АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ – ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ, ФАРАОН НА ЕГИПЕТ(2)

МИТОЛОШКИ, РЕЛИГИСКИ И ИСТОРИСКИ ВРСКИ НА ЕГИПЕТ СО БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (3)

ГРАДОТ АЛЕКСАНДРИЈА ГОЛЕМ ЦЕНТАР НА СВЕТОТ – НАЈГОЛЕМ ГРАД ВО АНТИЧКИОТ ПЕРИОД       

            Плутарх пренесува дека место за изградба на новиот град, Александрија во Египет, на своевиден начин, му го покажал самиот поет, Хомер, чие дело, Илијада, Александар посебно го почитувал и го носел со себе на целиот негов поход. Имено, Плутарх пренесува дека Александар преку ноќта сонил сон, односно, му се причинило дека крај неговиот одар застанал старец „со коса бела како снег“ и ги изговорил следните стихови:

Некаков остров во силно брановитото море има,

токму пред Египет лежи, а луѓето го викаат Фар“.20

            Само што станал од сонот, Александар, веднаш се упатил кон тој остров, Фар, кој во тоа време уште бил остров, а подоцна бил споен со брегот со изграден насип. Местото веднаш му се допаднало за намерата, која ја имал, односно, подигање на градот Александрија, па кога го видел, рекол:

            „Та Хомер заслужува восхит во секој поглед, но никој уште не знае дека тој е и најмудриот неимар“.21

План на Александрија во Египет

            Така започнува приказната за подигањето на идниот голем светски центар, Александрија, кој е дело на големиот крал и војсководач, Александар Македонски и кој е нераскинлива врска на Македонија со Египет и следните неколку века, со владеењето на македонската лоза фараони, Птолемеи. На своевиден начин и денес не може да се одмине фактот за таквата историска и културна заемност меѓу двата простори, меѓу двете земји и двата народа, колку денес и да биде негиран македонскиот придонес, македонскиот идентитет, како и културната, историската, политичката и државничката одисеја на Македонците во неколкуте векови на владеење со добар дел од познатиот свет, посебно со Египет.

            Авторите пренесуваат дека Александар ведаш се зафатил со нацртот на градот на самото место, па немајќи креда, планот го направил со брашно од јачмен, заповедувајќи да се направи голем полукруг, а во внатрешноста на полукругот биле „повлечени“ две прави линии, на тој начин што, од раб до раб, во еднаква големина, се составувале во форма на хламида, „македонска воена наметка“.22

Александар во Вавилон

            Изградбата на Александрија му била од особено значење, па самиот се зафатил со нацрт на градот а, притоа, определил место за плоштадот, го определил бројот на храмови за боговите, кои самиот ги славел со својот народ и за египетската божица Изида. Ја определил и должината на ѕидот околу градот.23 За обележувањето на планот на Александрија со брашно, односно, за да се направи нацрт на градот, на самото место со него, односно, да се обележи кругот на ѕидот, кој ќе го обградува, според некои автори, било идеја на еден од неговите главни градители. Тој дошол на идеја да се собере целото брашно, кое со себе го носеле војниците и, по упатството од Александар, со него да се обележи кругот по кој ќе се гради оградниот ѕид на градот.24

Дистатер со ликот на Александар и божицата Ника

            Архитект, кој дошол на идејата со брашното бил најпознатиот од неколкуте архитекти на Александар, Динократ (Дејнократ) кого, некои автори (Роберт Вајгал), го нарекуваат и „лудиот архитект“. Како познати негови дела се споменуваат градот Александрија во Египет, обнова на храмот на Артемида во Ефес, гробницата на најдобриот пријател на Александар Македонски, Хефестион и др. Прекарот „лудиот архитект“, веројатно, го добил поради една идеја поврзана со планината Атос на Халкидик да направи огромна скулптура на Александар, која ќе гледа кон морето а, притоа, Александар во левата рака да држи град, а во десната езеро.

Претстава на идејата на Динократ за неговиот проект за Атос

            Симболиката на настаните поврзани со нацртот и планирањето на градот Александрија, некои од авторите ја истакнуваат како, своевидно, претскажување за неговата иднина и значењето кое ќе го добие. Имено, токму, случајот со употребата на брашното го поврзувале со благосостојбата на градот.25 Овде, ќе додадеме уште едно сведоштво за местото на кое бил изграден градот Александрија. Имено, според Павсаниј, кој упатува на тоа дека Александар го изградил Александрија на вливот на Каноб, тоа место не било празно пред изградбата на Александрија, туку на истото место постоела постара мала египетска населба со име Ракотис.26

            Особено интересен опис на градот Александрија во Египет дава Диодор. Него ќе го пренесеме во целост:

