ПОХОДОТ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ НИЗ МАРИОВО, ПО ТЕЧЕНИЕТО НА ЕРИГОН (ЦРНА РЕКА)

Споменот за Александар III- Македонски во областа Мариово е жив до денес. Особено, може да се сретне извесно предание поврзано со неговиот поход од 335 година пред нашата ера, кога со својата војска поминал низ целата област Мариово, движејќи се главно по патот, кој водел по течението на Црна Река, која во антиката е позната под името Еригон. Денес по високите и стрмни брегови на Црна Река во Мариово среќаваме разновидни остатоци од минатото, меѓу другото и од времето на Александар Македонски. Тоа се голем број населби од помал или поголем обем, како и населби со силни утврдувања, кои бдееле над коритото на  Еригон (Црна Река), како и над патот, кој минувал по нејзиното течение и кој, секако, морал да биде контролиран, да има своја заштита, односно, да има заштита за патниците, кои патувале по него. Таквата заштита, веројатно, била високо организирана во времето на Александар III Македонски, кој во 335 година пред н.е. поминал по него со својата војска на пат за градот Пелион (Пелиј),1 кој бил главно упориште на Илирите во негово време и кој се наоѓал во областа Девол, денешна Албанија.

Црна Река (Еригон) со дел од Скочивирската клисура кај Расимбегов Мост 2

            По средувањето на состојбите на север, југ и исток, Александар морал да го направи истото и со западот на Македонија, односно, да ја обезбеди територијата на кралството Македонија од нападите на Илирите и Дарданците, кои често навлегувале на негова територија во ограбувачки намери. Во тоа време,главен центар на Илирите бил споменатиот град, Пелион (Пелиј). Уште за време на походот во земјите на Агријаните и Пајонците, Александар бил известен од своите гласници дека Клит, синот на Бардил, крал на Илирите, се одметнал, направил сојуз со Глафкиј, кралот на Таулантите2 и на тој начин станал опасност за Македонија. Гласниците му пренесле дека на патот за Пелион, на неговата војска планираат да нападнат и Автаријатите. Затоа решил веднаш да тргне, а Лангар, кралот на Агријаните кој, уште додека бил жив Филип II јасно истакнувал дека го почитува и сака Александар и сега, со своите најспособни воници, Агријани, бил во македонската војска што ја водел Александар, го советувал младиот македонски крал, воопшто да не им посветува внимание на Автаријатите, зашто тие биле најслаби војници и дека самиот тој со своите Агријани ќе ги нападне и ќе ги натера на покорност.3 Со дозвола од Александар, Лангар така и постапил, а за таквата услуга Александар богато го дарувал, па му ја ветил и својата сестра Кина, ќерка на Филип и Илирката Аудата, за жена. До последното не дошло зашто набрзо потоа Лангар се вратил дома и умрел од извесна болест.4

Црна Река (Еригон) со дел од Скочивирската клисура

 

            Александар тргнал по патот што водел по течението на Еригон (Црна Река) кон градот Пелион5 со намера да го заземе и да ги натера на покорност Илирите, кои владееле во тој простор, во денешна Албанија. Клито, синот на Бардил, го избрал овој град за главно упориште на Илирите, зашто сметал дека е најдобро утврден. Кога дошол близу градот, Александар со војската направил табор во близина на реката Еордаика (денешен Девол), а Клито со своите Илири ги зафатил високите ридови во околината за да можат од сите страни да нападнат на македонската војска.6 Кралот на Таулантите, Глафкиј, сѐ уште не бил дојден на помош на Клито. Овде, старите автори пренесуваат една потресна приказна за постапката на Илирите. Имено, кога Александар почнал да наближува кон градот Пелион, за да ги придобијат боговите на своја страна, Илирите направиле повеќе жртви, а меѓу нив и три момчиња и три девојки, како и три црни брави, кои биле жртвувани како дар за божествата.7 Веднаш потоа нападнале на Македонците, но набрзо морале да се повлечат, та како плен на македонската војска им ги оставиле и жртвите, односно, жртвуваните тела на момчињата, девојките и бравите. Истиот ден, Александар со својата војска го опсадил градот Пелион, отсекувајќи ги Илирите од околниот простор со опсадни ѕидови.8 Следниот ден стигнал Глафкиј со својата војска Тауланти, па за да не биде нападнат в грб од него, Александар решил да се откаже од директен напад врз градот. Го испратил Филота, синот на главниот командат на македонската војска, Парменион, командантот на коњаницата, со 400 коњаници да набави храна. Глафкиј, откако бил информиран за Филота и неговите коњаници, ги запоседнал повисоките места во околината од која Филота требало да собере храна. Поради тоа, Александар му притекнал на помош на својот командант Филота за да ја спаси коњаницата од уништување. Глафкиј, само што ја забележал војската на Александар, веднаш се повлекол од зафатените позиции и Филота со коњаницата безбедно се повлекол. Потоа, Александровата војска се судрила со Таулантите, но тие биле преплашени и брзо се повлекле зад ѕидините на градот Пелион.9

Висок брег на Еригон со стар пат

            Битката за освојување на градот Пелиј, особено добро и во детали ја објаснува античкиот автор, Аријан. Според неговото пишување, приближувајќи му се на ѕидините на градот, Александар забележал дека еден планински врв го држи мала група од непријателската војска, па ги испратил своите најверни другари и коњаниците за да ги нападнат. Битката продолжила со жестоко темпо, кое Илирите и Таулантите на чело со Клито и Глафкиј не можеле да го издржат, па брзо многумина биле убиени и фатени, а Клито избегал во градот Пелион, па увидувајќи дека не може да го одбрани, го запалил и избегал кај неговиот сојузник Глафкиј, кај Таулантите. Така завршила битката против Илирите и освојувањето на градот Пелион, кој бил нивно главно упориште.10

Еден значаен локалитет од времето на Александар Македонски – „Богданова Нива“, с. Чаниште, Прилепско

            Во Мариово, кај жителите и денес е зачуван споменот за тоа дека низ оваа област поминал со војска Александар Македонски, па се раскажува дека постојат места во кои тој логорувал со војската, а таму се забележувале траги од престојот, односно, од логорот на македонската војска, како траги од огништа, места по карпите каде што биле поствувани копјата и сл.

