрозападната страна. Со тоа, површината која била заштитена со ѕид од камен е зголемена и зафаќа до 0,1 ха.

Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од југозападната страна
Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од југозападната страна

Во внатрешниот простор, кој бил заштитен со ѕид имало поголем број градби, кои веројатно биле распоредени околу ранохристијаската црква, која се наоѓала на највиоскиот дел на тумбата, каде денес ја среќаваме скромната импровизирана црквичка. Остатоци од такви градби се забележуваат од југозападната, како и од јужната и источната страна на зарамнетата површина на тумбата. Остатоците од градбите, особено се забележуваат на местата кои ги раскопале трагачи по скриени богатства и археолошки предмети. Каменот од обѕидието се распаднал и денес го забележуваме растурен по падините на тумбата, но јасно се следат темелите на утврдувањето.

Партија од ѕид од извесна градба
Партија од ѕид од извесна градба

На површината на тумбата можат да се сретнат и фрагменти од керамички садови, питоси, градежна и покривна керамика и сл. Не се ретки устинки од керамички садови, рачки, дна од питоси и сличен археолошки материјал, кој исто така упатува на доцната антика и раното христијанство.

Прозорско мено - оштетено
Прозорско мено – оштетено

Тумбата „Градиште“ се издига високо над долината на Црна Река, стрмна е од сите нејзини страни и, веројатно, токму поради нејзината форма и местоположба била избрана за изградба на комплекс од градби кои имале посебна намена во еден период од културата на овој простор.

Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од североисточната страна
Денешната градба на црквата „Св. Харалампие“ од североисточната страна

            Имајќи предвид дека доцната антика е констатирана и на локалитет „Грамос“,4 кој од Градиште е оддалечен најмногу 2 км, не е исклучено дека двата локалитета биле во извесна заемна поврзаност и биле дел од вкупната структура на поширокиот простор, која егзистирала во тоа време. Ваквата археолошка слика не упатува на завидни содржини од овој период во атарот на селото Врпско, кое се наоѓа на падините на високиот десен брег на Црна Река. За локалитетот „Грамос“ се знае дека зафаќа многу поголема површина на која се среќаваат остатоци од разновиден археолошки материјал од повеќе периоди, како и големи коиличества на градежен камен, голем број остатоци од градби и сл. Познато е дека христијанската религија за рамноправна со другите религии е призната во 313 година со Миланскиот едикт издаден од царот Константин, а со императорот Теодосиј (379-395) во 380 година, таа е призната како единствена државна вера. Она што на просторот на Македонија се среќава како структура од христијанската религија од тоа време укажува на раширеност на оваа вера во раното христијанство. Тоа не е исклучок ниту во Мариово каде се среќаваат бројно остатоци од ранохристијански градби, меѓу кои и поголеми ранохристијански базилики како што се трикорабните. Христијанската архитектура, веројатно е засилена за време на царот Јустинијан II (525-565), кој на просторот на Македонија ја формира и првата архиепископија позната како Јустинијна Прима, која станува второ жариште на христијанската религија во Константинопол (Цариград). Неодамнешните откритија на петкорабна базилика со придружни објекти, мозаици и живопис на просторот кој подоцна се издигнала Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ укажува дека Лихнидос (денешниот Охрид), заедно со другите големи градови од тоа време во Македонија – Стоби кај Градско, Хераклеја кај Битола, Керамие кај Прилеп и целата територија на Македонија во времето на доцната антика, односно раното христијанство, преставувала земја со високо развиена христијанска култура.

Кадилница од некое подалечно активно време на црквата
Кадилница од некое подалечно активно време на црквата

            Интересно е да се напомене дека црквите чиј патрон е св. Харалампие не се особено многубројни во поширокиот простор, но овде, во областа Мариово, остатоци од такви цркви среќаваме на повеќе места. Една помала новоизградена црквичка има во селото Витолиште,5 кое се наоѓа на околу 12 км јужно од Врпско, а култно место, поврзано со истиот светец има и на левиот брег на Црна Река, во атарот на селото Чаниште, каде исто така, среќаваме и поголема површина заградена со дебел ѕид од камен.6

ОСТАТОЦИ ОД ГРАДБИ И ДРУГИ СОДРЖИНИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ

КЕРАМИКА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 185–188.

2 Исто, 67–69

3 Исто.

4 Исто, 66.

5 Исто, 58, 59.6 Исто, 123–125.