ВИСТИНАТА ЗА ВЕЧНОСТА

(Извадок од поема)

 

Во земја крстопатна

Разулавени ветришта

Веат приказни на заборавени пророци,

Митови и легенди за луѓе божествени

И чудовишта ненаситни.

Во каменот исконски,

Стокмен во древни ѕидишта,

Од мисла натраплива недопрена

Се крие тајната за луѓето и ѕверовите,

За убавината и злото,

Мистеријата на времето,

Магијата на просторот,

Уметноста на творецот на СЕ,

Во древни творби,

Вселенски знаци – пораки од небото,

Меѓу кули вонвременски,

Домови на суштества надземни,

Естетика заробена во камен,

Од човечка умешност создадена,

Во безумие здробена.

Заборавени храмови,

Прастари цркви христијански

Во спомен на 77 мајки расплакани,

Со дојки пресушени,

За 77 деца ненадоени,

77 светоградби за покајание,

На грутка испупчена поставени

Што личи на мајка вонземска,

Со гради подадени кон небото

И дојки набрекнати за деца

По млеко мајчинско непреплакани,

Од искон до вечност

За спомен и возбуда.

Пишти и грми стерна затната,

Под карпите – Џинови и

Под ѕидишта окрвавени,

Ќе се отне и ќе потопи

Еден ден,

Во благодет и плодородност

Од сознание.

Оживуваат карпите во светлина

И мистика

Проговараат симболите

на вечната светлина,

Врежани во камен,

за времињата непрокопсани,

Рика и стенка стерната

Под тежината,

Пиштат доенчиња на дојки пребликнати,

Ечи ридот од царево ридание,

За прошка молитва,

Покајание за милост

Од совест немирна.

Самнеат занемено кулите,

Зјаат портите на дворците

Лишени од чувари од рушители,

Без темничари за грешниците,

Молитвата лебди како облак,

Гори надежен оган во ноќта.

Зјаат во празно гробните јами,

Растурени по ридот,

Без скелети и дарови оставени во надеж,

Шепотат духовите од пукнатините

На ѕидиштата и

Чукаат во стотици тапани,

Повикуваат на тревога,

Се тркалаат во немир по ливадите,

Разорани во немилост од натрапници

Желни за скриено азно во утробата.

Возбудата расте од зорите

Со копнеж набабрен како ридот

На стерната напната во закана

За потомци неродени.

Се шири немирот по карпите,

Ги напрега трошните ѕидишта и

Замира во ноќта претворен во кошмар.

Нема патници намерници,

Само духови виорно облетуваат,

Изведуваат вратоломна игра

Низ урнатините на царските дворови,

Траскаат со невидливите порти,

Духови на цареви и царици,

Принцови и принцези,

На дворски прислужници,

Царски поданици и шутови,

Благородници и робови,

Духови на војници,

Исплашени од војни невообичаени,

Ѕвекоти тајно оружјето од метал

Удирајќи од камен на камен,

Се слуша глас на уметници и

На ѕвездознанци вообразени.

Духовите омаени,

Се вовираат низ јамите на пештерите,

Копаат по камената површина или

Ги преѕидуваат ѕидиштата и

Пределкуваат карпите и

презарежуваат врежаните знаци,

си поигруваат со измешани времиња,

натежнати на плеќите на возбудениот рид.

Древни научници, писатели,

Лицемери и дилетанти,

Се напрегаат до каде им досега мислата,

Низ мракот, спроти светлината.

Карпите се претвораат во сеништа.

Раскрилени птици или ѕверови,

Во мртви кралеви или воини

Со тешко оружје,

Робје во тешки окови и,

Така, се до мугрите,

Кога со мирис на бадем или

Слатки бреслинки и пршлинки

Се враќа сјајот на кулите и

На карпестиот рид натежнат од вековите,

Заживуваат светците насликани

Во карпести ниши за вечност и

Предупредуваат за божја казна.

Заборавени богови под грамадите

Стегаат заби желни за одмазда,

Ликуваат светците на новото време

Во древни велелепни храмови

Вгнездени длабоко во ридот,

Колони се влечат по угорнините

Даруваат, молитват и крадат,

Блудничат обземени од страста.

