ЕДЕН ВЕЛЕЛЕПЕН НАСТАН ВО МАНАСТИРОТ „СВ. ПЕТКА“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ – МЕСТОТО НА ГРАБНУВАЊЕТО НА УБАВАТА КАЛЕШ АНЃА И БУДЕЊЕТО НА НАРОДНИОТ ИНСТИНКТ
Празникот „Св. Кирил и Методиј“, оваа година, на две места во Мариово беше одбележан на еден специфичен и величествен начин. Се работи за два манастири, чие потекло е поврзано со две села, кои денес не посатојат. Едниот манастир е „Св. Илија“ на местото на гробиштата од селото Писокал, на 12 километри од Прилеп, на патот за селото Витолиште, а другиот е „Св. Петка“, кој се наоѓа на местото на старата локација на селото Чаниште, на 35 километри од Прилеп. Црковните одбори на двата манастири организираа велелепни собири на верници и граѓани од Прилеп, Битола, Кавадарци и други места во Македонија, претежно поранешни жители на селата во Мариово или потомци од некогашните семејства во овој крај и, на тој начин, го одбележаа празникот на македонските и сесловенски просветители.

Ние бевме дел од настанот кај селото Чаниште, кој беше со донаторска цел за доградба на започнатата манастирска зграда, всушност, конак со сала за пречек на гости и соби за преноќување. Манастирот „Св. Петка“ кај селото Чаниште, всушност е „спомен“ од некогашната населба, чии остатоци се среќаваат по целата површина на нискиот рид, јужно од денешното село Чаниште. Кај денешните жители на Чаниште и денес е живо преданието за тоа дека нивното село некогаш се наоѓало на ова место, односно, на локалитетот „Старо Село“. На тоа потсетува и преданието дека оттука, во турскиот период, била грабната и легендарната Калеш Анѓа од селото Старавина, денес во општина Новаци. Имено, според преданието, таа била дојдена со своето семејство на празникот „Св. Петка“, кој е на 8 август па, тука, во манастирскиот двор се виело големо народно оро на кое го воделе жители на селото Чаниште и бројни гости од околните села во Мариово. Бегот, кој одамна имал фрлено мерак на убавата Анѓа, знаел дека таа ќе биде дојдена на гости во Чаниште и дошол тука со својата придружба. Не можејќи на друг начин, тој на сила ја грабнал убавата невеста од орото и ја одвел во неговиот харем, а потоа ја одвел, дури, во Стамбол.

На тој начин, селото Чаниште, односно, денешниот манастир „Св. Петка“ чува вредни спомени со историско и фолклорно значење, кои сведочат за минатото, не само своето, туку и за минатото на македонскиот народ, кој преживеал голем број погроми, понижување и негирање, обиди за негово уништување или асимилирање и разновидни тешки злосторства низ кои го челичел својот дух за опстанок. Така може да се разбере и овој настан, кој доби димензии на велелепна културна манифестација со настап на познатата музичка група, „Маестрал“ од Битола, на играорци и играорки во убава народна носија, на постари и помлади изведувачи на народни песни, на разновидна музика, а меѓу неа и на гајда, која е традиционален инструмент на Македонците, особено на овие од областа Мариово. Целиот настан,секако ја постигна и својата основна цел да бидат собрани извесни средства за доизградба на зпочнатите објекти, а еден гест, на еден многу млад, но и многу талентиран пеач од селото Трн, Битолско, кој исполни неколку песни и собра „грст“ пари од гостите, внесе посебна возбуда на настанот, па некои од присутните дури и просолзија. Имено, малиот талентиран пеач, веднаш по настапот се огласи на микрофонот истакнувајќи дека собраните средства ги подарува на манастирот, а тоа не можеше да помине без аплауз и силна возбуда кај присутните.

Целиот настан, гледан од аспект на испустените села во Мариово, меѓу кои е и селото Чаниште нѐ упатува на размисла дека сето она што го направиле власта, системот и институциите во изминатите децении и довеле до ваков погром во областа, може да го поправи само народот. Неговиот инстинкт е разбуден и, не обрнувајќи внимание на несоодветниот однос на надлежните иннституции кон ваквите области, населби и жителите во нив, самиот презема чекори за оддржување на неопходното, на елементарното и поттикнување на нагорен развој во овој културно запустен простор. Дека не треба да се потклекнува во таа мисија, вистинска подршка е и раскошната природа, која ја дарила природата и која предизвикува воодушевување кај набљудувачот. Целиот простор изгледа како покриен со зелен тепих украсен со цветови, а просторот во кој се наоѓа манастирот „Св. Петка“, од југоисток е „украсен“ и со импозантниот врв Кајмакчалан на Ниџе Планина, со својата пирамидална форма, со „капа“ украсена со бели снежни ленти, кои се спуштаат по неговите набраздени делови.

Дека овој манастир, селото Чаниште, како и многу слични манастири и села во поблиската и подалечната околина не треба да бидат заборавени и оставени на минатото, потсетува и куполестиот врв Маргара, од западната страна на манастирот, кој ја памети и чува историјата за големата битка од 2 октомври 1903 година, во која околу 150 македонски борци – комити, на чело со познатите војводи и револуционери, Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов и Лука Иванов извојувале успешна битка со турски аскер од 5.500 турски војници.

Во таква околина е поставен манастирот, кој чека на својот заслужен изглед, а тука, на само неколку стотици метри северно, на бреговите на Крушевичка Река е поставено денешното село Чаниште, кое доживеало, исто така, бурна историја и погроми. Освен преселувањето од локалитетот на кој денес се наоѓа манастирот и за кое се „знае“ дека било поради недостиг на вода, а можеби и некои непознати, трауматични настани, ова село и неговите жители доживеале вистинска траума и за време на Првата светска војна. Имено, тогаш сите жители на селото биле иселени, дури, во далечната област Јамбол во Бугарија, и тоа, само поради пропагандистичките политики. И по таквото трауматично иселување, жителите не се откажале од своето родно село, туку по завршувањето на војната, повторно се вратиле и го обновиле, доведувајќи го до стотина семејства и исто толку куќи. За жал, ова не било крај на неговите трауми, па само по педеесетина години напредок и буен живот, доживува уште еден, би рекле, спонтан, но уништувачки удар, предизвикан од несоодветните економски политики кон оваа област, кои предизвикале масовно иселување, па по неколку децении, тоа е доведено во најлошата состојба во целата негова историја, односно, со напуштени и запустени домови и сосема скромно жителство од десетина семејства, па од 694 жители во 1961 година, денес е сведено на 21.

Несоодветните политики кон областа Мариово не запреле ниту денес, па затоа постојано продолжува иселувањето и на онака малиот број жители. И покрај тоа, борбата на жителите на селото, на иселените и нивните потомци за одржување на своите корени не престанала. Тоа го покажа и настанот на празникот „Св. Кирил и Методиј“, кој покажа силна енергија на решеност да се бараат начини за пресврт во надолниот развој на ова место. Да се надеваме дека „зрачењето“ на оваа силна и благородна енергија ќе допре и до соодветните фактори во системот, кои постојано замижуваат пред ваквите состојби во областите како Мариово и не ги исполнуваат своите обврски кон нив, игнорирајќи го, дури и законот со кој се регулирани тие.







