АрхеологијаКултот на каменот

КАРПА – ШЕШИР, КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО – ОБЈЕКТ СО КУЛТНА ФОРМА И СИМБОЛИКА

На локалитетот „Кривата Нива“ во атарот на селото Дуње, на потегот кон селото Кален, на левиот брег на Свинска река и од левата страна на патот Кален – Дуње се наоѓа карпа, своевиден менхир, во форма на шешир – цилиндер. Таа претставува посебен објект со ривлечна форма и е поставена на друга карпа со рамна површина, која на еден дел од јужната страна има извесна симболика од неколку кружно издлабени форми. Дека карпата – шешир имала извесна култна намена потврдуваат токму кружните задлабувања на карпата, која служи како основа на споменатиот менхир. На теренот околу карпата се среќаваат и ретки фрагменти од керамички садови, без особени белези, кои упатуваат на некогашна култура во нејзиното опкружување. Дел од фрагментите упатуваат на праисториското време, но слабото присуство и нетипичните форми не даваат можност за сериозно идентификувањена периодот од кој потекнуваат. Во секој случај, споменатата гранитна карпа остава силен впечаток со својата јасно изразена артикулирана форма и претставува своевиден централен објект, кој силно влијае на естетиката на поширокиот природен амбинет.  

Карпата во форма на шешир – цилиндер

 Димензии

висина:    1,80 м

пречник:   1,20 м

Датирање: Тешко е да се изврши датирање или каква било поконкретна определба, но самата форма на карпата асоцира на некој од праисториските периоди. Во круг од 2 до 3 километри се среќаваат локалитети од повеќе периоди, почнувајќи од новото камено време, па се до средниот век. Меѓу најстародатираните локалитети со населба од новото камено време е локалитетот Прчинога, кој се наоѓа на околу 2 км источно од карпата–шешир, а јужно и западно од неа има неколку локалитети со датирање од раната антика, доцната антика и средниот век. Праисторијата е присутна и на неколку други локалитети во долината меѓу селата Дуње, Кален, Пештани и Вепрчани што укажува на активен живот во неа низ праисториските периоди и историското време. Во некој од нив, карпата – шешир, веројатно била објект на посебен третман, на сакрализација, култ, верување или друг вид мистичен однос.