ДокументиИсторија

ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД МАКЕДОНИЈА ОДИГРАЛЕ ВАЖНА УЛОГА ВО ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ИЗВОРНАТА ХРИСТИЈАНСКА ВЕРА (4)

ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД ХЕРАКЛЕЈА КАЈ БИТОЛА БИЛЕ УЧЕСНИЦИ НА ЗНАЧАЈНИ ЦРКОВНИ НАСТАНИ            

                Иако од историските документи е познато само за неколку, голема е веројатноста дека во повеќе поголеми антички градови во Македонија биле формирани христијански заедници уште во првиот век на нашата ера, односно набрзо по доаѓањето на Апостол Павле во неговата христијанска мисија во македонскиот простор. Пред освојувањето од страна на Рим само во Македонија имало развиен градски живот. Од историските извори од времето на Империјата, потврдено дека во Македонија имало 100 градови. Тој број во доцното царство на Рим драстично се намалил и дошол до бројка од 30 градови.1 За жал, од историските документи и текстови на старите автори, малку се знае за првите христијански заедници во Македонија а, особено, малку се знае за нивната организациска структура и за нивните старешини, односно, првите епископи. Нешто повеќе сознанија имаме за првата христијанска заедница во градот Филипи, како и за онаа во Тесалоника (Солун), но многу малку или воопшто не се знае кои се првите старешини на христијанските зедници во градовите Бероја, Стоби, Скупи, Лихнид, Хераклеја и другите градови во Македонија од тоа време, за кои се знае дека во следните векови, особено четвртиот и петиот век, веќе имале развиени црковна институции со свои старешини, односно епископи, а кои ги среќаваме на првите вселенски собори, почнувајќи од оној во Никеја, од 325 година.2

Дел од откриениот антички гард Хераклеја

            Еден од поголемите антички градови во Македонија, кој продолжил со активен живот и во следниот период е и Хераклеја Линкестидска кај Битола. Тој е еден од градовите во кој христијанството се развило уште во првите векови на новата ера, односно, набрзо по христијанската мисија во Македонија предводена од светиот апостол Павле. За жал, нема податоци за христијански сподвижници од првиот век, односно, за учесници во мисијата на апостолот по потекло од Хераклеја или за какво било христијанско раздвижување во овој познат антички град во тоа веме. Сепак, фактот што во овој град се развила силна црковна заедница, веќе во следните векови, упатува на такви контакти за кои постои можност да бидат откриени во некои следни историски или археолошки наоди. Кога се работи за христијански првенци, епископи и други црковни лица од почетокот на христијанството, за градот Хераклеја кај Битола, извесни податоци имаме од археолошките наоди, како што се мозаиците и зачуваните натписи во нивни рамки, натписите на камените споменици, но и од историските извори.

Античкиот театар од Хераклеја

            Фактот што Хераклеја располага со остатоци од престижни градби од античкиот период, особено, од доцната антика, односно, раното христијанство е основа за тоа дека овој град имал засилен развој и во првите векови на нашата ера. Тоа е времето кога христијанството зачекорува на овие простори и многу брзо се развива во култура, која го освојува просторот, ги мобилизира жителите врз основа на христијанската идеологија, односно, врз христовата мисла и создава препознатлива материјална и духовна култура. Остатоците од таа култура, денес, ги среќаваме на просторот на градот Хераклеја во разни форми и со, особено, нагласен квантитет, но и завидно естетско ниво, кое упатува на висок развој на градот врз основа на развиената христијанска култура. Извесни археолошки наоди од просторот на овој антички град упатуваат и на своевиден континуитет на религиски развој и религиско значење. Имено, според археолошките наоди, овој град располагал со престижни објекти и споменици, како од културно и општествено, така и од религиско значење уште од првите векови на новата ера, па и во претходниот период. Тоа се античкиот театар, термата, портикот – судница, разновидни остатоци, кои упатуват на храмови, споменици и обележја, кои укажуваат на високо културно и религиско ниво на жителите на градот и самиот град. На таква основа, Хераклеја продолжил со нагорен развој и во периодот на христијанството, односно, рано прифаќајќи ја новата религија, граѓаните на овој град изградиле завидни религиски објекти, односно ранохристијански цркви, посебно од типот базилика со мозаични подови со висок естетски дострел, кои се исполнети со мотиви од христијанската религија и кои се познати пошироко во светот. На местото на храмовите и светилиштата посветени на старите пагански култови – Ѕевс, Атена Партенос, Асклепиј, Немеза3 и други, се појавиле ранохристијанските базилики посветени на христијански светци. Може да се претпостави дека некои од нив биле изградени на местото на претходните пагански храмови и светилишта и, на таков начин, новата религија ја „скрила“ старата, односно, завладеала со неа истиснувајќи ја од просторот.

