ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (1)
КАМЕНИОТ МАГАЦИН ОД ТУРСКИОТ ПЕРИОД – КАКО И КУЌАТА НА МАТЕ БОШКО ИСЧЕЗНУВА ОД ЛИЦЕТО НА ГРАДОТ КАКО СПОМЕНИК НА ЕДНО ВРЕМЕ ПОД УДАР НА БИЗНИС АМБИЦИИТЕ
Се чини дека терминот, „споменик на културата“, во нашиот систем е растеглива категорија. Основните елементи, односно, изворните карактеристики, кои ја определуваат оваа категорија, речиси, не важат ништо за надлежните институции за постапување по Законот за заштита на културното наследство. Кога до нив ќе дојде информација за загрозување на извесен споменик на култура, тие го отвораат регистарот на споменици на култура, проверуваат дали односниот споменик е внесен во нивните списоци и, на тој начин, си ја завшиле работата. Дали односниот споменик располага или не со вредности и карактеристики на споменик на култура нив, се чини, совршено не ги интересира или не го сметаат за објект со такви карактеристики.. На тој начин, во Прилеп се уништени драгоцени споменици од извесни периоди на културата (Моето око и моите скромни знаења ги гледаат како драгоцени споменици на културата, па нека ми простат надлежните лица во соодветните институции на мојот став, иако не се евидентирани во нивната документација како такви!). Едноставно, одговорот на институциите е „тој споменик не е во зона на заштита, ниту во контактна зона“ и нивната обврска е завршена.

Таков беше одговорот и за еден последен случај на уништување на една стара градба во градот, изградена од добро обработен камен, со добро оформени фуги, со метални врати со симболи, кои исчезнале во последниве децении, со простории украсени со разновидни украсувања со боја а кои, веројатно, биле користени и за своевидна престижна намена. Истата градба, можеби беше една од најголемите градби од тој тип од турскиот период (во меѓувреме беа уништени и другите слични на неа и никој „не забележа“), а постарите жители на Прилеп упатуваат на нејзина специјална намена поврзана со блиска бања од истиот период, односно, располагала со простории за уживање и слична намена, дека оваа зграда била дел од поголем комплекс, за кој малку се знае. Некои од сопствениците на дуќани и други слични градби од околината упатуваат на тоа дека од нејзината југозападна страна, при градењето на посовремени градби биле откриени остатоци од бања, кои биле набрзина покриени со материјал и земја, за да не се заинтересираат надлежните институции и да ги сопрат во градежните активности. Дали споменатата зграда била поврзана со оваа бања или со постоечката градска бања од турскиот период, која се наоѓа на неколку десетици метри северозападно, не можеме да потврдиме но, доколку допуштиме дека информацијата е точна, можеме да претпоставиме дека и двете бањи биле во извесен однос со неа. Всушност, ваквата мала анализа нè наведува на помисла дека во овој дел од градот, во турскиот период егзистирал комплекс градски бањи и простории за секундарна намена поврзана со бањите, односно, со простории за масажа и за уживање, кои биле посебно уредени и соодветно украсени за таа намена. Се разбира, немаме податоци дека некој тоа го истражувал, но евидентен е примерот на постоечката бања, споменик на култура, кој се распаѓа и претставува опасност за минувачите.

Кога сме кај истражувањето, нема што да очекуваме, бидејќи во градот, односно, во надлежните научни и културни институции нема експерт за турскиот период, кој сериозно би се зафатил со истражување, проучување и афирмирање на културните вредности од тоа време. На тој начин, голем број споменици на култура од тој период ги голта темнината пред нашите очи. На тој начин, градот е лишен од еден значаен период од сопствената историја, односно, од спомениците, кои се документ на времето во кое тој остварувал живот, култура и историја. Всушност, и покрај постоењето на надлежни институции, градот ја губи својата историја и култура, односно, новата урбанистичка актива, ја покрива старата, па градот се повеќе заличува на „дрво без корен“, односно, при создавањето на новото се уништува старото а, со тоа, исчезнува голем дел од старите атрактивни градби, кои се своевиден документ на долговековното постоење на Прилеп.

Со одлука на градските првенци, до денес се уништени и други интересни градби во Прилеп, а прилепчани, посебно жалат за популарниот хотел „Јадран“, кој беше срушен „насилно“, иако беше во добра физичка, односно, градежна и архитектонска, како и естетска форма. Така решија моќните структури во првата половина на седумдесеттите години на минатиот век и градбата исчезна од градот, иако беше интересен архитектонски споменик од истоијата на градот, беше место на разновидни собитија поврзани со градскиот живот, место на кое се среќавале значајни личности од областа на културата и уметноста, како и личности од вкупниот општествен живот на градот.

Последниот случај говори за градба од турскиот период (никој не може дакаже точно од кој век потекнува но, секако, се работи за неколку века) во кој таа служела за живеење, за вршење стопанска дејност од особена важност за градот во тоа време, веројатно и за културен живот и монденски активности, барем според раскажувањето на постарите прилепчани. Во перидот по ослободувањето од турското ропство куќата или дел од неа од северната страна беше нарекувана „Куќа на Мате Бошко“. За среќа, некој се потрудил да објави податоци за Мате Бошко, (МНА – Македонска национална академија) па овде само ќе потсетиме дака се работи за личност поврзана со Прилеп со потекло од Крушево. Целото име на овој Македонец е Мате Петрев Бошкоски. Тој се родил 1874 година во Крушево каде и живеел и работел до 1927 година, кога со своите синови се преселил во Прилеп и се занимавал со продажба на алкохолни пијалоци. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, како член на Македонската револуционерна организација. Како негова адреса на живеење во Прилеп ја наведува „9 септември“ бр. 49 (Молба за илинденска пензија од Мате Петрев Бошкоски од 1952 година – МНА).

Во истата градба, пред дваесетина години беше сместен и општинскиот комитет на партијата ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека таа има значење и за поновата историја на Прилеп и Македонија, но изгледа дека тоа никому не му значи ништо, а најмалку на луѓето од споменатата партија. Имено, сегашниот сопственик на објектот, во моментов е нејзин член и висок општински функционер. Колку што ни е познато, самиот сопственик и функционер (заменик градоначалник) во градбата, која наголемо е „нападната“ со градежни активности не гледа никаков споменик на културата, а како потврда за тоа покажува документи издадени од Завод и Музеј во Прилеп, според кои, таа не е во зона на заштита, ниту во контактна зона, па така слободно може да се интервенира на неа. Се разбира, господинот има право, ги прибавил сите потребни документи, односно, самиот тврди дека е така иако, некои медиуми во земјава објавија и информации дека документацијата за градба не била комплетна. Ние нема да се занимаваме со истражување околу градежната документација, туку ќе повикаме на свест од повисоко културно ниво, односно, да покажеме однос кон она што значи историја и култура на градот а, лично, сметаме дека таквата свест треба да биде присутна, особено, кај лицата со високи функции. Дали е така, видливо е од досегашните постапки и дејствување на градските функционери. И, секако, не треба да се избегне фактот дека највисоките функционери, најлесно можат да прибават документација за што било а, ние, обичните знаеме колку тоа може да биде комплицирано.