АктуелноТеренски бележник

ЗА ЕДЕН УНИШТЕН СПОМЕНИК ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА И ПРИКАЗНА ЗА ДВАЈЦА ИНЖЕНЕРИ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА ТЕСНОЛИНЕКЈАТА ПРЕКУ ПЛЕТВАР

Еден споменик од Првата светска војна, последниве неколку години, исчезна без трага, односно, во времето на изградбата на трасата и инсталирањето на гасоводот во Прилепско. Споменикот се наоѓаше во близина на стариот пат за Скопје, меѓу селата Беловодица и Тројаци, приближно на средината меѓу споменатите села. Тој беше конусоидно оформен мермерен блок со рамен, односно, измазнет профил од предната страна, а на него натпис за постоење на гробишта на германски војници загинати во Првата светска војна. Стоеше на 2-3 метри десно од патот, кога се оди во правецот на селото Тројаци. Ние, за среќа, уште пред неколку децении го фотографиравме, најмалку, двапати, па сега можеме да објавиме фотографија со натписот, „DEUTSCHER KRIEGER FRIEDHOF“, односно, во превод, „Германски воени гробишта“.

Споменикот од Беловодичко – денес исчезнат

            Зошто исчезнуваат вакви споменици од различни периоди од нашиот простор? Актуелниот споменик од Првата светска војна е само пример за постојаното исчезнување на слични споменици и документи, кои се сведоци за значајни моменти од животот, проблемите, страдањата на населението во Македонија. Првата светска војна, секако, е еден од најзначајните моменти од историјата на светот, а посебно за Македонија, која е вистинска арена на најрадикални настани, на невидени жртви, на страдања и ограбување на македонското население и никогаш не треба да се заборави, а спомениците кои говорат за положбата во која се нашла нашата татковина и нашиот народ треба да се чуваат како драгоцени сведоци и документи за тоа време. Токму настаните од Првата светска војна се пресудни за иднината на Македонија и носат голем потенцијал (кој, за жал, нашите политичари не успеаја да го искористат) во нашето претставување пред останатиот дел од светот денес, особено пред големите европски и светски држави, кои учествуваа во споменатата војна и кои неколку години престојуваа и војуваа, токму, на македонска територија.

Споменикот од Беловодичко

            Споменикот, поставен како обележје на германски гробишта, беше со насока југоисток – северозапад, а на профилот од северозападната страна, на добро оформено конусоидно поле стоеше погореспоменатиот натпис. Последниве години, тој, исчезна без трага. Дали беше срушен и покриен со земја и друг материјал при реализацијата на гасоводот или со него се случило нешто друго, тешко е да се каже, но факт е дека тој исчезнал од своето место, и тоа, сосема незабележано, кога се работи за надлежна институција. Всушност, таква институција и не постои. Кај нас, остатоците од Првата светска војна, речиси, никој не ги третира, па тие стојат по ридиштата и долините каде што биле лоцирани војските и фортификациските објекти за нивните потреби, како и на местата на битките во кои, често, имало стотици и стотици жртви од двете страни на фонтот.

Натписот од споменикот од Беловодичко

            Во близина на местото на кое се наоѓаше споменикот со наведениот натпис има остатоци и од трасата за старата теснолинејка, која била изградена за време на Првата светска војна од страна на Германците и Бугарите, кои биле сојузници, како дел од Централните сили. Едно предание во врска со изградбата на пругата во прилепскиот крај е живо до денес. Еве што се пренесува во него:

            „Кога се градела пругата со теснолинејка, на неа работеле двајца инженери, од кои едниот бил Бугарин, а другиот Германец. Кога, со градбата, стигнале до превојот кај селото Плетвар, Германецот рекол дека преку него не може да помине локомотивата со воз, зашто превојот е многу висок и искачувањето е премногу стрмно. Бугарскиот инженер изјавил дека тој ќе ја трасира пругата на тој начин, што возот ќе премине преку превојот. Германецот и натаму тврдел дека тоа не е можно и паднал облог меѓу двајцата инженери. Германецот се заколнал дека, доколку пругата биде изградена и возот се искачи на превојот кај селото Плетвар, тој самиот ќе си стрела во главата и, на тој начин, ќе се убие. Бугаринот, зел едно магаре, наредил да биде товарено со дрва или друг товар и го пуштил магарето напред, од Беловодичко кон превојот Плетвар, само да го одбере патот по кој ќе се искачи на превојот, а на градителите им наредил само да го следат и по неговите траги да ја обележат трасата за теснолинејката. Откако тоа било завршено, градбата продожила, пругата била изградена и дошол фаталниот ден на облогот.  Возот тргнал по теснолинејката на угорнината, од Беловодичко кон Плетвар, искачувал бавно и долго, но никаде не запрел и се искачил на самиот превој. Кога сирената од локомотивата свирнала на превојот, Германецот го извадил својот револвер, го насочил во сопствената глава и го притиснал орозот. Така завршил фаталниот облог меѓу герменскиот и бугарскиот инженер, а малото вовче продолжило да сообраќа на изградената пруга, се до 1936 година, кога била изградена новата пруга Скопје – Битола, преку селото Богомила.“

Стара полициска станица кај селото Тројаци

            Раскажувачите на преданието тврдеа дека некаде во долината, Раец, на самото место кадешто се самоубил бил закопан германскиот инженер, а на тоа место, имало и споменик         во негова чест. Барајќи го гробот со споменикот од германскиот инженер, пред неколку децении, наидовме на споменикот од Беловодичко, за кој стана збор погоре во текстот. Најпрво помисливме дека сме го пронашле гробот на споменатиот инженер, но преведувајќи го натписот, ни стана јасно дека се работи за споменик, кој обележува гробови на поголем број германски војници погребани на тоа место. Дали постои гроб со натпис посветен на германскиот инженер, кој се споменува во преданието, до денес, не сме дознале.  

Стара железничка станица во Градско

            Денес, можеме да констатираме дека е уништен и споменикот со германските гробишта во Беловодичко, веројатно за време на изградбата на актуелниот гасовод. Само на неколку километри погоре, кон Плетвар, со изградбата на истиот гасовод, беше нападнат и, речиси, уништен уште еден споменик, односно, култен објект со претстава на богот Ѕевс, односно, Дии  (Диј, Дион, како име на врховниот бог во антиката е карактеристично за македонскиот простор) заштитникот на агората, кој се наоѓа на локалитет со остатоци на култура од рисмкиот период и праисторијата (https://www.pelagon.mk/2018/06/30/). Колку слични појави има со изградбата на гасоводот не ни е познато, но дека овие два случаи не се единствени сме сосема сигурни. За негрижата на надлежните институции кон непроценливото културно наследство, кое постојано исчезнува пред нашите очи, веќе, излишно и банално е да говориме.

Постара градба на превојот кај Плетвар