Мозаик од Хераклеја

            До пред десетина години беа познати три ранохристијански базилики во Хераклеја – голема базилика, мала базилика и епископска резиденција, но со новите археолошки истражувања од 2013 година беа откриени уште две, кои биле поставени една над друга, до влезот во театарот на Хераклеја и потекнуваат од 4 до 6 век. Археолозите тврдат дека се работи за престижни христијански објекти со многу украси, мозаични подови и архитектонска камена пластика и остатоци од конструкции на грaдбите, кои упатуваат на нивното значење.4 Во темелите на новооткриените базилики, слично како и во порано откриените, се констатирани свети мошти на извесни христијански сподвижници, односно, маченици,5 чии имиња не ни се познати. Веројатно е дека тие им припаѓале на некои од првите христијански водачи во Хераклеја, односно, првите старешини на христијанската заедница во градот.

ЕПИСКОПИТЕ ОД ХЕРАКЛЕЈА, ПОКРАЈ СВОЕТО ИМЕ, ГО ИСТАКНУВАЛЕ И СВОЕТО ПОТЕКЛО ОД МАКЕДОНИЈА

            Иако немаме податоци за христијанската заедница во Хераклеја во првите векови на христијанството, фактот што во следните векови во овој град се појавува развиена христијанска институција, епископија со неколку познати епископи, учесници на првите вселенски собори, упатува на тоа дека таа зад себе има богата развојна историја, веројатно, уште од времето на апостол Павле, односно, од првиот век на новата ера.

ЕПИСКОПОТ ЕВАГРИЈ

            Од податоците кои се достапни до денес, најстариот епископ од Хераклеја, кој се споменува во изворите, односно, во црковните акти е Евагриј од Хераклеја, кој учествувал на соборот во Сердика (Софија) во 343 година. Неговото име е заведено во документ на латинско писмо како, Евагриус од Македонија, односно, Euagrius a Macedonia de Heraclia linco.6 Тоа значи дека тој се претставувал како епископ на Хераклеја, но го наведувал и името на земјата, односно, тогашната провинција Македонија.

ЕПИСКОПОТ КВИНТИЛИЈ

            Особено авторитетен и влијателен бил уште еден епископ од Хераклеја, Квинтилиј, кој учествувал на два вселенски собори, односно, на тн. Лажен собор, кој се одржал во 449 година во градот Ефес и на соборот во Халкедон, кој се одржал во 451 година. На овие собори учествувале повеќе епископи од Македонија, а Квинтилиј го претставувал митрополитот на Викаријатот во Солун. Податоците за овој епископ ги среќаваме во црковните акти.7 Најпрво, тој бил еден од седумте епископи од Македонија Прима на соборот во градот Ефес во 449 година, на кој се расправало по несогласувањата околу основите на христијанската вера поврзани со појавата на таканаречените еретички учења, несторијанството и монофизитизмот.8 Квинтилиј е претставен како Quintilius Heracleae episcopus Heracleae9 и зел активно учество на соборот. Од него се зачувани и слединте изјави од тој собор:

{„Квинтилиј епископот на Хераклеја кој истовремено го застапуваше Анастасиј богобојазниот епископ на Тесалоника, рече: Од документот на верниот на Бога архимандритот Евтих поднесен до овој Голем и Свет Собор увидов дека тој правилно ја исповеда верата утврдена од 318 свети Отци кои се собрале во Никеја (се мисли на Симболот на верата донесен на Првиот вселенски собор од 325 година во Никеја, з.м.); исто така се придржува до актите на соборот кој тука се одржал (се мисли на соборот одржан во Ефес во 431 година, з.м.), за да го осуди безбожниот Несториј. Затоа непобитно прифаќајќи ја неговата изјава за исповедање на верата, судам дека е достоен за презвитер и глава на неговиот манастир.“ – Mansi VI, 838}10

Фрагмент од мозаик од Хераклеја 2

            На ист начин се произнесле и другите епископи од Македонија, Евсевиј од Добер, Максимијан од Сер, Хермоген од Касандреја и Лука од Бер.11 На овој собор, кој подоцна бил прогласен за „разбојнички“ и „лажен“, македонските епископи гласале спротивно од ставот на пратениците на папата. Имено, претставниците на папата биле на страната на актуелниот патријарх Флавијан, а против архимандритот Евтих и неговиот истомисленик во однос на христијанската вера, Диоскор од Александрија кои, всушност, биле заговорници на монофизитизмот. Македонските епископи, спротивно на тоа, го подржале Ефтих како „верниот на Бога“ и достоен за високиот чин, „презвитер и глава на манастир“, за чие учење на претходниот собор одржан 448 година во Константинопол била донесена осуда, а патријархот Флавијан бил подржан. На соборот во Ефес, македонските епископи, постапиле обратно, односно, зазеле став за подршка на Ефтих и расчинување на Флавијан, со што го подржале учењето за едната природа на Исус, всушност, застанале на страната на монофизитското учење.12 Д. Зајкоски претпоставува дека ваквиот став на епископите на Македонија бил изнесен под притисок и закана на мнозинството делегати на соборот.13

