КУЛТНАТА КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПЕШТЕРА“ КАЈ СЕЛОТО ПЕШТАНИ, ПРИЛЕПСКО БИЛА ЦЕНТАР НА ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА, КОЈА МУ ПРЕТХОДЕЛА НА АНТИЧКИОТ ГРАД ДОСТОНЕЈ

Локалитетот„Пештера“ кај селото Пештани, во неговиот повисок дел, е обележан со една голема карпа во форма на неправилна топка. На локалитетот има остатоци од материјална култура – керамика, камени орудија, камени елементи и метални предмети од подолг културен период, почнувајќи од енеолитот, бронзеното и железното време, па сѐ до римскиот период, кога на овој простор се развила градска населба позната под името Достонеј, која била центар на областа.1 Еден од најзначајните делови од градот Достонеј, се чини, бил оној источно од големата карпа, која имала посебно значење за жителите на населбата. Уште во праисторискиот период, особено, енеолитот и бронзеното време, околу карпата се создала извесна населба, а самата карпа била своевиден култен објект во кој праисториските жители гледале заштита, како од практичен, така и од духовен, односно, култно-религиски аспект, односно, како седиште на божествата. Веројатно е дека традицијата на слично почитувањето кон овој фасцинантен природен објект, продолжило и во следните векови, па и во македонско-римскиот период, кога населбата се развила и станала центар на областа.

Култната карпа од исток

Околу карпата, непосрено до нејзините вертикални профили, на земните површини, денес можат да се пронајдат бројни археолошки содржини, кои упатуваат на концентрација на култура околу неа во праисторискиот и подоцнежните периоди. Особено, се забележуваат разновидни фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, разновидни форми камена пластика и сл. Меѓу камените објекти се среќаваат и такви, кои асоцираат на праисторискиот период, особено, со извесни измазнети делови, кои се резултат на нивното користење за мелење на зрнести плодови и слично. На падините источно од карпата, каде теренот се спушта кон пониските делови на долината, се среќаваат повеќе тераси оформени со камени ѕидови, како и грамади камења од старите градби на населбата.

На југоисточната страна од култната карпа на л. „Пештера“

На големата карпа, како и на помалите карпи во непосредна близина можат да се забележат голем број разновидни оформени делови, кои се резултат на нивното учество во старата архитектура, која се развила околу карпата во населбата, која егзистирала околу неа. Денес во нејзиното подножје се наоѓа мала црквичка Св. Илија, а во пошироката околина има остатоци уште од неколку религиски објекти.2

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002.

2 Исто.