МЕРМЕРЕН СТОЛБ СО НАТПИС СО ИМЕ НА ГРАД, ГОЛЕМА ДОЦНОАНТИЧКА ГРОБНИЦА И ДРУГИ АРХЕОЛОШКИ ОСТАТОЦИ ВО ДЕНЕШНИТЕ ГРОБИШТА ВО ВИТОЛИШТЕ

За селото и за остатоците од стари населби, некрополи и, воопшто, стара култураво атарот на селото Витолиште, Прилепско, сме пишувале и порано, но една информација дека во селските гробишта со старата црква „Св. Илија“ се пронајдени споменици од римскиот период и доцната антика, посебно ни го привлече вниманието. Тука археолозите регистрирале неколку интересни наоди. Всушност, во рамките на селските гробишта во селото Витолиште е регистрирана некропола од рисмкиот период,1 но и други интересни споменици. Еден од спомениците, кој го регистрирале старите истражувачи, е еден мермерен столб со натпис со латинско писмо, во кој се говори за разграничување меѓу две општини, два града или две племиња од времето на Хадријан.2 Споменикот е датиран во 120 година на нашата ера, а на него, покрај името на императорот хадријан, се споменуваат неколку имиња, меѓу кои и Децимус Теренциј Гентијан.3 На крајот на натписот се споменуваат двете населби, општини или племиња, кои се разграничувале токму со овој споменик. За жал, имињата не се доволно читливи и истражувачите, во голема мерка ги занемариле без каков било обид за објаснување и идентификување, но едното од нив, сепак, може да се земе како име на населба Генеата. За ова, веќе, пишувавме во посебен прилог во овој портал.4  Некои од нив веќе споменавме погоре, но гробницата од доцната антика со вграден споменик од II или III век побудува посебен интерес.5 Имено, жителите на селото при копањето на гробови откопале гробови од римско време, при што пронашле и надгробни стели. Со вградениот споменик од римско време споменатата гробница од доцна антика во селските гробишта во Витолиште потсетува на една доцноантичка гробница од локалитетот „Долишта“ кај селото Прилепец, Прилепско, која исто така во својата градба имала вградено постари споменици.6

Исчезнатиот споменик, „Бранов Стол“

          Еден блок од камен кој е израмнет од горната страна на која содржи 40 длабнатини со пречник од 4–7 см и со длабочина од 1–3 см се наоѓа, исто така, во селските гробишта до црквата „Св. Илија“. Тој меѓу жителите на Витолиште е познат како „Бранов Стол“.7 Какво значење имал овој специфичен споменик и од кое време потекнува тешко е да се каже. Во секој случај тој е уште еден пример на слични појави на кружни длабнатини кои се среќаваат на многу археолошки локалитети.

Пирамидална форма на рид со тврдина од л. „Заградишка Чука“

Што се однесува до културните остатоци од доцната антика во атарот на селото Витолиште, тие се констатирани на голем број локалитети. Постоењето на голема гробница од тој период нè наведува на претпоставката дека постоела и некоја позначајна населба во близина на денешното село. Овде можеби повторно треба да ја посочиме населбата од „Задна Река – Грмајте“, како и тврдината која се наоѓала во нејзина близина на „Заградишка Чука“. Од друга страна, остатоци од населби од доцната антика се констатирани на локалитетите, „Св. Петка – Голем Даб“, кој е во близина на претходно споменатите, „Бојков Дол“ кој се наоѓа 1 км југоисточно од селото, „Врткова Ливада“ 3 км југоисточно, „Каравашчина“, околу 3 км југоисточно, „Ковачево“ 3 км источно, „Лигораса“ 2,8 км североисточно, „Пртева Ливада“ на 1,2 км југоисточно и „Сињак“ 2,5 км североисточно од селото кои се регистрирани од археолозите.

Основа од столб во селото

Гробницата од доцната антика, како значаен културен објект, кој укажува на покојник од повисок слој во општеството, повторно не наведува на размислување едната од населбите во атарот на ова село, споменати на погореспоменатиот столб со натпис, чие име е Генеата и за која пишувавме во поранешен прилог. Имено, може да се претпостави дека оваа гробница е објект, кој потекнува од времето на егзистирањето на споменатата градска населба. Од друга страна, мораме да заклучиме и тоа дека денешните гробишта во селото Витолиште имаат културна историја од најмалку два милениуми, бидејќи на истото место се констатирани погребувања уште од римскиот период, гробницата е од малку подоцнежниот, доцноантички период, а традицијата на погребување на покојници на тоа место продолжува до денес.

Стар гроб во гробиштата во Витолиште

Што се однесува до спомениците од селските гробишта во Витолиште, особено е интересен еден капител со ранохристијанска симболика, вграден во црквата „Св. Илија“, каде среќаваме и една основа од мермерен столб. Споменатиот капител е убаво изработен од андезит, како и убаво украсен со крстови и ранохристијански мотиви.

 

1 Археолошка карта на Република Македонија, 132. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 53.

2 Фанула Папазоглу, македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957, 209.

3 Fanula Papzoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE Epiri, Mace­do­niae, Thraciae, Scithiae, Gualterus de Gruyter, Berolini – Novi Eboraci MIM, 79.

4 Тренчо Димитриоски, Античката населба Генеата кај селото Витолиште, Прилепско, pelagon.mk, април 20, 2019.

5 Археолошка карта на Република Македонија, Mikulčić I, TIR, 132. (Г.М.)

6 Никола Вулиќ, Прилеп, СПОМЕНИК, Српска краљевска академија, Београд 1931, 174, 175 и 176.

7 Никола Вулиќ, Прилеп, СПОМЕНИК, Српска краљевска академија, Београд 1931, 146, бр. 362.