            „Потоа (Александар, зм.) решил да основа голем град и им наредил на луѓето што останале за оваа задача да изградат град меѓу езерото и морето. Откако го измери местото и вешто го подели на четвртини, Александар го нарекол градот по своето име – Александрија. Се наоѓаше на многу погодна локација во близина на пристаништето Фарос; Благодарение на вештиот распоред на улиците, градот е отворен за ветровите – оние, кои дуваат од морето, носејќи со себе свежина и правејќи ја локалната клима умерена и здрава. Тој го опколи градот со ѕид, огромен и одлично го заштитуваше градот: се протегаше меѓу езерото и морето, а од копнената страна водеа во него само два тесни, лесни за одбрана премини. Конечниот план на градот наликува на хламида (наметка); Речиси по средината (градот) е пресечен со улица, неверојатна по својата големина и убавина: оди од една до друга порта; нејзината должина е 40 стадии, а ширината е една плетра; сето тоа е изградено со луксузни куќи и храмови. Александар наредил да се изгради палата; нејзината големина и моќ на градба се неверојатни. Не само Александар, туку и сите што царуваа во Египет, по него и до денес, додадоа нешто на луксузот на палатата. Општо земено, градот потоа пораснал толку голем што многумина го сметале за прв во светот. Особено се издвојува по својата убавина, големина, можности за добра заработка, како и изобилство на луксузни добра. И овој град ги надминува другите по население. За време на нашиот престој во Египет, луѓето кои имаа пописен список ми кажаа дека во Александрија има повеќе од 300 илјади слободни луѓе, а кралот добивал повеќе од 6 илјади таланти од Египет.27

АЛЕКСАНДАР ВО ХРАМОТ НА АМОН ВО ОАЗАТА СИВА

            По обезбедувањето на нацртот и планот за изградба на Александрија, Александар се упатил на долг пат низ пустината до оазата Сива за да го посети големиот храм на Амон и да му ги постави на богот, односно, на свештениците во храмот прашањата за кои сакал да добие одговори. Всушност, храмот со пророчиште посветено на богот Амон, во тоа врме, бил надалеку познат и во него доаѓале славни антички ликови, па дури јунаците познати одмитологијата, Херакле и Персеј. Пишувајќи за тоа, античкиот автор Аријан изнесува: „Александар го водела желба за слава и бидејќи бил во сродство со Персеј и Херакле и бидејќи и самиот водел лоза од Амон, како што по старите приказни, овие двајца влечеа лоза од Ѕевс.“28 Според старите автори, уште на самиот пат се случиле некои симболични настани. Имено, до Сива се стигнувало по многу долг пат низ пустината, без извори на вода и на удар на големи жештини и пустински бури, но за време на патувањето на Александар, ненадејно, заврнале големи дождови и на тој начин патот до храмот во Сива му бил олеснет.29 Друга симболика е раскажуваниот настан поврзан со пронаоѓањето на оазата Сива, бидејќи не било лесно да се следи патот до неа во пустински услови. Според едни автори (Птолемеј Лагов), пред Александар и неговата придружба летале два змеја и му го покажувале патот30, а според други (Аристобул и многу други) тоа биле два црни гарвани.31 Според Плутарх, тие гарвани летале напред, а Александар со својата придружба, односно, војската ги следеле, а кога патниците заостанувале, гарваните ги чекале. Уште повеќе, Плутарх, со чудење, додава дека Калистен раскажувал дека и преку ноќта, кога некои од патниците ќе заскитале, гарваните гракале и, на тој начин, ги враќале заскитаните на вистинскиот пат.32

Остатоци од храмот на Амон Ра во оазата Сива 2

            Кога групата стигнала во храмот на Амон, пред Александар се појавил врховниот свештеник и, во име на богот Амон, го поздравил како негов татко.33 Некои од авторите изнесуваат и тоа дека Александар го запрашал врховниот свештеник да му каже дали некој од убијците на неговиот татко ја избегнал одмаздата, а свештеникот го опоменал да биде внимателен при говорењето, бидејќи тој нема смртен татко. На тоа, Александар го сменил прашањето и прашал дали тој (Александар) им се одмаздил на сите убијци на Филип и, во истиот момент, прашал дали богот му одобрува да стане господар на сите народи. На тоа, богот (врховниот свештеник во името на Амон) му одговорил дека му одобрува да стане господар на сите народи, како и тоа дека Филип е целосно одмазден.34

            За пророштвата од Амон, поврзани со Александар Македонски известуваат повеќе антички автори а, според Плутарх, и самиот Александар ѝ пишувал на својата мајка Олимпијада „дека добил некои тајни пророштва кои, по своето враќање (во Македонија, зм.), ќе и ги соопшти само нејзе.“35

            Кога Александар ги добил одговорите, кои ги посакувал, се вратил назад, и тоа, според Аристобул по истиот пат, а според Птолемеј Лагов, по друг и порамен пат во Мемфис.36

            За врските на Александар Македонски со египетскиот врховен бог, Амон Ра, пишувале повеќе автори, кои ги пренесувале информациите дека Олимпијада го зачнала Александар, токму, со овој бог, но и тоа дека истата ноќ, во своевидна форма во нејзината постела се нашол и Ѕевс, но за нас е важно тоа што ова предание и пророштвата поврзани со Александар и споменатите божества доживуваат и вистинска материјализација со претставите од монетите, на кои македонскот крал е претставен со симболи и на двата споменати богови, односно, како Ѕевс-Амон.37 Исто така, потврда за таквото верување се наоѓа и во други форми, особено, во објектите кои на разни начини се поврзани со овој македонски крал. Во врска со тоа, античкиот автор Павсаниј споменува и една куќа, која во времето на овој автор била во сопственост на некој приватник, но дека на почетокот Филип Македонски ја градел за својот син Александар. Имено, кај куќата била поставена и скулптура на богот Амон.38

