МАКЕДОНЕЦОТ ПИЕР, НЕГОВИТЕ ЌЕРКИ – ДЕВЕТТЕ МУЗИ И КУЛТОТ НА НАЈГОЛЕМИОТ МУЗИЧАР ЛИН

Лин во античкиот период е своевиден култ и божество поврзано со уметноста, односно, со музиката. Покрај Орфеј, кој бил неповторлив музичар со потекло од просторот на Тракија и Македонија и по својата смрт бил погребана во тн. Тракиска Либетра, во областа Пиерија под Олимп, сличен лик, повторно поцврзан со македонското тло и македонската митологија и култура е Лин. На своевиден начин, неговото име и денес е присутно на овој простор, па една современа македонска населба, која денес е во областа Мала Преспа во Албанија го носи неговото име, Лин. Според старите автори и митографите се споменуваат најмалку тројца со такво име или се изнесуваат три различни верзии за потеклото на овој лик.  Според митографите треба да се разликува Лин, синот на Исмениј, кој бил убиен од Херакле со инструментот, лира од Лин, кој бил син на богот Аполон и Псамата, ќерка на Кротоп, крал на Арг, која го родила и поради страв од својот татко, пред кого не смеела да го појави детето, го оставила новороденчето во планина, а таму го пронашле извесни овчари, кои го одгледале, но подоцна него го растргнале кучињата на Кротоп. Кротоп ја забележал болката и тагата кај својата ќерка Псамата и сватил дека таа била мајка на Лин. Поради тоа, тој ја осудил својата ќерка на смрт, а Аполон, поради тоа, го казнил градот Арг за двете злосторства и му ја испратил Харпијата, која се викала Појна, а таа им ги одземала децата на родителите се додека извесен Коројб не решил да ја убие.1 Веднаш потоа Арг го зафатила чума и маките на неговите жители продолжиле. Кога жителите на Арг се обратиле за совет за спас во пророчиштето во Делфи, таму им било кажано дека треба да се измират со Псамата и Лин, па така започнале да им принесуваат жртви на овие два лика. Чумата, сепак, не престанувала, па во Делфи за совет отишол Коројб, убиецот на Харпијата Појна, кому свештеничката, која се нарекувала Питонка му советувала да не се враќа дома,  туку да го земе нејзиниот троножец и да го понесе со себе, а на местото каде што ќе му падне од рацете да му подигне храм на Аполон. Вториот Лин го нарекувале и Ојтолин и по него тагувале харфистите на своите гозби.2

Орфеј – од Атина

            Третиот Лин, според митологијата, бил погребан во Арг. Тој бил поет, кого некои автори го опишуваат како син на Ојагар и музата Калиопа, по што станува и брат на Орфеј. Според други раскажувачи и автори, Лин бил син на Аполон и музата Аранија или Аретуса, ќерка на Посејдон. Некои го сметаат за син на Хермес и Уранија или син на Амфимар, синот на Посејдон и Уранија, а други го сметаат за син на Магнет и музата Клио. Лин бил сметан за најголем музичар на сите времиња, кого го убил Аполон љубоморен на неговата дарба. Компонирал балади во чест на Дионис и другите стари херои, а баладите биле запишани со писмото на стариот народ Пелазги. На Лин му се прирпишува и тоа дека ги создал ритамот и мелодијата, бил сестрано надарен и бил учител на Тамириј и Орфеј.3

            Тагата по убиениот музичар, поет и мудрец, Лин, се проширила во светот, па стигнала дури до Египет, каде во таа чест била испеана и песна под името Манерос. Ликот на Лин е врежан на ѕидот од една пештера на планината Хеликон, каде има света градина посветена на Музите и таму, пред да појдат до нивната градина, му се принесувале жртви на Лин, во неговата пештера.4 Интересно е дека старите автори името на Лин на директен начин го поврзуваат со македонскиот крал Филип II Македонски. Имено, по победата над Атињаните во битката кај Херонеја, овој македонски крал ги пренесол коските на Лин во Македонија. Тоа го направил откако сонил извесен сон во кој му се наложувало тоа. Веројатно, поради некаков духовен немир, повторно, по извесен сон, кралот Филип II коските на Лин ги вратил назад.5

