ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (2)
КАМЕНА ЗГРАДА ОД ТУРСКИОТ ПЕРИОД НА УЛИЦАТА „КРУМЕ ВОЛНАРОСКИ“ – „ЦАРИГРАДСКА“
Да се вратиме на суштината на темата!
Слични згради во Прилеп се уништени и во годините наназад. Некои од нив од истиот период од кој потекнува објектот од темата со овој наслов под број 1. Еден таков објект е уништен на улицата „Круме Волнароски“, на самиот нејзин почеток. Се работи за зграда со приземје и кат, долга околу 15 и широка околу 8 m, расположена на аголот од улицата, на нејзиниот почеток зад Градска Кефеана. Нејзиното приземје е изградено со комбинирање на обработени камени блокови и печени цигли, а спратот од печена цигла. Тој дел од градот располага со неколку руинирани стари дуќани, како и поголем број семејни градби. Некои од старите занаети беа присутни во овој дел до пред неколку децении, како што беше една самарџиска работилница од семејството, Самарџиовци од населбата Варош, една берберница и други слични, денес, непостоечки дуќани. Ваквите урбанистички содржини упатуваат на фактот дека овој дел од градот, на извесен начин и припаѓал на старата чаршија иако, тој денес, не е заштитен како нејзин дел (ако, воопшто, некој дел од овој Споменик на културата, на кој било начин, е заштитен). Всушност, тој бил значаен дел од градот, како од стопански, така и од општествено културен аспект, особено за турскиот период, како дел од турското маало, кое опстанало до педесетите години на минатиот век.

Градбата за која, овде, станува збор, веројатно е стара повеќе векови. На тоа упатуваат голем број белези од нејзините архитектонско-урбанистички карактеристики, како на надворешниот, така и во внатрешниот дел. Во извесен период од нејзиното постоење, надворешната фасада на градбат била обоена во темносина, до виолетова боја, а со неа биле покриени и некои од нејзините постари белези, како натпис на извесен дуќан и градежниот материјал – камени блокови, меѓу кои има и посебно оформени, особено на некои од аглите или при влезот во дворот на зградата.

Интересно е тоа што, некои од денешните соседи од постара возраст тврдат дека улицата на која се наоѓа оваа градба, во турскиот период, се викала „Цариградска“. На нејзиниот влез од источната страна, односно, од страната на улицата „Круме Волнароски“, на средината на објектот, на приземјето, имаше влез затворен со врата со две железни крила со по една апликација на сончев симбол, односно, таканареченото македонско сонце со 12 краци и розета во средината, односно, ѕвездата од гробницата на Филип II од Кутлеш, во егејскиот дел на Македонија. Пред околу 1 деценија исчезнаа и вратите и симболот. Овие железни врати беа слични на вратите, кои се среќаваа (две-три се сочувани и до денес, но во опасност од исчезнување) уште на неколку градби од централниот дел на градот, за кои има извесни сознанија дека потекнуваат од 19 век, односно, од преродбенскиот период.1 Вратата била влез за извесен дуќан или магацин за трговска стока уште во турскиот период, а според симболите од самата врата и нејзиниот надвратник и фронтонот, таа продолжила да служи за слична намена и во следните периоди. Интересно е тоа што на оваа врата, до неодамна, можеа да се документираат неколку симболи од различни периоди, па и култури. На сводесто обработениот дел од фронтонот, на неговиот највисок дел, се среќава симболот на Турција, полумесечина со петокрака, а од двете страни на овој симбол, сводот е украсен со врежани растителни форми. Веќе го споменавме симболот од двете железни крила со македонскиот симбол, кои го затвораа влезот од камени довратници и надвратник, а во фронтонот на надвратникот се среќаваше плочка со натпис од поново време, веројатно од времето на српското владеење или од педесеттите години на минатиот век. Денес, се уште, може да се види само симболот со полумесечина и ѕвезда петокрака на сводестиот дел од надвратникот, но зградата е во сосема руинирана состојба и, веројатно е дека целата ќе биде срушена за изградба на нова градба.

Посебен документ претставува еден полукружен елемент на аголот на градбата од југоисточната страна, каде има влез од камени довратници и надвратник заѕидан со печена цигла, а во полукружниот фронтон над влезот натпис со арапско писмо, веројатно, име на фирма или трговски дуќан од турскиот период, а веројатно е и тоа дека на него се среќава и име на извесен сопственик на дуќанот или целата градба. Ние поседуваме само фотографија од него, а веруваме дека никој од надлежните институции не се заинтересирал да го документира и проучи, како своевиден, драгоцен документ на еден од постарите периоди на градот. Доколку е поинаку, подготвени сме да се извиниме. Колку може да се научи за градот од ваквите документи, како и од вкупната архитектонска форма на ваквите објекти можеме само да претпоставуваме. Уништувањето продолжува и прашање е дали, воопшто, ќе успееме да зачуваме нешто од стариот Прилеп.


За градбата од улицата „Круме Волнароски“, од еден од соседите добивме извесна информација дека во неа живеел извесен бег, кој бил наклонет на Македонската револуционерна организација, особено за време на Илинденското востание. Можеби неговото име се крие, токму, во натписот кој го споменавме погоре, но не сме во состојба да направиме негово расчитување, па се надеваме дка на овој начин ќе го привлечеме вниманието на некој, кој е кадар тоа да го направи. За жал, од нам достапната литература, информацијата за споменатиот бег не успеавме да ја потврдиме на соодветен начин и да разбереме за кој бег се работи, па споменатиот натпис, можеби, е надеж за негово идентификување. Сепак, можеме да потврдиме само тоа дека и овој објект од градот е потврда дека тој ги губи своите корени, односно Прилеп, намерно или ненамерно ги заборава и ги брише, а надлежните институции се „занемени“ пред овој факт.