Монета со ликот на Александар претставен како Амон

            Пишувајќи за односот кон божествата, односно, за божественоста, Плутарх пренесува мислење дека самиот Александар тврдел: „Богот, всушност е заеднички татко на сите луѓе, но најдобрите од нив ги одбира за свои, сопствени деца.39

                Кога сме кај храмот на Амон во оазата Сива во Либија, како своевидна врска меѓу двата простора, Египет, односно, северна Африка и Балканот, може да се земе и тоа што некои од старите автори раскажувале дека тој е изграден од Египќанецот Данај кој, пак, повторно според митолошки преданија, заедно со своите 50 ќерки, бегајќи од заканите на својот брат Египт со неговите 50 сина, се преселил од Египет на Балканот. Тука, тој, на Пелопонез ги затекнал Пелазгите, староседелци на Балканот, кои поради силното влијание на Данај и неговите 50 ќерки, самите се нарекле Данајци. Токму со овој митолошки настан се поврзуваат бројни религиски обичаи икултови како влијание од Египет.40

СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР И ЕГИПЕТ

            По враќањето од посетата на храмот на Амон Ра во оазата Сива, во градот Мемфис, пристигнала и нова војска испратена од намесникот на Македонија, Антипатар. Александар му принесол соодветни жртви на Ѕевс Кралот, организирал воена парада и гимнастички и музички натпревари. Потоа  се зафатил со преуредување на египетскиот систем. Александар го поделил Египет на два дела, кои му ги доверил на владеење на два номарски, Египќани, Долоаспид и Петисиј, но Петисиј се откажал, па владеењето останало само на Долоаспид. За контрола на власта на територијата на земјата, Александар поставил заповедници на посадите по градовите, кои биле од редот на неговите другари, односно, од редот на неговите најдоверливи Македонци.41 Како што е познато, Александар Македонски, по тешка грозница, во 323 година го завршил својот живот во Вавилон,42 според повеќето автори од маларија, но според некои и од отров донесен од Македонија во копито од маска.43

Амон Ра и Александар од Луксор – Louxor_Amon_Ra_Alexandre-Neithsabes

            За врските на Македонија со Египет, особено со неговиот град Александрија, значајна е и неговата смрт. Колку што е познато до денес, неговото тело е погребано во градот Александрија, а голема е веројатноста дека на тој простор, односно, на просторот на Александрија се крие и гробницата во која бил погребан. Имено, по неговата смрт, телото на Александар е однесено во Египет, во градот изграден од него, односно, во Александрија. За свеченостите, односно, за подготовките поврзани со пренесувањето и погребот, особено, сликовито информира Диодор. Телото на Александар во Александрија го пренесол неговиот генерал и близок другар, Птолемеј Лагов, кој тоа го искористил како основа и авторитет да го наследи владењето со Египет. Веројатно е дека некаде на просторот на денешниот град Александрија се крие и гробницата во која бил погребан македонскиот крал и освојувач, Александар III Македонски. Заемната врска меѓу Македонија и Египет била зацрвстена со погребувањето на неговото тело на тлото на Египет, во своевидниот центар на светот, Александрија. Денес бројни археолози трагаат по гробот на овој исклучителен Македонски крал и, до денес, ненадминат лик по својата популарност на светско ниво. Во Александрија се наоѓаат и палатите на идните фараони, големата Александриска библиотека, која за жал, подоцна е уништена, светилникот на островот Фар, кој претставува едно од светските чуда, голем број храмови на египетски и македонски богови и многу други заемно условени културни вредности, кои се дел од светската цивилизација и култура.

             

20 Плутарх, Александар Македонски, 134.

21 Исто.

22 Исто. Диодор, Книга XVII, Глава LII.

23 Аријан, 105.

24 Плутарх, 134. Аријан, 106.

25 Исто.

26 Pauzanija, Vodič po Heladi, 272.

27 Диодор, Книга XVII, глава LII.

28 Аријан, 107.

29 Исто, 107, 108. Плутарх, 135, 136.

30 Аријан, 108.

31 Исто.

32 Плутарх, 136.

33 Исто. Диодор, Книга XVII, глава LI.

34 Исто.

35 Плутарх, 136.

36 Аријан, 109.

37 Види: монета со ликот на Ѕевс-Амон.

38 Pauzanija, Vodič po Heladi, 408. 

39 Плутарх, 137.

40 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 162 – 166. Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988, книга I, 149, 150, 196 и книга II, 160.

41 Аријан, 109 – 111.

42 Плутарх, 197, 198. Аријан, 313, 314.

43 Диодор, Книга XVII, глава CXVII.