ГОЛЕМ ВИНАРНИК ВО КАРПА ВО НЕПОСРЕДНА БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САМОВИЛЕЦ“ СО ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА КАЈ СЕЛОТО МРАМОРАНИ, ПРИЛЕПСКО

Еден винар­ник во карпа, со нагласени димензии, кој се наоѓа на неколку де­се­тици мет­ри од големата карпа околу која била расположена населба од енеолитот и бронзе­ниот период, на локалитетот „Самовилец“ на просторот на некогашното село Големо Мраморани,1 кое се наоѓало на 7-8 km западно од Прилеп, претставува посебен споменик на културата во овој дел на периферијата на Пелагонија. Имено, со добро зачуваната форма, како и естетскиот изглед, претставува привлечен културен објект, но и сведок на едно далечно време на одгледување винова лоза и производство на производи од грозје. Тој се наоѓа југоисточно од карпата, која била централен објект во населбата, во близина на долчето од таа страна. Овој камен винарник, е со нагласени димензии, односно, првиот дел од него, коритото во кое се гмечело грозјето, е со должина од 3,5 m, ширина од 1,2 m и длабочина до 0,50 m. Вториот дел од овој камен винарник, односно, садот во кој се цедел сокот од грозјето е со димензии од 1,2 m должина, 1,2 m ширина и околу 0,40 m длабочина. Значи, целата должина на овој објект поголема од 4,5 m, па може да се земе дека овој винарник во карпа спаѓа во поголемите по должина во Пелагонија и Марио­во, каде што имаме добар увид на нивното присуство.

Локалитетот „Самовилец“ со соквернавената карпа

Винарникот за кој станува збор е расположен на поголема ниска карпа со површина од десетина метри квадратни, закосена од југ кон север, па таква позиција зазема и самиот објект. Притоа, поголемиот дел од винарникот е на јужната, а помалиот на северната страна. На делови од рабовите на големиот елемент, како и на површината од нивната надворешна страна се забележуваат помали обработени форми, кои упатуваат на можноста дека при гмечењето на грозјето била користена и направа. Карпата на која е изработен винарникот поседува и дополнителни обработени делови, кои нѐ упатуваат на фактот дека винарникот се наоѓал во простор заштитен со посебна конструкција со покрив, па дури и ѕидови за да може да се работи и во понеповолни климатски услови.

Винарникот од „Самовилец“, Мраморани

Кога се работи за овој објект за гмечење грозје, интересно е да се напомене неговата непосредна близина со старата населба на локалитетот „Самовилец“, која се карактеризира со голема топчеста карпа во нејзиниот централен дел и потекнува од енеолитот и бронзеното време.2 Имајќи го предвид фактот што археолозите, сличните вакви објекти, главно, ги датираат во римскиот период можеме да го поставиме прашањето дали овој винарник од „Самовилец“ нема многу постаро потекло кое, временски, може да се лоцира во некој од кутурните периоди, застапени на локалитетот. Се разбира, со оглед на фактот дека се работи за објект изработен во камен, прецизното датирање е, особено, проблематично. Сепак, нагласеното присуство на археолошки наоди од керамика, како и наоди од метал (бронза), кои се со потекло од бронзениот период, можат да бидат индиција за поврзување на овој објект, дури, и со тој период.

Во посета на винарникот

            Што се однесува до просторот на пошироката околина на винарникот за кој овде станува збор, може да се каже дека, винарници длабени во карпа има, како југозападно, така и североисточно од лока­ли­тетот „Самови­лец“, по падините на ридот Негрее.3 Два од нив се наоѓаат во потегот кон селото Мало Мраморани, на околу 50 – 100 m од централната карпа на локалитетот Самовилец, повеќе од 5 винарници во карпа се распоредени по падините североисточно од него, а уште неколку има и во околината на старите гробишта од некогашното село Големо Мраморани, каде еден од винарниците има нагласени димензии, односно, само големиот елемент од објектот е со должина од околу 4 m, додека помалиот е оштетен во долниот дел и не може да се измери со точна димензија.4 Во пошироката долина, односно, просторот меѓу селата Мраморани и Мажучиште се среќаваат неколку десетици винарници во камен, па може да се констатира дека на овој простор се концентрирани исклучително голем број винарници во карпа,5 што укажува на развиено лозјарство во овој дел од Пела­гонија во некој од старите периоди на човештвото. Имајќи ја предвид праисториската на­сел­ба на Самовилец, која егзистирала пред повеќе од 3 000 години, односно, во бронзе­ното време, може да се претпостави дека дел од овие камени објекти – винарници потек­нуваат од тоа време, кога лозјарството била развиена гранка во овој дел од областа и им припаѓале на жителите од оваа населба.

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 125 – 128.

2 Исто.

3 Исто, 136, 137.

4 Исто, 136.

5 Исто, 136, 137.