            Според Херодот, споменатата песна од Египет, која била посветена на Лин се пеела и на други места, како во Феникија, Кипар и на други места и кај секој народ таа имала посебно име. Еве што запишал Херодот за оваа песна и митскиот лик на Лин: „Покрај другите омилени песни (во Египет, зм.), особено, се истакнува една песна, „Линос“, која се пее и во Феникија, во Кипар и на други места, и таа кај секој народ се именува поинаку. Многу е слична на една песна која се пее во Елада и која и таму се вика „Линос“, така што, покрај другото, се чудев и на тоа, од каде го зеле и во Египет, токму, тоа име, „Линос“. Веројатно е дека тие отсекогаш ја пеат, и таа на египетски јазик се вика „Манерос“. Во Египет ми рекоа дека така се викал синот единец на првиот египетски крал и дека Египќаните, по неговата прерана смрт, со оваа песна му искажувале почит, па дека таа била нивна прва и единствена песна.6

Херодот

            Дека се работи за многу стар култ, може да потврди и споменувањето на Лин од страна на најстариот поет од Медитеранот, Хомер, кој во неговиот еп Илијада го споменува во неговите стихови при опишувањето на штитот на Ахил, кој му го исковал и украсил богот на ковачкиот занает, Хефест:

А во средината меѓу нив сите момче удираше

милозвучно во ѕвонлива форминга и пееше Линова песна мила

Пееше со нежен глас, а тие по неговата песна играјќи,

кликајќи, ијукајќи и скокајќи го следеа него.7

            Во своите дела Лин го споменуваат и други антички автори, меѓу кои, Диодор од Сицилија, Диоген Лаертиј, Павсанија и други.8 За нас особено се интересни информациите пренесени од Павсанија. Во опишувањето на спомениците во градот Теспиј во областа Беотија. Павсанија наведува: „Раскажуваат дека подоцна во Теспија дошол Македонецот Пиер, по кого во Македонија се именува една гора (областа Пиерија, зм.), и дека воспоставил девет Музи, па им ги изменил дотогашните имиња. Пиер мислел така бидејќи му се чинело дека е попаметно или затоа што така наредило некое пророштво или тоа го научил од некој Тракиец. Тракискиот народ одамна  и во друг поглед изгледал подинамичен од Македонците и не толку рамнодушен по прашањето за верата. Некои кажуваат дека самиот Пиер имал девет ќерки и дека тие имале имиња исто како и божиците и дека оние кои Хелените ги нарекуваат деца на Музите биле внуци на Пиер. ……………………………………………………………………………………………………………………………………..

Велат дека Еуфема им била дадилка на Музите и тука е и нејзиниот портрет, После неа следува Лин на мала карпа изработена во форма на пештерска длабнатина. Нему секоја година му принесуваат жртви пред да им жртвуваат на Музите. Се вели дека овој Лин бил син на Уранија и на синот на Посејдон, Амфимар, дека во музиката постигнал најголема слава меѓу своите современици и меѓу оние кои живееле пред него и дека го убил Аполон бидејќи му бил рамен во музиката. По смртта на Лин, тагата за него се раширила по целиот варварски свет, така што и во Египет настанала песна на Лин. Египќаните таа песна ја викаат Манерос.9

