АрхеологијаВечни светилишта

ЗЛАТОВРВ CO ЛОКАЛИТЕТОТ, ТРЕСКАВЕЦ, КАЈ ПРИЛЕП – СЕДИШТЕ НА БОГОВИТЕ ВО АНТИКАТА

Патот кој води од Маркови Кули кон врвот Златоврв со манастирот Трескавец е пат на свето одочастие со митски доживувања кои го поткреваат духот и внесуваат силна возбуда кај посетителите, предизвикувајќи неминовна почит кон природната и божествената надмоќ. Самиот простор среде кој е поставен овој врв, неговата единствена конфигурација и природната естетика со која зрачи се вистинска реткост на поширокиот простор на овој дел на Македонија, ако не и пошироко. Тоа, се чини, го забележале уште најстарите жители на овие простори, кои биле силно поврзани и зависни од просторот на кој живееле. Уште повеќе, фасцинантните појави и форми тие си ги објаснувале со преданија и приказни за божјо присуство или за своевидно појавување или виденија на боговите. Самиот факт што Трескавец е високо исправен, како буден чувар над широката Пелагониска рамнина во која имало населби уште во каменото време, и денес, предизвикува силна фасцинација со митски слики и доживувања. Всушност, со својата стаменост, специфичната конфигурација и „близината“ до небото овој дел од планината, Бабуна, е идеален простор за „седиште“ на боговите кои секогаш ги „избирале“ највисоките и најубавите места, особено, во антиката.

На западната страна на Маркови Кули – поглед кон Златоврв

        Самото име, „Трескавец“, буди асоцијација на врховниот бог во античката мито­логија, Ѕевс кој, како што ни е познато, бил господар на се постоечко и со молњата и громот, со кои располагал секогаш, кога сакал некого да казни, безмилосно фрлал врз него молњи и громови. Од друга страна, неговата молња имала и друго значење, односно, со фрлање молња врз одредено место, богот им давал почести на истакнати и значајни личности, обележувајќи го, на тој начин, местото на нивното почивалиште. Така, познато е од митолошките преданија, дека овој бог, со фрлање молња на гробовите на легендарниот крал на Спарта, Ликург, како и на гробот на големиот антички трагички поет, Еврипид, има направил божествена почит и ја запечатил нивната слава за вечност. (https://www.pelagon.mk/2019/02/19) Дека овој антички господар над боговите и луѓето бил присутен и на Трескавец со сопствено светилиште тешко е да се каже. Од друга страна, факт дека под Златоврв, кадешто денес е сместен манастирот Трескавец, се пронајдени бројни траги од античка населба, а констатирано е дека со овој простор „владееле“, најмалку двајца од боговите на антиката во своето време. Со неколку натписи од споменици пронајдени во кругот на денешниот манастир, „Успение на Пресвета Богородица“ се потврдува „присуството на античките божества, Аполон и Артемида. Од друга страна, постоењето на овие божества, како и на другите богови во антиката, е условено од нивното раѓање во некој од претходните периоди на цивилизацијата, на соодветно духовно ниво. Трагите од тие периоди, се чини, исто така се кријат меѓу големите гранитни монолити, меѓу пештер­ските простори, кои тие ги оформуваат и на некои од помалите и поголемите тераси на планината под Златоврв и околу него.

Култниот Златоврв

Траги од античко светилиште се пронајдени со археолошките истражу­вања на Трескавец. Според пронајдените мермерни споменици со натпис на кој се споменуваат антички богови на овој простор, веројатно постоело и античко светилиште. Всушност, светилиштето на боговите било во рамките на населбата од античко време, која, исто така е потврдена со археолошки наоди. Тоа значи дека во периодот на антиката Трескавец бил значајна населба со светилишта во која доаѓале безброј поклоненици да им принесат жртви на боговите и да ги умилостиват да бидат благи со нив и нивните блиски. Можеби корените на светоста на денешниот храм треба да се бараат токму во тоа време, ако не сосема длабоко во почетоците на кучлтурата на човекот, кога ова место, со митски амбиент, станало вистинско „седиште“ на древните богови. He e претерана, ниту, претпоставката дека овој стамен врв над Пелагонија од секогаш, во своите древни карпести форми, носел митски димензии и светост. Трагите на прастарата цивилизација од каменото време, според некои кажувања, се присутни и на самиот врв и околу него кој, според преданието, на својата највисока точка носел златно јаболко кое се гледало дури од Солун. Дали златното јаболко било своевиден ориентир во древните времиња? Од друга страна, токму, ваквиот симбол се сметал за своевиден влез во „горниот свет“, влез кон небото и сл.

