ВРЕМЕ Е ДА СЕ ЗАПРАШАМЕ: ИМА ЛИ НЕКОЈ НОРМАЛЕН ВО ПРИЛЕП ИЛИ СИТЕ СЕ ПРАВИМЕ НЕДОВЕТНИ?
Апокалипса 1
Сношти, пре зајдисонце, Прилеп беше покриен со чад од гуми, кабли, најлони, пластика и разновидни гнасотии, кои гореа над градот од страната на Тризла Маало. Сите гледавме, дишевме и „уживавме“ како да бевме оптегнати на песокта на најекслузивната плажа на земјината топка!!!??? Ние бевме во населбата најблиска на апокалиптичниот настан. некои седеа по дворовите да се „освежат“ од летната жега, други ги полеваа бавчите по дворовите, трети се движеа по улиците или седеа пред продавниците или беа зафатени со своите работни обврски, децата играа по непрометните улици или по ширинките, чадот владееше со просторот, со населбата, но и со целиот град, особено со нашите бели дробови и никој жив не мрдна, ниту со прст. Ги запрашавме некои од жителите на населбата што се случува (иако нам ни е познато, не од сега), а тие ни одговорија дека тоа е, речиси, секојдневно, пријавувале, реагирале, се обраќале, но никој жив од градот, од надлежните, не се „занишал“, било поради гласови за изборите, било поради ниска свест, било поради лични причини, а со оние кои ги палат ѓубриштата над градот не било лесно да се расправаш, зашто може и да си го добиеш и тн.

Животот продолжува, вака или така, со градоначалници, локална самоуправа и еден куп институции во кои работат еден куп прилепчани и други, раководени од функционери од различни партиски провиниенции, подуени, намирисани, натокмени, самоуверени, сезнајковци, кои во моментов, додека ова се случува, можеби, се на некои ексклузивни плажи по „нашето море“ на југот или „нашето поранешно море“ на северот, или на некое поексклузивно место во светот а, секако, многумина од нив беа тука, во градот, и го дишеа гнасниот воздух, верувам со „уживање“, зашто не видовме никаква реакција од никого, иако, голем број од погореспоменатите се надлежни и обврзани со закон и, секако, платени за тоа, па и привилегирани да живеат на грбот на нашиот труд. Секако, истиот воздух го дишеа и нивните деца, или внуци, па си рековме: Не, во Прилеп нема ниту еден нормален, почнувајќи од таткото на градот (ако може да се смета како прв во ненормалните, кои дишат чад со гнасоти и молчат!), па функционерите од надлежните институции, кои се меѓу најодговорните, но и најпривилегираните (читај: најплатените и најприслужните на партиските челници), па се до нас, обичните. А по улиците, во приквечерина, деца излезени по улиците, занесени во своите игри среде зачадениот воздух, ни ја илустрираат сликата НА АПСУРДОТ!

Можно ли е да нема никој жив во градот, кој да се „заниша“ дека, речиси, секојдневно дишеме чад со разовидни гнасотии, од разни страни на градот, кој доаѓа од повисоките места во темни облаци, сите не опчадува и однадвор и однатре – пардон: има ли некој мормален што би сакал да живее во вакво место? Има ли некој нормален, кој прифатил функција и задача да ги решава проблемите, а мирно седи или спие во амбиентот на апокалипсата? Не, одговорно тврдиме дека нема, тргнувајќи од нас, кои се изнадишивме од чадот, кој ги уништува нашите бели дробови, но и крвните садови, срцето и другите органи во нашиот организам и никого од надлежните не повикавме, не му го расипавме попладневниот лагодитет за да си ги преземе обврските, кои му се определени по закон. Ете, затоа бегаат надвор од Прилеп, па и од Македонија нашите деца кои, денес, имаат вештина да си обезбедат помалку или повеќе, лагоден живот и овде, и од дома, во татковината, но соочени со апсурдот и глупоста која, секојдневно, ја „дишеме“ бегаат подалеку одовде. Па, уште, медиумите се полни со фалби за успеси на највисоките функционери, на институциите, на директорите и огромниот број партиски војници (не алудираме на никоја конкретна партија, заборавете ги вашите подуени суети!) а ваму, и самите тие, и нивните деца и внуци, го дишат истиот гнасен воздух и не мрдаат, ниту со прст.
Апокалипса 2
Потоа, патот не доведе во центарот на градот и, повторно, се сретнавме со “апокалипсата“! Случајно „налетавме“ пред куќата на д-р Шајкар, познат прилепчанец, кој изградил велелепна куќа во центарот на градот, во периодот пред Втората светска војна, која во време на фашизмот била користена како административна зграда – полициска управа на бугарските „администратори“, па во во неа биле затворани, убивани, тепани, измачувани, малтретирани на секаков можен начин, стотици прилепчани, подоцна истата градба била, повторно, полициска станица за Прилеп во социјализмот, па беше Градската библиотека, па седиште на подрачното Министерство за образование и култура по 1990 година, со Клуб на просветните работници во барака во дворот, денес таа е срам за Прилеп, за надлежните институции, за здруженијата, кои се „чукаат“ во градите дека се загрижени за соодветните споменици на култура, па и за сите, кои сме тука, во чадот што го покрива градот и што ги потчадува нашите лица и нашите бели дробови. На зградата, во апокалиптичен амбиент „гордо“ стои мермерна плоча со натпис и не потсетува на срамот:

