НИКОЛА БОШКОВ – ТРОЈАЧАНЕЦ, ЗНАЧАЕН МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР ОД СЕЛОТО ТРОЈАЦИ, ПРИЛЕПСКО, МАЛКУ ПОЗНАТ ВО НАУЧНАТА И ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ

Некои значајни личности од македонската историја, иако присутни во различни историски моменти, како и во различни организации и тела од македонската борба за слобода, сепак се малку познати, односно, малку застапени во општите историски сознанија и, помалку или повеќе, се запоставени. Една таква личност е Никола Бошков Тројачанец, некаде само како Никола Бошков, на друго место како Николе Бошков, Никола Тројачанец или Коле Бошков, по потекло од селото Тројаци, Прилепско. Тој е роден во 1865 година во Тројаци, но за неговото семејство не знаеме, речиси ништо. Рано се вклучил во движењето за отпор против турското ропство, односно, својата активност како борец за слобода ја започнал уште пред појавата на организираната борба во лицето на Македонската револуционерна организација. Всушност, тој е современик на познатите историски личности и настани, односно, со првите војводи во Прилепско, како што се Спиро Црне, Диме Чакре, Ѓорѓија Лажот, Диме Шике, Димо Дедото и други, кои биле активни во седумдесетите и осумдесетите години на 19 век и, меѓу другото, се движеле и имале акции и во областа Прекурид, во која спаѓа и родното село на Никола Бошков Тројачанец. Всушност, неговата револуционерна дејност се поврзува, токму, со некои од нив, особено со тие кои дејствувале во областа Прекурид во периодот од 1885 до 1890 година.1

Селото Тројаци – стара фотографија

            Не е познато каде стекнал образование, ама се знае дека Никола Бошков – Тројачанец бил образован човек, односно, бил учител. Токму тоа е една од причините што постојано го среќаваме на одговорни задачи и во друштво со видни македонски борци и револуционери, за што ќе стане збор подолу во текстот.

            Со формирањето на Македонската револуционерна организација (ТМОРО), тој бил вклучен во неа уште на почетокот, односно, во 1894 година. Според Милан Јоскоски, кој бил син на вовјодата Никола Бошков, Месната организација на ВМРО во селото Тројаци ја основал Ѓорче Петров, чие потекло по неговиот татко е од ова село и во него имал голем број роднини. Еве што вели Јоскоски: „Како по потекло од село Тројаци, не само што Ѓорче Петров имаше роднини и пријатели, туку во првото Месно раководство на ВМРО ги поставил најумните и најхрабрите: Илија Митков за претседател, Темелко Цуцулов одговорен за вооружувањето, татко ми Николе и уште два-тројца. Ним им ги прочита и објасни Уставот и Правилата на ВМРО, а потоа тие положија заклетва.2

Ѓорче Петров
Ѓорче Петров

                Поради својата револуционерна дејност, Никола Бошков на двапати бил апсен од турската власт и одлежал казна затвор. Првиот пат тоа се случило во 1896 година, но веќе во 1897 е слободен и продолжил со револуционерната активност, односно, учествувал во снабдувањето на Организацијата во Прилепско со оружје, кое се пренесувало од Бугарија. Повторно бил уапсен и затворен во 1898 година, кога одлежал 8 месеци затвор. 

            Николе Бошков станал член на првата вооружена чета на Организацијата во Прилепско, која била формирана во 1900 година и ја предводел војводата Мирче Ацев од селото Ореовец, Прилепско. За неговото приклучување во чеата не информира неговиот син Милан Јоскоски: „Откако дознавме дека предавството го извршил помошникот на полјакот Јован Тушев, кого Булиман го наградил со едн златен наполеон, това ʼрж и еден шиник бело пченично брашно, го известивме Месниот комитет во Прилеп, од каде што јавија дека предавникот ќе биде ликвидиран од четата што ќе пристигне. Тоа беше прва вооружена чета на Организацијата на ВМРО во Прилепско, на чело со војводата Мирче Ацев, кон која се придружи и татко ми Николе Бошков, зашто претстоеше опасност да биде убиен од Булиман …3

Селото Тројаци, денес

            Во октомври 1901 година Никола Бошков имал средба со Гоце Делчев, кој во тоа време дошол во Прилепско по организциска работа. Токму од Делчев, Бошков во следната 1902 година бил испратен во градот Софија, во Бугарија.