            Денес по течението на Црна Река, на повеќе места можат да се забележат остатоци од стариот антички пат, кој наместа обновуван и во поновите времиња, особено во време на Првата светска војна, кога во Мариово престојуваат стотици илјади војска од двете страни на фронтот.

Фрагмент од стар пат на брегот на Еригон со висок подѕидок

            Како остатоци од времето на Александровиот поход на Илирите, денес паѓаат во очи голем број локалитети, особено високи тумби по бреговите на Црна Река (Еригон). Во подолното течение на Црна Река, нам ни се познати Марково Кале во делот од атарот на селото Витолиште, во големата долина позната како Обтранца, потоа Градишка Тумба на левиот брег на реката, во атарот на селото Гуѓаково, на која среќаваме остатоци од тврдина од македонскиот и римскиот период и која доминира во тој дел од долината на Црна Река,11 а од истата страна е и еден помал локалитет, на рамно плато, високо над реката, познат како Подот или Подевите, во близина на Гуѓаковските Извори.12

Локалитетот „Градишка Тумба“

            Уште погоре по течението, од левата страна се наоѓа и еден значаен локалитет во атарот на селото Манастир, познат како Маркови Кули – Градот(к), кој во подоцнежниот период (4, 5 век) бил своевиден центар на областа.13 Со својата доминантан позиција, особено се истакнуваат локалитетите, Црна Тумба и Долгиот Рид, кои се еден до друг во атарот на селото Манастир,14 а уште погоре, во атарот на селото Чаниште, на највоска позиција се наоѓа локалитет со силна тврдина, познат како Убава Глава.15 Одејќи нагоре од левата страна, се соочуваме со исклучително значаен локалитет од македонскиот период, но и од постарите периоди, Богданова Нива,16 како и со најдоминантниот врв во тој дел од високите брегови на Скочивирската Клисура, позната како Страиште на кој, исто така, среќаваме остатоци од тој културен период. На десната страна на реката, наспроти Богданова Нива, во атарот на селото Манстир, се соочуваме со урнебесен локалитет, познат како „Градиште – Мал Град и Голем Град“, полн со остатоци од култура од праисторијата, македонскиот и римскиот период, како и доцната антика, дел од него утврден со силен ѕид, сместен во грамадни карпи со фасцинанти форми.17 Неколку километри погоре од истата страна на реката, на една тумба околу која Црна Река прави нагласена кривина, се сочуваме со остатоци од силна тврдина со малтер на локалитетот „Чебрен“, во чии рамки среќаваме керамика од овеќе периоди, како и други видови археолошки материјали, меѓу кои и остатоци од ранохристијанска црква на самиот врв на тумбата.18 Оттука реката продолжува кон повисоките делови на Скочивиркста Клисура, кон селата Груништа и Скочивир, каде, исто така, има бројни остатоци од тн. калиња и населби од различни периоди, меѓу кои и од македонскиот. Овде не смееме да ја заборавиме и тврдината позната како Пешта, која се наоѓа во атарите на селата Градешница и Старавина, на брегот на помалата Градешка Река, која е десна притока на античкиот Еригон  – денес Црна Река. Над целиот овој простор, неизоставно треба да се има на ум најдоминантниот врв Висока на Селечка Планина, познат и како „Ќаве“, малку подалеку од левиот брег на Еригон, на кој среќаваме остатоци од исклучителна градба од монументални камени блокови под самиот врв и остатоци од силна тврдина од камен и малтер, кои упатуваат на значаен локалитет, центар во пошироката област, веројатно, престолно место на Пелагонците, кое своето значење не го изгубило ниту во македонскиот период.19

Александар го сечи Гордиевиот јазол – Симон Бертелеми, 19 век

            Сите набројани локалитети, особено оние со тврдини, секако биле од особено значење за тогашното кралство Македонија и имале посебна улога за обезбедување храна, одмор и безбедно патување по Еригонскиот пат и на војската на Александар Македонски од 335 година пред н.е., чие минување низ областа Мариово оставило силен впечаток меѓу жителите на овој дел од Македонија и се „отпечатил“ во нивната меморија, останувајќи до денес, како незаборавен настан.     

1 Аријан, Александрова војна (Anabaza), Матица хрватска, Згреб 1952, 24.

2 Исто, 23.

3 Исто.

4 Исто, 24.

5 Исто.

6 Исто.

7 Исто.

8 Исто.

9 Исто,

10 Исто, 23 – 27.

11 Археолошка карта на Република Македонија, 294. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 207, 208. Тренчо Димитриоски,

12 Тренчо Димитриоски Богатство од праисториска култура во тешко достапните простори на локалитетот Гудјаковски Извори – Подот кај селото Гудјаково, Прилепско (https://www.pelagon.mk/2020/08/15/)

13 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 94 – 98. Иван Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје 1996, 261 – 264.

14 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 82 – 85.

15 Исто, 121, 122.

16 Исто, 105 – 110. Археолошка карта на Република Македонија, 315.

17 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 72 – 78.

18 Тренчо Димитриоски, Висока, кај селото Крушевица, Прилепско, култен врв и центар на старото Пелагонско кралство (https://www.pelagon.mk/2020/06/20/)

19 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II …, 140 – 143.