ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД МАКЕДОНИЈА ОДИГРАЛЕ ВАЖНА УЛОГА ВО ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ИЗВОРНАТА ХРИСТИЈАНСКА ВЕРА (5)

ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД АНТИЧКИОТ ГРАД СКУПИ – ДЕНЕШЕН СКОПЈЕ УЧЕСТВУВАЛЕ НА ПРВИТЕ ВСЕЛЕНСКИ СОБОРИ

            Скупи, денешниот град Скопје, во античкиот, особено во римскиот период бил еден од поголемите и развиени градови во Македонија. Всушност, археолозите тврдат дека тој бил најголем град во Македонија бидејќи се распрострирал на околу 40 (44) хектари површина.1 Неговите корени се подлабоки, односно, од првите векови на римскиот период, од времето на Веспазијан или Домитијан.2 Повеќето автори настанувањето на поголем градски цнтар го поврзуваат со населувањето на ветерани од римската војска. Како корен на оваа градска населба го сметаат еден логор на римската војска, на V Македонска и IV Скитска легија, кои тука се лоцирале во крајот на првиот век пред н.е. за да ја заштитуваат Дунавската граница на Империјата.3 Во времето на династијата Флавиевци (69 – 96 на н.е.) градот добил ранг на самоуправна дедуктивна колонија и добил титула Колонија Флавија Скупи, а тоа било основа за натамошен и забрзан развој.4 Оттогаш населбата забрзано се развивала, како важен центар на патот кон Солун, но и како центар кој го поврзувал северот и со центрите источно и западно од него, како што се Сердика, Стибера, Хераклеја, Стоби и други градови.  

Дел од тврдината со кула на југоисточната страна

            Подоцна, градот станал и главен град на провинцијата Дарданија, а во него била формирана и епископија. За неговиот брз развој како урбан центар говорат неколку откриени градби, како базиликата I кај Злокуќани4 и базиликата II, градска вила, како и театарот, кој потекнува од вториот век на нашата ера, односно, бил изграден во периодот од 120 до 150 година на н.е.5 како и други престижни градби.

            Епископите од Скупи учествувале уште на првите вселенски собори.  Познато е дека на првиот вселенски собор во градот Никеја, на кој според едни автори присуствувале 250, според други 300, според трети 318 епископи, кој се одржал во 325 година, покрај двајцата епископи од Македонија, Александар од Тесалоника (Солун) и Будиос од Стоби на документите од Соборот го среќаваме и името на епископот на Скупи, Дакус, кој бил старешина на епископијата Дарданија.6 Епископот од Скупи, Парегориј, учествувал на помесниот Собор во градот Сердика, кој се одржал во 343 година, односно, бил еден од деветте епископи од Македонија, кои зеле активно учество во одбраната на изворната Христова мисла.7

Остаток од една од поголемите градби во тврдината

            Во контекст на цврстиот став на епископите од Македонија во одбраната на изворната христијанска вера, а во тој состав и на епископите на провинцијата Дарданија, чиј старешина, односно, митрополит бил епископот на Скупи, корисно е да се наведе и еден податок за две посети на Скупи од страна на еден од најзначајните римски императори, Теодосиј I (379 – 395), кој во ноември 392 година донесол едикт со кој паганската религија била забранета, а христијанската вера е прогласена за единствена легитимна вера на Империјата.8 Едната посета на Скупи, Теодосиј I, ја направил во 379, а другата во 387 година.9 Секако, ваквите посети на Скупи од страна на овој значаен император имале влијание и на прифаќањето и развојот на христијанската вера во градот.

