ЗЛОСТОРСТВОТО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“, ПРИЛЕПСКО, ВО ТЕК – МАТЕРИЈАЛ СО СКАПОЦЕНИ КАМЕЊА, ТАМПОН ЗА ПАТИШТА

 

Карта на минерали во Македонија на која се гледа дека најголема концентрација има во Прилепско

Нема ефект од апелите за прекинување на уништувањето на исклучителниот локалитет„Каракамен“ меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско од страна на фирмата „Бехтел и Енка“, која е ангажирана за изградба на патишта од проектот „Милијарда и повеќе“ (Коридор 8 и 10). Повик за спас на локалитетот е испратен до сите надлежни институции, одговорни за заштита на природното и културното наследство, како Министерството за култура, Упрвата за заштита на културното наследство при Министерството за култура, до Министерството за Економија, кое ги издава концесиите за експлоатација на минерали, Геолошки Завод Скопје – Комисија за ревизија, Министерство за животна средина, МВР, Општина Прилеп, Завод и Мизеј – Прилеп, како и до голем број други институции, кои имаат каков било интерес или обврска за заштита на ваквото наследство.

„Шелеверски Камен“ од север

            Според нашите информации, по извршениот увид од страна на екипа на Заводот и Музеј од Прилеп, наводно, бил постигнат извесен договор да не се ископува материјал од делот на локалитетот на кој се среќаваат остатоци од материјална култура и била определена контакт зона. Колку е релевантно да се поставуваат граници на локалитетот со обично и, би рекле, импровизирано рекогносцирање, без посебно истражување и подлабока анализа на теренот не можеме да кажеме. Сепак, останува фактот дека наведената фирма засилено работи на црпење материјал од ридот „Каракамен“, кој се изнесува оттука и се носи на места на кои треба да се употреби. Иако првичните информации беа дека овој локалитет за црпење материјал за тампон бил избран поради близината до трасата Прилеп – Битола, сепак, имаме информации дека возила со материјал од Каракамен вршеле транспорт дури до Тетовско.

„Шелеверски Камен“ од северната страна – раскопан дел

            Во меѓувреме се шират разноводни гласини за наводно пронаоѓање наоди на минерали со необична големина и со непроценлива вредност, експлозивни средства од Првата светска војна, како и слични гласини. Независно колку има вистина во тоа, факт е дека се работи за уништување на природни и културни вредности од особено значење. Уште повеќе, експертите и познавачите се убедени дека локалитетот „Каракамен“ е еден од врвните во Македонија по своите природни реткости, односно, по големиот број разновидни ретки минерали, од кои има и такви, кои се податни и закомерцијални цели. Колку овој локалитет може да биде значаен за науката, односно, за геологијата, можеби и за историјата на Мајката Земја, тешко е да процениме како лаици, но фактот дека овде доаѓале, истражувале и пишувале трудови научници од повеќе земји од Европа, доволно говори за тоа. Зошто молчат надлежните институции и експертите од областа на геологијата, рударството и минералгијата во Македонија, особено институциите чиј интерес би требало да биде да се зачува оваа природна реткост, тешко е да се каже. Над сето тоа виси прашањето, кој и со какви намери и знаење се однесува на ваков начин со природните и културните вредности во земјата. Особено што, за овој локалитет, стручњаците тврдат дека располага, не со осум, туку со дваесет и повеќе видови ретки минерали, па и тоа дека од него потекнува еден експонат на титанит, кој е најголем познат таков минерал досега на овој простор. 

Интересни форми од големата карпа, уништена пред неколку децении

            Неодамна формираниот Комитет за заштита на природното и културното наследство, има намера да се обиде да ѝ ги долови на пошироката, но и стручната јавност, вистинските вредности на овој локалитет, како и на други слични локалитети, кои се уништени или изложени на уништување на сличен начин. Неговиот успех зависи од соодветната подршка кај пошироката јавност во Македонија, особено стручната јавност, која засега покажува слаби реакции. Дали се работи за своевидна замолченост пред големите авторитети вклучени во овие активности или за нешто друго, нема да коментираме. Во секој случај, праксата на лесното и неконтролираното издавање концесии за експлоатација на природно наследство во Македонија, што побрзо треба да биде прекинато, зашто многу природни и културни вредности ќе исчезнат од лицето на земјата, како и да не постоеле.

Книга за минералите во Македонија од тројца автори

            Во меѓувреме неколку медиуми објавија за уништувањето на локалитетот „Каракамен“, а на социјалните мрежи има бројни реакции, главно, со став да се прекине уништувањето на овој исклучителен локалитет, кој освен природно и културно наследство содржи и духовно наследство поврзано со долгата историја на контакт со жителите на околните села. Се добива впечатокна своевидна култност на ридот, како и нагласен однос на жителите, кои со посебно чувство, пиетет и верување раскажуваат за локалитетот, за уништената „култна карпа“, за динамиката на движење на разни групи и поединци на ова место, за посетата на научници, студенти, авантуристи и разни други осетители.  За нас е особено значајна духовната димензија и духовната енергија која му се припишува на местото, која не смее да биде цел на уништување, зашто е вградена во чувствата на голем број жители од населените места во неговата околина. Сепак, суровата енергија на експлоататорот гази преку целата оваа содржина, бескрупулозно и со силна динамика ја напаѓа и раскопува како да сака да влезе во срцето на природното тело на ридот и да ја „скрши“ духовната аура, која се обидува да го заштити од уништувачот.