ЖРТВИ

Живеам во раскош од камени дворци,

Од храмови во стилови сјајни

Во градови зрачни и трошни

Со мистика обвиени вечно.

Јас, осамен вселенски сонувач,

Со сон од митско време,

Ја чувствувам убавината болно,

Таа недопирлива божица стрелна,

Желна да стрела во мене везден.

Се смеам на судбина од метал

На мраз по покривите куќни

И студена вода под постели меки,

Грев сочинет крај ѕидови груби.

Плачам по неповратно време

И се гневам на омраза адска.

Ме фрала во бес овој свет

Полн со раскол и блуд

Насрчен кон в селенски порти,

Излуден во сопствени дворови.

Некаде блеска нова ѕвезда,

Крие раскош од светлина и бои,

Ново раѓање – божествен знак,

Живот во зародиш под тврда кора,

Кипти нерастајнет живот иден,

Полн со духови на суштества божји

Кипти и пупи пред расцут,

Кога ќе рашири гранки

И лисја ќе зашумат блудно

И се од почеток ќе тргне,

Нова одисеја и нов свет,

Скриен под грубост, штотуку зрела

За вселенски авантури со занес,

Од сон на богови во утроба родна,

На пламена планета во догор,

Во вселена што се раѓа

Со крик од надумска сила,

Од интелигенција збрана во тесно.

Прапочеток – еден од безброј,

Нова приказна од трагедии мачни

И радост на суштества родени  во миг,

Зрели за бистар дух и желни за ука.

Слушам смеа на моќен создател,

Радост на животот во бујност,

Искуство на вечност, повторено време

Во зовриен котел на бескрајот,

полн со пареа на залудност.

Се крие стапица во денот,

Ноќта е далечна за поглед мрачен,

Светлината царува пламено и

Мами штотуку родени жртви.