ОСТАТОЦИ ОД СТАРА КУЛТУРА ВО АТРАКТИВЕН УРНЕБЕСЕН ПРОСТОР НА ЛОКАЛИТЕТОТ „УРВИЧ“, МЕЃУ СЕЛАТА ВИТОЛИШТЕ И ПОЛЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Повеќедецениското запоставување, омаловажување и потценување на областа Мариово како „изолиран“, „заостанат“ крај со „ниско ниво на култура“ и слично е дел од големата неправда, која му е нанесена на овој дел од Македонија. Ваквиот став придонесе и за денешната незавидна економска, инфраструктурна, културна и демографска состојба на оваа област – резултат на несоодветниот однос на системот во државата.

          Соочувајќи се со безбронјите културни остатоци од различните периоди во оваа област, мораме да констатираме дека негативните констатации се резултат на „експерти“, кои многу малку ги запознале вредностите на областа. Дека имало периоди на развој и стагнација и во Мариово, како и во други области од Македонија и светот, тоа не е спорно, но фактот дека постоеле периоди на висок културен развој, па и кога областа била центар на нагласен културен развој, тоа  го потврдуваат многубројните локалитети, кои располагаат со културни остатоци, кои и денес го возбудуваат нашиот дух.

Пред „Урвич“ – долина

          Еден таков локалитет се наоѓа на растојание од 2 km југоисточно од селото Витолиште на простор, кој е вистинска природна атракција, со нагласени геолошки форми и вредности и со остатоци од атрактивна стара населба. Според археолозите, населбата била активна во доцната антика (5–6 век) и средниот век, но имајќи предвид дека овој заклучок е извлечен од обично рекогносцирање, ваквото датирање не може да се земе за многу прецизно Всушност, според она што може да се види на самиот терен, археолозите претпоставуваат дека на доцноантичката населба била формирана и средновековна. 1 Според Георги Трајчев, на локалитетот „Урвич“ истражувале бугарските археолози и биле пронајдени „6 христијански гроба со 50 скелети“.2

Ридот со остатоци од населба на „Урвич“

          Самиот простор изгледа сосема катаклизмично, бидејќи претставува чудна деструкција на просторот, која настанала со извесно движење на почвата, при што настанал рид од земја во чии профили се забележуваат остатоци од древните градби, како што се ѕидови, одводни канали од големи керамички елементи и сл., а исто така, се наоѓаат и фрагменти од разна керамика, од садови, покривна керамика и други видови археолошки материјал. Особено, нагласен е бројот на фрагменти од тегули, имбрекси и питоси, но не се ретки и фрагменти и од помали керамички садови.

Група фрагменти од керамички садови

          До локалитетот, најпрво, се доаѓа преку живописен предел од една речна долина со високи брегови, полни со разновидни експонати создадени со геолошкото превривање низ времињата. Во долниот дел на Моклишки Дол, се соочуваме со пространи зелени тераси од двете страни на долот, особено на неговата лева страна, каде рамните зелени површини се наметнуваат со посебна природна естетика. Токму на тој дел се пронајдени археолошки остатоци од извесна населба, која се датира во римскиот период и во која, веројатно е дека имало и своевиден култен простор и култни објекти од тој период.3

Остаток од градба на вертикалниот профил од ридот 2

            Неше мислење е дека со локалитетот „Моклиште“, односно со населбата која се развила на него во римскиот период културно е поврзана и населбата на локалитетот „Урвич“, а таа врска би можела да биде многу суштествена и, особено, конкретна. Кога велиме конкретна, мислиме на нејзината посебна улога во животот на жителите на овој простор можеби, токму, во врска со религиските потреби, а на тоа не наведува тврдењето на жители на Витолиште и Полчиште дека на него имало места со цркви, гробишта и сл. Имено, некои делови од локалитетот, кој се наоѓа меѓу два длабоки потоци кои подолу го формираат Моклишки Дол, за жителите на селото Витолиште се познати како „Црквиште“,4 односно, извесни остатоци од градби на овој локалитет се сметаат како остатоци од стари цркви. Според тврдењето на жителите на некое место се забележувал и остаток од олтар (апсида) од стара црква.5 Нашиот заклучок би бил дека и културните остатоци на локалитетот „Урвич“ се временски поврзани со културните остатоци од локалитетот “Моклиште“, односно, од римскиот период. Ниваната врска ја олеснува и малото растојание меѓу двата локалитети, кое е 1 до 1,5 km, а некои од пристапните патишта, кои ги поврзуваат двата локалитета упатуваат на подлабока старост, односно, од времето на активниот живот во двете населби. Овде, особено, мислиме на еден пат, кој води од „Моклиште“ до „Урвич“ по левиот брег на Моклишки Дол, кој наместа е мошне широк и со видливи подѕидоци.

Остатоци од градба на вертикалните падини на ридот 2

            При нашата посета на локалитетот „Урвич“, не успеавме да забележиме ѕид во форма на апсида, но документиравме голем број остатоци од ѕидови, како на најгорниот дел на ридот, кој претставува плато со благо закосена површина со издолжена форма и, се чини, бил утврден, така и на другите делови од него. Особено „урнебесно“ изгледаат остатоци од ѕидови по високите вертикални страни на ридот, главно од јужната страна. Некои од таквите остатоци упатуваат на своевидна катаклизма на теренот при која делови од градбите се симнале на пониските делови на ридот, односно, на неговите стрмни, речиси, вертикални падини. Всушност, целиот локалитет, заедно со неговата поширока околина, потсетува на геолошка катаклизма која, евентуално, ја уништила и старата населба на овој простор. Зашто остатоците од ѕидови во самите профили на разурнатиот простор укажуваат на таква можност. Дали тоа се случило при некој од земјотресите кои го зафатиле и овој реон, или се работи за друг вид геолошко пропаѓање на теренот, не е сигурно, но можеме да потсетиме на земјотресот од 585 година на н.е. при кој е разрушен и големиот антички град Стоби кај Градско. Од друга страна, фактот што просторот на кој е расположен овој локалитет е со таков геолошки состав, кој предизвикува пропаѓање на теренот на повеќе места и не треба да изненадува ако древната населба на „Урвич“ настрадала од поместување и пропаѓање на земјиштето. Во секој случај, овој локалитет е редок по својата конфигурација, по својот природен комплекс, но и по културните остатоци што ги крие по неговата површина и под земјата. За него и денес, жители на селата Витолиште и Полчиште раскажуваат разни доживувања, преданија од нивните претци или изнесуваат извесни лични сведоштва за своевидни предмети забележани на некои места на локалитетот.        

1 Лилјана Кепеска, Задна Река Грмајте, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј – Прилеп, Прилеп 1995, 12.

2 Георги Трајчев, Мариово, Софија 1942, 22.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 55, 56.

4 Исто.

5 Исто.

ОСТАТОЦИ ОД ГРАДБИ И ПРИРОДЕН АМБИЕНТ

КЕРАМИКА