– Господи, прости им на грешниците,

Се крстат и молитват по навика,

Вечноста Господова ја слават

Во храм со покрив од небо,

Се кикотат злобно божествата заборавени,

Околу ѕидишта од храмови пагански,

Љубоморни, го рушат покривот на храмот

За Господова молитва стокмен од градители,

Во немоќ, креваат раце вешти мајстори,

Се слуша злобно кикотење од ридот

На богови заробени во камен

Поттикнати од одмаздничка моќ.

Светците плачат по ѕидовите

Со ископани очни јами од блудници,

Кои ја будат страста во луѓето под кулите,

За инает на светиите – господарите на храмовите,

Од завист и злоба, кои им ги будат страстите,

Па се раѓа сладострастие и неморал.

Трон царски под ридот, во дрвја расцутени,

Трон божји во грамадните карпи и

Трон на мртвите кај гробовите.

Гробови пред портите и внатре,

Во време на распаќе – пред распад,

Тажно самнеат троновите напуштени,

Штуро зјаат гробовите отворени кон небото

И мистично зрачи просторот преку денот,

Живнуваат преку ноќта облеани во пламен

И троновите и гробовите,

Шират светлина во игра,

А со нив, играат дрвјата, карпите и ѕидовите,

Страотни сенки го надлетуваат просторот.

Притиснато од ѕидовите, стенка времето,

Во мака неискажана.

Плаче старо битие – светлина,

Сонцето осветлува пораки

Запишани на камен во древност.

Слуги на сатаната го кршат каменот скверно,

Засекуваат длабоко во цврстината и го дробат ситно,

Ги бришат пораките исплашени од судбината,

Од клетва пророчка достасана,

Од старица подгрбавена и скаменета под златен врв и

Од доенчиња ненадоени од гради мајчински,

Расплакани на празни дојки – пресушени,

Млеко мајчинско во камен претворено

За бели ѕидови – цврсти, а блескотни.

Ѕвер убиен од гром трескотен

Од вишно небо и прозрачно,

Во светол ден – сонцевиден,

Во храм заборавен,

од блудна мисла испоганет

во ново време паганско.

Мачни мајки, мачни и татковци,

И деца, и старци и старици,

И невести и моми плодородни,

Во синџир вонвременски, недогледен,

Од рака, во рака крвава,

За потомство свето, камен предаваат,

Градат град – светлина

Под кашик – змија немилосрдна.

Ниту за деца – доенчиња жал,

Ниту за мајки со дојки пресушени милост.

Старци и старици, речиси, пропаднати,

Во немоќ капка сила прецедуваат,

За уште еден камен – уште еден ѕид,

Ѕид со корен во време непознато

Од немилосрдни цареви на камени тронови,

Заштитени од војски монолитни.

 

Храм до храм и фреска до фреска –

Икона до икона во пајажина,

Од некадарност и идеологија – вобразба.

Божја казна, во камен врежана,

Предупредува, на покорност моли,

Пред олтарите од крв и месо.

Расфрлени по ридовите,

За новото време кобат храмовите.

Дете пророк, вреска воспалено,

Во град – светлина до темел разурнат,

Колони од луѓе и деца од мермер,

Богови и божици, мајки во бело,

Во градот подземен со тајни ходници,

Скриени скалила до вода бесмртна водат,

До богови мртви со векови и

Светци заборавени – паднати во очај

Пред уништени храмови,

Полни со змии, отровници,

Лигави влекачи, кои залудно застрашуваат

Со казна од боговите со изгубена моќ.

 

Невидливи мајстори

Делкаат камен од исконско време,

Длабат, во цврстина монолитна

Оставаат пораки за вченост,

Знаење за идни учени предизвик.

Камен, до камен, секој свет,

со сила да копа по просветлен ум.

По каменот светци, вкочанети за век,

А колони кревки души

Со запалени свеќи

Се молат пред скаменет молк.

Празнуваат од страв,

Блудничат, беснеат и пцујат,

Верници без миропомазание,

со завет за идно време.

Старо божество им тлее во душата,

Туѓо надземно суштество

Со светилиште во камен

Строшено од времето и од злонамерници.

Тука вирее мистичност

Со привлечност на моќна планета.

Трепери духот на божеството

Околу камен – слон или птица

Опкружен со гробни јами

На заборавени покојници.

Ѕид од камен и малтер

Љубоморно крие цврстата земја,

И мисла, и знаење, и чувство божествено.

Величествено надземно суштество

Кружи над севкупното здание на нуждата,

На умот и проклетството

Уништено на чекор до судбината

И, еве, пак, траги и предизвик,

Строшена убавина,

Лек за незаборав.