ВРЕМЕ Е ДА СЕ ЗАПРАШАМЕ: ИМА ЛИ НЕКОЈ НОРМАЛЕН ВО ПРИЛЕП ИЛИ СИТЕ СЕ ПРАВИМЕ НЕДОВЕТНИ? (2)
Аларм!!!
Ние, од Пелагон, сериозно сме загрижени во врска со оваа тема!!!
Не можеме да преземеме ништо оперативно од она што значи уредување на диви отпади, или нивно гасење кога се запалени, но можеме да алармираме. Некои од дивите отпади на периферијата на градот горат, речиси, преку целата година, високи облаци чад постојано се надвисуваат над градот а, секако, тие имаат големо влијание на воздухот што го дишат жителите на најблиските населби, но не само тие, туку и целиот град е под постојано „потчадување“ и граѓаните на Прилеп, постојано, покрај кислород, дишат и чад исполнет со разновидни и сомнителни честички.
Нам „не ни е јасно“, како ние, речиси, секојдневно ги забележуваме големите црни облаци чад, а надлежните институции во градот не ги забележуваат!!? Особено оние од дивите депонии на северната страна на градот, кои постојано го „опчадуваат“ градот, заедно со околните ридови, Маркови Кули, Зеленик и Баба, па се до Златоврв. Ова го потенцираме поради фактот што во моментов сме под силен притисок од избувнување на пожари поради високата и сува трева, која ја има и околу депониите а, ваму, како да се изгубила основната логика и чувството за објективност и реалност, па никој не помислил дека запалените депонии се голема опасност, токму за избувнување на пожари од поширок размер. И, додека, вака размислуваме, забележуваме дека пожар ги зафатил, токму деловите на планината од северната страна на градот и се раширил до највисоките делови на Зеленик па, иако во моментов не можеме да правиме поголемо истражување за да го аргументираме гореизнесеното, сметаме дека причина за овој пожар е, токму, една од запалените депонии. Па нели е стара мудрост: „Подобро да се спречи, отколку да се лечи“? Изгледа, одамна сме заборавиле и на мудроста, и на објективноста, и на реалноста а, особено, сме заборавиле на должноста и обврската. Ова важи за надлежните функционери и лица од соодветните институции, кои „не ги забележуваат“ апокалиптичните црни облаци од дивите депонии, кои се редовен „украс“ на Прилеп, но и на неговата природна околина.
Има ли иднина град со таков амбиент и однос, оставаме сами да се произнесете! Ние сметаме дека некој работи на тоа да ги урниса сите перспективи кон иднината на Прилеп. „Големите“ политички лидери и партиски големоговорници, кои ги аранжираат и менаџираат системските и политичките состојби, изгледа не живеат во нашата реалност, односно, реалноста на обичниот народ!!? Тие, гледам, често и се жалат дека се „оштетени“, односно, дека се „во загуба“ во споредба со „големите“ активности и ангажмани, кои ги имаат во „средувањето“ на состојбите во државата. Е, па, еве ние забележуваме, односно, ги слушаме нивните апели дека им е многу „тешко“ и повикуваме да побараат уште, покрај она што го добиваат според зконите и „подзаконите“, односно, да побараат да собереме денар по денар, цент по цент и некако да им олесниме. Ние, народот, иако не сме богати, сме во голем број и ќе најдеме решение, само треба да се мобилизираме, односно, да се обединиме во решавањето на проблемите! Се чини дека нема друго решение, освен такво обединување, зашто „големите“ политичари и функционери се зафатени со личните есапи и „загуби“, а ние се соочуваме со темните облаци чад, кои ги загрозуваат нашите бели дробови и нашето здравје, ни ги печат очите и ни ги „нијансираат“ облеките и ткаенините и ни ја ограничуваат иднината. Особено на нашите деца и внуци кои всушност, се нашата иднина!
На крајот, една сугестија: Кога одиме на доктор, па докторот ни советува дека треба да јадеме или пиеме помалку, ние секогаш треба да го прашаме дали треба и помалку да дишеме, зашто во ваква животна околина, секако дека е штетно и големо количество воздух во нашиот организам. Кога сме кај ова, само ќе запрашаме, дали некој од здравствените институции во градот ги следи здравствените состојби од аспект на загадувањето на животната средина и дали, воопшто, нешто презема и ги алармира повисоките инстанци за тоа?