                Следната година, на 15 март,Никола Бошков од Бугарија тргнал за Македонија со чета од 29 души заедно со поголемата чета од 114 души предводена од војводата Константин Кондов4 со цел да учествува во претстојното Илинденско востание. Константин Кондов во своите спомени изнесува извесно „дезертерство на Коле Торојачанец (Никола Бошков) од неговата чета заедно со уште неколкумина комити. Еве што пишува тој: „Преку ноќта на 8 април, на третиот ден на Великден, од четата избегаа Спиро Дамев, Григор Оровчанов, Коле Тројачанец и уште дванаесет четници – сите од Прилепско. Веднаш заминав да ги прогонувам, но тие успеаја да се засолнат и следните два дена свечено беа примени во реонската чета на Петар Ацев. Последниот ги пофалил за подвигот и за тоа што успеале да им го украдат оружјето на тројца – четворица нивни другари. Еден од тие мародери, Спиро Данев, избегува и од последната чета и се предава на турската власт во Прилеп, која за награда го назначува за полициска (шпиунска) служба.5

Константин Кондов со група комити, меѓу кои и Питу Гули и Христо Чернопеев

            Ваквите изнесувања на Константин Кондов произлегуваат од фактот што во Организацијата имало поделба на врховисти, предводени од Врохвниот комитет на Орагнизацијата во Софија и централисти, предводени од Централниот комитет на ВМРО, а кои имале различен пристап околу ослободувањето на Македонија, односно, вторите биле за создавање на независна и самостојна држава Македонија, додека врховистите имале за цел припојување кон Бугарија. Тоа станува појасно и од две засебни изнесувања на Константин Кондов и Петар Ацев, токму, во врска со случајот од април 1903 година и групата на Никола Бошков, која дошла од Бугарија заедно со Кондов. Еве што изнесува околу несложувањето на врховистите и централистите самиот Кондов, кој бил сметан за врховист: „… од Прилепскиот комитет добив писмо со кое, на големо мое изненадување, ми се соопштуваше дека немале потреба од помошта на ʻбугарски офицериʼ и ʻподофицериʼ, зашто сме биле пратеници на Фердинанд (?!). Ни се забрануваше да навлеземе во Прилепско и луто ни се закануваа, ако го направиме тоа – Главите од ʻПопадија ќе ви се тркалаатʼ, пишуваше во писмото. Од Пере Тошев дознав дека Ѓорче Петров од Софија го предупредил комитетот во Прилеп за моето заминување и за мојата мисија. По негово настојување не ми било допуштено да си дојдам во својот роден град.6

Петар Ацев

            Во врска со истиот овој настан, во спомените од Петар Ацев го среќаваме следното: „Во мај, 1903 г., кога се вративме од походот во Азот, беше пристигнала една група четници од зад границата. Таа група била вооружена со средства од Организацијата и дел од емиграцијата во Софија, како и од приватните средства на самите доброволци.

            Била под водство на Коста Кондов, резервен офицер од редот на врховистите, кои во 1903 г. продолжија со своите услуги. Кога Кондов пристигна до Велешката околија, доби наредба од Скопскиот окружен комитет да ја испрати групата за Прилепско, а самиот тој да замине за Скопската околија, која имала потреба од интелигентен војвода. Кондов, не марејќи за каде ќе биде испратен, ја исполнил таа наредба и, пред да се јави во Прилепско, ја испраќа четата под старешинство на Никола Бошков од с. Тројаци.7

Остатоци од жандармериска станица кај Тројаци

            Кога дошла кај селото Топлица, четата што ја предводел Никола Бошков, имала случајна битка со турскиот аскер и, тука, паднале 7 комити, од кои еден висок подофицер од бугарската војска, Никола Волчев, кој дошол како доброволец во претстојното Илинденско востание.8 Во истата чета имало уште двајца високи подофицери, Димитар Андонов и Нестор Тенев Бајнов. Како што наведува Петар Ацев во своите спомени, за војвода во областа Прекурид бил назначен, токму, војводата на споменатата чета, Никола Бошков од селото Тројаци, Прилепско, а Димитар Андонов и Нестор Бајнов биле избрани за инструктори на востаничките сили.9

2. Портретот на Никола Бошков – Тројачанец

            Пред Илинденското востание четата на Никола Бошков учествувала во една трагична битка на врвот Студеница кај селото Беловодица. Во оваа битка учествувале и четите на околискиот војвода, Петре Ацев и четата на Никола Пешков. Оваа битка се случила на 7 јули 1903 (стар стил) година и во неа загинале, дури, 17 млади прилепски ревоуционери, меѓу кои и началникот на Горското началство на претстојното Илинденско востание, учителот Тале Христов.10 Тоа бил голем удар, не само за Прилепскиот комитет, туку и за целата Организација и успехот на востанието, односно, за (не)учеството на прилепскиот дел од Организацијата во востанието.