Остаток од ѕид од античкиот храм во денешната црква

        Фасцинантните карпести форми на Трескавец не завршуваат со врвот Златоврв. На просторот пред него се среќаваат повеќе други карпи кои со своите форми му се наметнуваат на поширокиот амбиент. Меѓу нив посебно место зазема камениот „Лав“ со огромни размери, кој заедно со една помала карпеста форма зад него се забележуваат од поширокиот простор на Пелагонија предизвикувајќи го духот на набљудувачот на размислување за просторот на кој живееме. На грамадната карпа лав и денес се забележуваат значителни остатоци од ѕид, а околу него и на неговата горна површина има и голем број фрагменти од стара керамика. Co сите ове форми и самата географска положба овој простор, веројатно, отсекогаш го привлекувал вниманието на човекот предизвикувајќи, кај него, посебна почит кон ова место. Таквиот однос и фасцинација, на некој начин, трае сè до денес, изразено преку големиот број посети на Златоврв и светилиштето под него, кое има сосема длабоки корени на светост, кои допираат до времето на раѓањето на религијата и култовите.

Фасцинантни карпести форми – „Лавот“ и „Желката“

ХРАМ НА АНТИЧКИТЕ БОГОВИ АПОЛОН ГРОМОБИЕЦОТ И АРТЕМИДА ЕФЕСКА

        Присуството на древните богови на Златоврв на просторот на денешното светилиште манастирот Трескавец со црквата Св. Успение на Богородица е регис­трирано со дури 4 мермерни споменици1 со натписи, кои се пронајдени на тој простор. На три од нив се споменува името на богот Аполон, а на еден името на неговата сестра Артемида. Нивното наоѓање укажува на постоење древно светилиште на овој простор посветен на овие антички богови. Тоа, од своја страна, наведува и на претпоставката дека, освен трагите од древните светилишта на Аполон и Артемида, на ова место, можеби, постоеле светилишта и на други антички богови.

Фрагмент од мермерен споменик со натпис со името на Аполон Етеуданиско
Аполон

        Случајно или не, еден од спомениците со натпис на кој се споменува името на боговите и на населбата од антиката, денес стои како постамент за крстот на црквата Св. Успение на Богородица.2 Храмот, кој постоел на овој простор бил изграден на истата локација на која денес се наоѓа црквата во манастирот. Тоа се потврди и со археолошките истражувања, кои беа извршени последниве години. Остатоци од дебели ѕидови и разновиден археолошки материјал го потврди постоењето на антички храм под градбата на денешната црква. Името на богот Аполон се споменува, дури, на три натписи на мермерни споменици, додека името на Артемида на четврт споменик со, малку, подолг натпис. На една мермерна ара, која е донација посветена на богот Аполон, се споменуваат имињата Флавиа, Нике и Никандрон, а Аполон е наречен Етеуданиско, додека на една мермерна стела (надгробен споменик) натписот започнува со името на Аполон, кој е наречен Атеуданос (Громобиец), а во натамошниот текст се споменува името, Титус Флавиус Антигон кој, веројатно, е син на покојникот кому му го посветил споменикот, во името на големиот бог Аполон. И на другите три мермерни споменици, со натпис кадешто се споменува Аполон, тој е нарекуван Громобиец. Каква е врската меѓу овој негов атрибут и денешното име на христијанското светилиште под Златоврв, наречено Трескавец со што е поврзано едно друго предание? На третиот споменик, кој претставува мермерна стела, името на Аполон е, повторно, со додаток, сега Етеуданикос. Покрај името на богот се споменуваат и имињата на смртниците, Гај Пумиј Агрипа, женското име, Ана, потоа Кратева и Адимос. Името на божицата Артемида се споменува на една мермерна стела на која, таа, е наречена Ефеска, според големиот храм во градот Ефес во Мала Азија, кој ѝ бил посветен на оваа божица.

Споменик од Трескавец со името на Артемида Ефеска и Колобаиса
Артемида (Дијана) - Versailles_Leochares
Артемида (Дијана) – Versailles_Leochares

Двајцата богови од антиката, кои се споменуваат на повеќе антички споменици пронајдени на Трескавец, Аполон и Артемида, се брат и сестра, кои потекнуваат од врховниот бог во античкиот свет, Ѕевс и Лето3 која, исто така, е култ на поширок простор, во Медитеранот и пошироко. Аполон е бог на музиката, фило­зо­фијата, астрономијата, медицината, математиката и природните науки, на пророштвото и знаењето, воопшто а, веројатно, од таквите негови епитети произлегува и неговиот атрибут, како бог на светлината, нарекуван со специјалното име Фојб4 а, кое име, означува сончева светлина, благодатна светлина и јасност. Така тој е обожуван, како бог на светлината. Овој негов епитет, исто како и неговиот атрибут Громобиец, има силна асоцијација на просторот на кој се наоѓало и неговото светилиште (Трескавец) кое со својата географска положба и свртеноста кон Исток, кадешто се раѓа сонцето, е вистинско место за богот на светлината.