„Во оваа зграда беше сместена бугарската полициска управа и на 8 јули 1944 год. ѕверски беа убиени од бугарскиот фашистички окупатор членовите на КПЈ: Трајко Ристески – Брко, секретар на месниот комитет на КПЈ, Цена Ристеска – Џинорозот, Ристе Секирчанец и Киро Иваноски – Шими. Во 1942 година беа ликвидирани членовите на КПЈ, РистеРистески – Ричко, Драган Димески, Блаже Митрески – Млекарот, и Боце Секулоски. Стотици борци од градот и селото овде се затворени и претепувани, давани на суд и осудувани на смрт и робија, а повеќе стотини се интернирани во Бугарија!“
Еден современ графит на англиски јазик „Тhe devil was here“ („Ѓаволот беше тука“) не води кон црни мисли за денешнината и иднината. Денес, зградата е страшилиште во центарот на градот, преполна со смет, комплетно руинирана во внатрешноста и потребна ви е храброст да се доближите и да влезете во неа. Околу живеат голем број прилепчани, некои од нив и на високи функции. Се разбира, како и за чадот што, секојдневно, го дишеме сите, а немаме храброст, ниту да им се обратиме на пироманите што “уживаат“ во палењето на разновидниот отпад и за оваа зграда има надлежни институции, функционери, кои се чукаат во градите за постигнатите „успеси“, арогантни политичари легнати на народниот буџет, самоуверени во своите „способности“ и „заслуги“. Тука сме и сите ние, заедно со најневините и наивните – нашите деца, сите живееме во просторот на „апокалипсата“, сите го дишеме истиот воздух, кој е испомешан со чад полн со разновидни честички опасни по здравјето и, на крај, мораме да се зпрашаме: Има ли некој нормален во градот, некој кој го гледа сето ова, кој го дише зачадениот воздух заедно со нас, а кој е обврзан со закон да реагира, да ги решава проблемите, да ни обезбеди, колку – толку, безбеден и здрав живот? Нормални ли сме сите ние да живееме во овој апсурд и да не кажеме ни збор, да се однесуваме како да е нормално да се дише опасен воздух, во град покриен со чад, со црни и опасни облаци надвиснати над градот? Се разбира, сето ова не е од вчера, трае со години и децении, се менуваат гарнитури на власт, функционери, градоначалници, директори на надлежни јавни претпријатија, претседатели и координатори на „силни“ партии, претседатели на „авторитетни“ здруженија, многумина од нив преку ноќ станаа „авторитети“ со милионски личен капитал, сепак дишат воздух помешан со црн чад, заедно со нивните семејства, а не мрдаат со прст за да се спротистават на апсурдот и апокалипсата што ни се случува во нашиот и нивниот двор и, секако, повторно ќе одмавнат со рака на нашето пишување и ќе не третираат како непријатели, негирачи на нивните „големи успеси“ и нивниот „авторитет“, заштитени од нивните партиски следбеници, кои се држат како пијани за стап за принципот „наши и ваши“. Време е да се запрашаме, повторно и повторно, има ли некој нормален во овој град, да гледа што се случува, да дише чад, да ужива во ненормалното и да се однесува како безгрижен турист на плажа или сите се правиме недоветни? Нека е и претерано (за жал, мислиме дека не е), вчера во приквечерина, нашата мисла се соочи со апсурдот и не наведе на заклучок: Не, овде нема нормални луѓе, почнувајќи од партиските челници и функционери, таткото на градот, па надолу, по хиерархија, до нас најобичните, без надлежност! Нормалните не би го трпеле ова, би станале, би се здружиле и би реагирале пред надлежните институции, пред привилегираните, „нафатираните“, арогантните и заспаните, обврзани со закон за решавање на проблемите, кои ги трошат и ги узурпираат народните пари и народниот имот, би загрмеле пред нив во името на нашите деца и нашата иднина. Нормалните „дезертират“, заминуваат одовде, не поради социјалните и економските проблеми, туку бегаат од апокалипсата и нередот, кој ни се случува и секојдневно го „дишеме“.