1. Задната страна на фотографијата со портретот на Никола Бошков

            По востанието, Никола Пешков, извесно време продолжува да дејствува со чета во областа Прекурид. Меѓу другото, тој учествува со својата чета во обидот за ликвидација на еден од најголемите силници и злосторници од оваа област, Булиман Ага, кој имал кула во селото Царевиќ, Прилепско. Еве што раскажува за овој настан, Милан Јоскоски:

            „На 21 септември 1904 година (Мала Богородица), Петар Ацев и Шаќир Војвода со поголемиот дел од четите беа кај месноста „Бунарот“, а татко ми Никола со Димо Мрзенец и 4-5 четници отишле кон Царевиќ – да го убијат Булиман. Јас и поголем број селска милиција со околу 200 товарни грла добиток чекавме кај месноста „Ѓурово“, меѓу Тројаци и Царевиќ. По ликвидирањето на Булиман од неговата кула требаше да го дигнеме целото жито: јачменот, ʼржта да им се разделат на народот, а пченицата и брашното да се чува за четниците по селата.“11

            Нападот на кулата бил успешен, но во неа не бил Булиман, туку само старешината кој раководел со неговиот имот, кој брзо бил совладан, а потоа целиот имот од кулата бил натоварен и однесен, како и 100 овци, 60 гоени брави, 6 крави, 3 јунци и 4 кобили. Одземениот добиток од кулата на Булиман бил продаден во Мариово и Меглен, а со парите се планирало набавување пушки за четите. Била подигната и целата стока од бакалницата во селото, која му припаѓала на Булиман, а со една канта газија била запалена и изгорена неговата кула, како и придружните објекти околу неа.12

            Тешко е да се пронајдат податоци за животот на Никола Бошков Тројачанец во следниот период од неговиот живот. Извесни информации можат да се извлечат од неколку фотографии на кои е фотографиран, кои можат да ни дадат скромни информации. Една оригинална фотографија од колекцијата на Државна агенција „Архиви“ – Централен државен архив во Софија претставува портрет на Никола Бошков и е фотографирана од Димитар Попов, фотографско ателје Јмабол. На задната страна на фотографијата има запишано: Војвода Николе Тројачанчето од селото Тројаци Прилепско (Види: фотографија 1 – задна страна).

3. Од лево: Никола Бошков, Михаил Чаков, Христо Чернопеев и Ангел Кајтазов

            Од другите фотографии се знае дека Никола Бошков активно учествувал во Првата балканска војна, кога е дел од четата на Михаил Чаков и учествува во ослободувањето на градот Кавала. Тоа се дури 3, особено, инетресни групни фотографии на кои е присутен и овој револуционер од селото Тројаци, Прилепско. На нив го среќаваме со видни македонски револуционери, организатори, идеолози и водачи на чети. На првата го среќаваме Никола Бошков, прв од левата страна, а следат Михаил Чаков, Христо Чернопеев, Панајот Бојчев и Ангел Кајтазов (Види: фотографија 2). На втората фотографија од истата година, повторно во ослободениот град, Кавала, истите личности од првата фотографија, во ист редослед, се фотографирани во седната положба (Види: фотографија 3)., а на третата групата е смалена и се фотографирани, од лево кон десно, Михаил Чаков, Христо Чернопеев и Никола Бошков, сите во стоечка полжба (Види: фотографија 4 – задна страна).

4. 3. Од лево: Никола Бошков, Михаил Чаков, Христо Чернопеев и Ангел Кајтазов

            Се знае дека Никола Бошков, по Првата светска војна со семејството на неговиот син Ѓорѓи се преселил во Софија, Бугарија, каде живеел до 4 февруари 1946 година, а неговиот гроб се наоѓа во софиските гробишта. Веројатно е дека постојат бројни други записи и материјали, кои говорат за животот на овој значаен револуционер, за чиј животен пат и револуционерна дејност малку знаеме, но засега успеавме да го составиме само овој скромен прилог. Се надеваме дека во иднина ќе се појават и други драгоцени информации за него. Потомци од неговото поблиско и подалечно семејство, денес, среќаваме во Прилеп, Софија и на други места.

 

1 Александар Ивановски – Глоговичанец, Прилепските војводи во македонската народна поезија, Прилеп и Прилепско 1893 – 1918, книга I, Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 305 (белешка 13).

2 Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид (крај на XIX – почеток на XX век), Прилеп и Прилепско 1893 – 1918, книга I, Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 82.

3 Исто, 83.

4 Константин Кондов, Спомени, 86.

5 Исто, 97.

6 Исто.

7 Петар Ацев, Спомени, 22.

8 Исто, 22 и 57.

9 Исто.

10 Георги Трајчев, Град Прилеп – историско-географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 236, 237. Никола Петров Русински, Спомени, Институт за национална историја, Скопје 1997, 331, 332.

11 Киро Пунтески, Револуционерната дејност во Прекурид, 93.

12 Исто, 93, 94.