Артемида, која потекнува од исти родители како и Аполон, е божица на ловот, посто­јано претставувана со лак и стрела но, исто така, таа е заштитничка на девиците, бракот и децата, како вечна девица. Таа, како и нејзиниот брат, е една од божиците, кои се многу често спомену­вани од античките автори, уште од Хомер, што значи дека нејзиниот култ бил жив уште во бронзеното и железното време. Меѓу другото, таа е божицата, која од војсководачот на Ахајците под Троја, Агамемнон, ја побарала, за жртва, неговата најмлада ќерка, Ифигенеја, доколку сака да победи во војната со Тројанците. За тоа пишувале и античките трагичари, меѓу кои и Еврипид.5

        Фактот на присуството на двајцата богови Аполон и Артемида, кои се двајца од главните, дванаесет антички богови, неминовно предизвикува на размислу­вањето за познатите светилишта посве­тени на богот Аполон и Артемида, како што е светилиштето со пророчиште во Делфи, на островот Делос, кој се сметал за негово родно место, и други слични пророчишта од тоа време.

        Зашто Аполон, како бог, се чини, најмногу бил привлечен со моќта за пророкување, која им ја дарувал на своите посветени верници, како што им ја подарил и на своите миленички, Музите и на неговите свештеници, Орфеј и неговиот син Мусај. Дали вакво пророчко светилиште постоело и на Трескавец? Прашањето во секој случај не е излишно, кога се знае какво значење им се придавало во антиката на пророштвата кон кои, многу често, се приклонувале и највиските личности од антиката, како што биле кралевите, војсководците и јуна­ците од античкиот свет кои, редовно, им се обраќале на пророците во светилиш­тата за совет и имале голема верба во толкувањето на знаците. За светот, најпоз­нато е светилиштето во Делфи во кое специјална свештеничка, преку ритуали, им ја пророкувала судбината на луѓето, кои доаѓале во него. Светилиштето, на таков начин, доаѓало до огромни богатства, во злато, сребро и бронза, кои ги подару­вале благодарните богати кралеви или високите аристократи.

Остатоци од храмот на Артемида во Ефес

Свештеничката, која била нарекувана Питија, најпрво била млада де­вој­ка а, подоцна, нејзината улога ја преземале постари жени. При проро­ку­вањето, таа правела посебни ритуали. Најпрво, се капела во изворот Кас­та­лија, потоа облекувала долга облека, согорувала ловорови листови со брашно од јачмен, се напивала вода од друг извор, Касиотида, џвакала ловоров лист и, дури потоа, седејќи на триножно столче над кратерот во храмот и вдишувајќи опојни дроги, говорела пророштва во стихови.6

Манастирот „Трескавец“ со Златоврв

        Една стара легенда, со Аполон го поврзува и македонскиот крал Мида, од фригиско потекло, кој имал свои градини на планината Бермион во Ма­кедонија.7 Херодот говори за потеклото на Аполон и Артемида од земјата на мистери­оз­ниот народ, Хиперборејци, кои живееле некаде на далечниот север. Тој ги опи­шу­ва нивните обичаи како, секоја година, носеле дарови на островот Делос, кадешто било светилиштето на Аполон и Артемида и, притоа, напоменува дека тој лично знаел дека при носењето дарови на „кра­лицата Артемида“, Трачанките и Пајон­ките, секогаш носеле слама од пченица.8 Дека култот на Аполон и Артемида, на просторот на Македо­ни­ја, во која едни од најстарите жители се Пајонците бил, посебно, жив познато е и од други извори и археолошки наоди на поширокиот простор. Сето ова го пренесуваме заради претпоставката дека слични ритуали и про­цесии се одвивале и во некогашното светилиште на Аполон и Арте­мида на Трескавец. Неговото потекло, во секој случај е, веројатно, сосема длабоко во времето на постоење на Трескавец, во античката населба која опстојувала во тоа време на рамнината под Златоврв, која зафаќа повеќе хектари површина а, чие име, исто така, е познато од натписите на спомениците пронајдени на овој простор и гласи, Колобаиса .

Остатоци од мермерни споменици од различни антички периоди

        Токму на такви корени на светост лежи и денешниот христијански храм посветен на Св. Успение на Богородица во близина на светлината, на небото, на обла­ците, молњите и громовите кои, овде, добиваат посебна димензија, која застрашува и висхитува, во исто време, потсетувајќи на убавината на постоењето, на природната нерастајнивост и бескрајните простори на духот. Митската димензија на овој простор, и денес, се надградува во прекрасниот карпест простор, кој „мириса и зрачи“ со старост и светост, со својата денешна, света христијанска градба, манастирот Трес­кавец со црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, кој е преполн со познати и непознати материјални и духовни содржини.

 

1 INSKRIPTIONES GRAEKAE, PARS II, INSKRIPTIONES MAKEDONIAE, F. Papazoglu, M. Milin . М. Ricl, MIM.

2 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК–Прилеп, 1981. г.

3 Лето, според Херодот потекнувала од север од кај Хиперборејците од каде што доаѓа во Ликија.

4 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999 г.

5 Еврипид, Ифигенеја.

6 Роберт Гревс, Грчки митови.

7 Херодот, книга IV, стр. 265.

8 Исто.