АктуелноРепортажи

ПЕЛАГОН И ПЛАНИНАРСКОТО ДРУШТВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ОД ПРИЛЕП НА ГРОБОТ И НА СПОМЕНИКОТ НА ЈАНЕ САНДАНСКИ – КАЈ РОЖЕНСКИОТ МАНАСТИР И ВО МЕЛНИК

На 27.04.2024 година Пелагон беше присутен на Чествувањето по повод 110 години од убиството на големиот македонски револуционер, Јане Сандански, на неговиот гроб кај Роженскиот манастир, во близина на малиот, но велелепен и славен град Мелник, како и на Семакедонскиот собир, кој се оддржа на просторот пред неговиот споменик во самиот Мелник. Од технички причини, овој текст го објавуваме со задоцнување и ги молиме нашите читатели за разбирање.

Мелник со стариот дел од градот во преден палн

            Организатори беа неколку македонски организаци од пиринскиот дел на Македонија: ОМО „Илинден“, партијата на Македонците, ОМО Илинден – Пирин, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, Македонското меѓународно движење за човекови права и други организации на Македонците во овој дел од Македонија. Што забележавме? На гробот од Јане Сандански во близина на познатиот Роженски манастир (Рождество на Пресвета Богородица), кај црквата „Св. Никола“, која ја подигнал самиот Пирински цар, силно полициско обезбедување од униформирана полиција од полицајци и нивни старешини, како и бројни полициски службеници во цивилна облека, кои беа распоредени, не само околу гробот, туку и во поширокиот простор. Веројатно е дека бугарскот систем стравувал од инциденти, какви што имаше во изминатите години на ова традиционално чествување. Јавноста беше запозната преку медиумите дека бугарските власти строго внимавале на „опасните“ Македонци, па некои ги вратија и од нивната граница поради тоа, како што беше случајот со македонскиот артист, рофесор, драматург и пиблицист, Тихомир Стојановски.

Кирил Тилев од ОМО „Илинден“ држи говор на гробот на Јане Сандански

            Всушност, наш впечаток беше дека бугарскиот систем стравувал од „окупација“ на гробот на Јане Сандански од страна борците за македонски права во оваа, денес, Европска членка, па испратил тешко утврдлив број униформирани службеници на редот, како и службеници во цивил, за да го постават бугарското знаме на гробот на еден од најголемите Македонци, пиринскиот цар Јане Сандански. На тој начин, се обидоа да го „покријат“ неговиот вистински идентитет, па македонското чествување организирано од македонските организации во овој дел на Македонија да го „украсат“ со бугарски симбол и да го „убијат“ силното чувство на почит и гордоста во Македонците, почитувачи на неговиот лик и дело, како столб на македонската борба за слобода и независна држава, Македонија.  За таа цел, со знамиња беа обвиткани и долните делови од стеблата на некои столетни дрвја околу гробот, како и околу споменикот во Маленик. Токму, оваа новопечена членка на Европската заедница, „нема“ уставни можности да признае македонско малцинство на својата територија и со децении ги малтретира домородните Македонци во пиринскиот дел на Македонија, скратувајќи им ги основните права на слободен живот, на слободна мисла, слободно произнесување и културно живеење, затворајќи ги само затоа што се произнесуваат со идентитетот Македонец, вознемирувајќи ги нивните семејства со постојано посетување од полиција, иследувани, прогонувани и понижувани на ранзни начини. Во меѓувреме, игнорира и 14 пресуди на Македонците од овој дел на Македонија добиени пред европските судови.

Групна фотографија на дел од учесниците на чествувањето на гробот од Јане Сандански

            Сличен беше впечатокот и на споменикот на Јане Сандански во Мелник, каде организаторите поставиле скромна бина со соодветни обележја за прослава на настанот и оддржување на традиционалниот Семакедонски собир на кој учествуваа стотици Македонци, не само од пиринскиот, туку и од вардарскиот и егејскиот дел на Македонија, изразувајќи ја својата почит кон својот јунак, како и желбата за остварување на неговите идеи за национална, социјална и културна слобода на Македонија и Македонците на сосема мирен начин, со говор, песна и оро, но и соодветни македонски симболи и обележја, на кои грубо реагираа (за среќа само во медиумите) некои бугарски организаци и здруженија, загрижени за „загрозувањето“ на бугарскиот идентитет, како и за „кршењето“ на законите во оваа држава.

Споменикот на Јане Сандански во Мелник

            Знамињата на бугарската држава и овде беа „украс“ на споменикот од Јане Сандански, но не само на него, туку и на околните дрвја, чии долни делови од стеблата беа обвиткани во знамиња, за да се покаже нивниот „бугарски“ идентитет. Се разбира, во текот на прославата, низ говорите на раководителите на македонските организаци, Ѓорѓи Тилев од ОМО „Илинден“, Стојко Стојков од ОМО Илинден – Пирин, македонскиот епископ и борец за македонски права во егејскиот дел на Македонија, Никодим Царкњас, како и другите говорници, заедно со велелепниот настап на талентираната македонска пеачка со милозвучен глас, Василија Петрова, како и прекрасната играорна група, „Јане Сандански“ од Ново Село, Струмичко, заедно со големиот број гости од сите страни на Македонија, македонскиот карактер на Чествувањето не можеше да биде истиснат. Тоа го потврдија и реакциите на извесни друштва од Бугарија, кои искажаа тешки зборови на сметка на Македонците, кои го организираа и прославија денот посветен на Пиринскиот цар.

Од веселбата со талентираната пеачка василија Петрова и играорната група од Ново Село, Струмичко

            На крај, ако ни е дозволено, би запрашале: Доколку бугарската власт, го смета Јане Сандански за голем лик од бугарската историја, зошто на прославите учествува само со полициски кордони и силно полициско обезбедување, а не со соодветно одбележување на денот на убиството на овој исклучителен македонски револуционер и борец за независност на Македонија?