Е, АЛЕКСАНДРЕ
Е, Александре Велики – Македонски,
потомче Хераклов,
следбенику Дионисов,
смртници ти го валкаат името,
чинат грев,
по свое го толкуваат
подвигот по стапките Дионисови,
твојот омилен бог,
идол, кој те опседна во сонот
за слава божествена.
А беше бог за славни народи,
според делата недостижни.
Вкус на нектар божествен
те завладеа
и, вознесен,
зари копје во својата совест,
заробен од човечка слабост,
клекна пред својата лажна моќ
и посака во земја да пропаднеш,
пред мртвото тело
на својата искреност,
која ти се стрмоглави
во лицето на милиот ти другар
Клита,
па ја уби залудно,
пијан од вино и
омајан од чувство на бог,
а твојот идол и бог,
твојот лажен Дионис,
седнат на твојот престол,
те исмеа пред светот,
а најмногу
и најстрашно,
пред самиот себе.
Беше скршен, попусто,
ко кревка маслинова фиданка,
свиткана до земја,
залудно го молеше својот идол
да те спаси од беда на смртен,
во која пропадна
како во кал,
пред прекорот мајчин,
на Олимпијада,
потомка Ахилова и
поклоничка на Дионис.
Посака нејзин совет,
мајчина поткрепа,
можеби и топла прегратка
за да се исплачеш
над судбината приземна – човечка.
Ти горд цару, владателу моќен,
богу,
јавачу на коњ божествен,
на Букефала,
кој упатен од боговите,
ти се предаде само тебе
и те понесе
по стапките божји и
стапките на славата.
Преку Граник и Ис,
преку многу матни води,
на бујни реки,
грамадни планини и
мртвило од пустини,
преку војски на многу
горди цареви,
на Дариј Персиецот,
Пор Индиецот,
до фараоните,
горди,
Египетски,
до твојот татко – Бог
Амон, на Сива домаќин.
Во вечниот Вавилон,
и пребогат, со неосвоиви ѕидишта,
високите порти,
ширум ти ги отворија,
со радост, а таму
те чекаше смртта, потсмешливо.
Ти не разбра,
и смртта беше лажна
како твоето чувство за Бог,
кому бескрајно му веруваше,
а тој, толку лесно,
го прекина твојот сон
и те упокои во слава.
Подоцна, со слична леснотија,
го испрати во вечноста
и самиот Вавилон.
Не, нема по што да тагуваш,
вечноста беше во тебе,
и Универзумот – твојата цел.
Ти тргна со цел
непојмлива за смртник,
во подвиг, за него сон,
од светови да направиш свет,
од недопрени бои, виножито,
мина низ сите земни порти и
замина недопрен од пораз
и досада смртничка,
рамен на својот бог,
кој те водеше во сонот.