Поглед на дел од утврдениот дел со две кули

            Познати се и преписките на епископите на Скупи со папите и царевите. Од ваквите преписки се знае и за еден дардански епископ со име Карос, за кој истражувачите сметаат дека, исто така, е епископ од градот Скупи. Се работи за негово споменување во едно писмо од папата Лав (400 – 461) упатено до епископите во Македонија, односно, во провинцијата Илирик.10 Еден епископ на Скупи се споменува и во писмото што го испратил папата Целестин I во 424 година до епископите во Илирик, но неговото име не се неведува.11 Познат е епископот Урсилиј, митрополит на Дарданија, кој е еден од тројцата дардански епископи, кои се потпишани на едно писмо упатено до царот Лав во 458 година.12 Некои од истражувачите сметаат дека епископот на Скупи, Урсилиј, кој е и митрополит дардански, учествувал на четвртиот вселенски собор, кој се одржал во Халкедон во 451 година, но неговото присуство на овој собор се смета за недоволно потврдено.13 Од преписките со повисоките црковни старешини, познат е и епископот на Скупи, Јован, кој е еден од потписниците на писмо упатено до папата Геласиј во 494 година со кое дарданските епископи застануваат на основната Христова мисла, односно, Никејско-константинополскиот симбол на верата – принципите на христијанството утврдени на првите вселенски собори во Никеја и Константинопол, заштитувајќи го утврдениот симбол на верата, а против еретичките учења, односно, монофизитизмот.14

Дел од извесен споменик од римскиот период од градот Скупи пред Музејот на град Скопје

                Споменатиот епископ Урсилиј, го среќаваме уште во две писма од преписките меѓу дарданските епископи и императорот Лав I (457 – 474). Првото од писмата е упатено до императорот Лав I од страна на тројца дардански епископи во 458 година. Во него се споменува епископот Урсилиј, како Ursilius episkopus Dardaniae.15 Второто е во обратна насока, односно, писмо од императорот Лав I до епископите во главните градови на неколку провинции, а во него, меѓу другото, го среќаваме и ваквото именување на епископот на Скопје, Урсилиј: Ursicenus reverentissimus episkopis Skupensis.16 Со тоа се потврдува функцијата на овој епископ, како митрополит дардански и епископ скупски.

Порта на источната страна на тврдината

            За развојот на христијанството во градот Скупи, од археолошките откритија познати до денес, особено, говорат откриените ранохристијански базилики. Две од нив се откриени во централното градско јадро на Скупи. Двете се поставени една наспроти друга, а едната од нив е типична трикорабна базилика со зачувана крстилница.17

 

1 Виктор Лилчиќ, Македонскиот каменм за боговите, христијаните и за живот по животот, Македонска цивилизација, Скопје 201, 149. Ленче Јованова, Скупи – некрополи,  Каламус, Скопје 2015, 10, 11.

2 Исто.

3 Славко Димевски, Ширењето и етаблирањето на христијанството во доцноантичко Скупи и неговата околина (1) September 17, 2019 Колумни, Македонија (https://opserver.mk/kolumni/shirenjeto-i-etabliranjeto-na-hristijanstvoto-vo-docnoantichko-skupi-i-negovata-okolina/). Ленче Јованова, Скупи – трансформација од империјална колонија во доцноантичка метропола и христијанска епископија, Зборник Од паганство до христијанство, Македонска академија на науките и уметностите – Скопје – Блгарска академија на науките, Скопје – Софија 2018, 46 – 50.

4 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …, 165.

5 Исто, 151. Ленче Јованова, Скупи – трансформација …, 65.

6 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година: векови на консолидација, етаблирање и дефинирање, Второ дополенто издание – електронски извор, Скопје 2014, 52. Ленче Јованова, Скупи – трансформација од империјална колонија во доцноантичка метропола и христијанска епископија, Зборник Од паганство до христијанство, Македонска академија на науките и уметностите – Скопје – Блгарска академија на науките, Скопје – Софија 2018, 64.

7 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година:…, 62, 63. Ленче Јованова, Скупи – трансформација…, 64.

8 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 76.

9 Исто, 73.

10 Исто, 94.

11 Ленче Јованова, Скупи – трансформација …, 64.

12 Исто.

13 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 125.

14 Ленче Јованова, Скупи – трансформација …, 64.

15 Исто. Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 132.

16 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 132, 133.

17 Ленче Јованова, Скупи – трансформација …, 65.