КАМЕНИОТ МОСТ ВО СЕЛОТО БУЧИН, КРУШЕВСКО, ИСКЛУЧИТЕЛЕН СПОМЕНИК НА МИНАТОТО ПОД ЗАКАНА ОД УРИВАЊЕ

Еден архитектонски објект од селото Бучин, Крушевско, е споменик на културата каков ретко може да се сретне на друго место во Македонија. Се работи за стар мост на Црна Река, (Еригон во античко време), кој со векови, веројатно, и милениуми му одолева на времето и разновидните закани од уривање.

Дел од селото Бучин
Дел од селото Бучин

            Науката до денес не му посветила никакво внимание на овој објект, иако е вреден културен споменик и вистинска туристичка атракција, подзаскриена во разновидни дрвја и растенија. Некои архитектонски и градежни особини упатуваат на римскиот период, а можеби и на постариот македонски период. Ако се знае дека во близина на селото Бучин, односно на двата врва од јужната страна на селото и на рамните површини во атарите на селата Бучин и Бела Црква постоел град, познат под името Алкомена уште во македонскиот период, односно, уште во четвртиот век пред нашата ера,1 сосема е нормално и во тоа време да егзистирал и соодветен мост на Црна Река, која протекувала во близина на градот и била атрактивен, но и неопходен објект, кој го разубавувал општиот амбиент на античката градска населба. Уште повеќе што, токму, кај селото Бучин е главниот премин од Пелагонија во Демрихисарско, преку кој минувале патниците, трговците, пренесувачите на стоки, како и војските, кои често се движеле во овој простор уште од најстарите времиња. Со голема веројатност можеме да претпоставиме дека токму овде, односно, преку градот Алкомена и преку овој мост, поминала и војската на Александар Македонски, пролетта 335 година, кога била на поход кон утврдениот град Пелион (во денешната област, Девол) за обезбедување на западната граница на Македонското кралство од немирните Илири.2 Покрај изнесеното, треба да се има предвид дека блиску до самиот влез во Демирхисарско, од  внатрешната страна, крај патот, кој и днес е главна врска на двете области, се наоѓал уште еден антички град, Бријанион, на локалитетот „Градиште“, кај денешното село Граиште.3

Камениот мост на Црна Река кај селото Бучин
Камениот мост на Црна Река кај селото Бучин

            Значи, традицијата на мостот може да има континуитет од неколку илјади години, а денешната зачувана градба е последниот мост од минатото, кој успеал да го победи времето и разновидните уништувачи на културното наследство. За жал, овој интересен објект, денес е под постојана закана, како од климатските промени и влијанија, така од други активности, кои се случуваат во негова близина, односно, околу неговите темели и комплетната конструкција. Последниве денови се збележани активности со тешка машинерија, веројатно булдожер, кој расчистувал околу него и раскопувал непосредно до градбата и неговите столбови. Иако намерите можеби биле расчистување околу градбата, ваквата постапка може да биде катастрофална за оваа градба.

Раскопан дел до оградата на мостот

            Мостот претставува впечатлива архитектонска градба и, иако со голем број оштетувања на оградите и калдрмата по која се минува, сепак, до денес е во кондиција за употреба, барем за пешаци. Неговата архитектура и естетскиот изглед на некои негови елементи се, особено, привлечни. Тој бил изграден со темели на двата брега на реката, со правец, северозапад – југоисток и располага со четири сводести форми, кои се потпираат на три ѕидани столбови. Основата на столбовите, од горната страна, односно, спроти течението на реката е со форма на остар агол, за да ги сече водите на реката и да го заштитува мостот од рушење. Слична функција, односно, заштита на градбата од рушење, имаат и отворите на телото на столбовите за слбодно протекување на водата.   Според некои од стручњаците, ваквите елементи се среќаваат и на мостовите од римскиот период. Своевдини мали прозорчиња или отвори се среќаваат и на оградните ѕидови на мостот, кои служат за излевање на атмосферските води од коловозниот дел од мостот во време на дождови. Коловозниот дел од мостот, односно, неговиот „под“ е изработен од необработени, помали и поголеми камења, добро наредени на хоризонталната површина. Особено, привлечни и со понагласен квалитет на изработка се сводестите форми на градбата, заедно со столбовите на кои се крепат. Полукружните делови на сводовите, по рабовите биле осигурани и со челични кламфи, кои прицврстуваат по два поголеми камени блокови од кружната форма на лакот, а можат да се забележат и до четири такви челични кламфи од секоја страна на свод или најмалку по две од секоја страна.

Еден од столбовите на мостот со сочуван дел од огардата

            Со интересните архитектонски елементи, карактеристични за старите времиња, како и со својата старост како објект, мостот и денес го привлекува вниманието на патниците, кои често застануваат да го видат одблизу, да го фотографират и да уживаат во вкупната глетка со речното корито на Црна Река и околината. За жал, неспособноста на нашите институции да го заштитат и да извршат соодветна реконструкција на неговата градба, како и штетните активности, кои одвреме-навреме се случуваат околу него, се повеќе придонесуваат за оштетување на неговата форма и намалување на неговата привлечност. И не само тоа, туку ваквата состојба го доведува во опасност опстанокот на овој редок споменик на древноста, односно, тој е под постојана закана од уривање и уништување. Последното интервенирање со тешка машина, е уште една опомена дека е крајно време некој од надлежните да преземе сериозни мерки за заштита.

 

1 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957, 221 – 223. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 201 – 206.

2 Аријан, Александрова војна (Anabaza), Матица хрватска, Згреб 1952, 23 – 27.

3 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, 223, 224.