            Античките поети, кои твореле во времето по Хомер, исто така, пишувале стихови посветени на големиот музичар Лин. Павсанија наведува извесен поет Памфо, кој ги напишал најстарите химни за Атињаните, а Лин го нарекувал Етолин, кое упатувало на неговата лоша судбина, односно, значело „Лин со лошата судбина“, а ова име го добил откако гласот за неговата судбина и тагата по него нараснала и се проширила во светот.10 И познатата античка поетеса, Сафо, кога дознала за неговата судбина и за новото име од песните на Памфо, составувала стихови во кои него го опевала како Етолин, заедно со Адонис.11 Павсанија, исто така, пишува дека Тебанците тврделе дека коските на Лин се наоѓале во нивниот град Теба и дека еднаш нив ги зел Филип II и ги однел во Македонија, но дека повторно ги вратил. Еве што вели за тоа овој автор: „Тебанците тврдат дека Лин е погребан кај нив и дека синот на Аминта, Филип, по поразот на Хелените кај Херонеја, покорувајќи се на видение во сон, ги зел коските на Лин и ги испратил во Македонија. Поттикнат од други доживувања во сон коските ги испратил во Теба, но со тек на времето исчезнало сето она што било над гробот со другите обележувања.12

Херакле - Hercules_Musei_Capitolini
Херакле – Hercules_Musei_Capitolini

            Според Павсаниј, Тебанците и други во негово време раскажувале дека по првиот Лин се родил друг Лин, кој бил син на Исмениј, кого го убил Херакло уште како дете, кога овој му бил учител по музика. Истиот автор, пак, не верува дека, ниту првиот, ниту вториот Лин пишувале епски стихови, освен ако нивните дела не допреле до генерациите по нив.13

                Павсанија споменува и два гроба во градот Арг на Пелопонез во кои бил погребан првиот и вториот Лин, односно, Лин – синот на Аполон и Псамата и „Лин за кого кажуваат дека пеел песни.“14

            Митографите, култот на Лин го поврзуваат со растението Лен, со начинот на неговото одгледување и обработка, како и со примената на лененеат облека. Исто така, според нив, при жетвата на ленот и неговата обработка се пееле тажни песни, кои му биле припишувани на Лин или нему му биле посветени.15

Ранохристијанска базилика во Лин, Мала Преспа 3

                Населбата во Мала Преспа, која носи исто име како и митолошкиот музичар Лин се наоѓа во областа Горица во Мала Преспа, на 22 километри од градот Поградец. Интересно е дека во Лин е откриен локалитет со остатоци од населба, која се смета за една од најстарите езерски населби во Европа.16 Освен тоа, во близина на селото, кое е расположено на еден полуостров на Охридското Езеро од албанска страна, откриена е и една значајна градба од раното христијанство, односно, ранохристијанска базилика со подни мозаици со високо естетско ниво, кое се поврзува со мозаиците од ранохристијанските градби од Плаошник во Охрид.17 Што се однесува до совпаѓањето на името на селото Лин со името на митолошкиот музичар Лин, немаме друга аргументација за каква било заемност, но фактот за постоењето на споменатата праисториска населба, како и другите археолошки остатоци од атарот на селото даваат можност за извесно поврзување на имињата. Засега, можеме само да претпоставиме дека на ова место или во неговата поблиска околина бил присутен култот на музичарот Лин, па и некаква култна градба, која му била посветена нему во праисторискиот и античкиот период.

 

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Белград 1999, 441, 442.

2 Исто. Павсанија, Водич по Елада, Логос, Сплит 1989, 470, 471.

3 Роберт Гревс, Грчки митови, 441, 442.

4 Исто.

5 Роберт Гревс, Грчки Митови 442. Павсанија, 470, 471.

6 Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988, 146.

7 Хомер, Илијада, стихови 569 – 572, 308. Павсанија, Водич по Елада, 470.

8 Роберт Гревс, 442.

9 Павсанија, Водич по Елада, 470.

10 Исто.

11 Исто.

12 Исто, 470, 471.

13 Исто, 471.

14 Исто, 114.

15 Роберт Гревс, 442 – 444.

16 ТВ-Сител, 14 август 2023 – 8:47.

17 На временска и естетска блискост, па и соодветна поврзаност меѓу ранохристијанските цркви и мозаици од Охрид со ранохристијанската базилика и мозаикот од Лин упатуваат археолозите и историчарите на уметност, кои пишуваат за раното христијанство. (Види: Мишко Тутковски, Ранохристијанските мозаици од Охрид)