Фрагмент од мозаик од Хераклеја – Леопард и срна

            Во секој случај, ваквите информации за активно учество на епископот од Хераклеја, како и епископите од Македонија на највисоките собори на христијанската вера, се исклучителна потврда за нивното значење и влијание во оформувањето на основната христијанска мисла и идеолигија, како и во нејзиното зачувување. Всушност, од споменатиот „лажен“ собор имаме уште една изјава – изјаснување на епископите Квинтилиј од Хераклеја и Созон од Филипи, кои јасно се произнесуваат за почитување на Симболот на верата утврден на Соборот во Никеја и потврден на следните два собори. Еве како се произнесол Квинтилиј, а во тоа го подржал и Созон од Филипи: {„Квинтилиј епископот на Хераклеја кој истовремено го застапуваше Анастасиј богобојазниот епископ на Тесалоника, рече: Големиот и Свет Собор кој неодамна се собра во овој град (Третиот вселенски собор во Ефес, з.м.) за да го осуди безбожниот Несториј донесе одлука дека никој не може да донесе поинаков Симбол на верата од оној донесен во Никеја од 318 свети Отци. Затоа и јас, имајќи ја предвид оваа одлука, пресудувам дека сите кои се придржуваат до споменатиот Симбол на верата се правоверни а, пак, оние кои било што имаат отфрлено (од Симболот на верата, з.м.) ги анатемизирам и кажувам дека не се дел од вистинската вера“}.14

Фрагмент од мозаик од Хераклеја – див јарец

            Епископот Квинтилиј од Хераклеја, како претставник на епископот на Солун, Анастасиј, го среќаваме и на следниот вселенски собор, кој се одржал 451 година во Калхедон. На овој собор, меѓу 600 делегати од целокупното христијанство, биле присутни, дури, 9 епископи од Македонија, меѓу кои, како претставник на епископот Анастасиј од Солун, најугледен, а со тоа и највлијателен, бил епископот Квинтилиј од Хераклеја. Овде, интересно е да се напомене дека во претставувањето на епископите од Македонија, покрај нивното име и титула е наведена и земјата, односно, провинцијата од која доаѓаат, Македонија. „Quintillo Heraclea Macedonia, agente vicem Anastasii episcopi Thessalonicensis … Sebastiano Berrhoa Macedonia … Sozonte Philipporum civitatis Macedonia … Eusebio Doberrorum Macedonia prima … Maximino Serrarum civitatis Macedonia prima … Nicolao Stoborum Macedonia secunda … Dardanio Bargala … Joanne Parthicopolis

Macedonia prima.“ Mansi VI, 565 – 580.15

            На овој собор, во Халкедон, била донесена одлука спротивна од одлуката донесена на лажниот Собор во Ефес, односно, монофизитското учење било отфрлено како еретичко, биле разрешени епископите наместени како приврзаници на монофизитизмот и било подржано учењето за богочовекот, Исус Христос, за неговите две природи, божествената и човечката, како две неделиви но, во исто време, неспоиви природи.16 Симболот на верата, кој бил утврден на првите собори во Никеја и Константинопол бил надополнет со следното: „… исповедаме еден и ист Син, Господ наш Исус Христос, совршен во Божественоста и совршен во човечноста, вистински Бог и вистински Човек, со разумна душа и тело, едносуштен со Отецот според Божественоста и едносуштен со нас според човечноста. … Го исповедаме Него не како делив или разделен на две лица, туку како еден и ист Син и еднороден Бог Логос, Господ Исус Христос.17

Мозаик од Хераклеја од големата базилика

            Актот, со кој бил разрешен епископот на Александрија, Диоскор, како приврзаник на еретичко учење, го потпишале сите епископи од Македонија, кои биле присутни на споменатиот собор во Халкедон. Меѓу нив и епископот од Филипи, Созон, кој не бил присутен на односната седница на Соборот, но дал согласност да биде потпишан на актот за осуда на Диоскор.18

                На Халкедонскиот собор бил донесен и еден канон, односно, канонот бр. 28 со кој бил предизвикан римскиот папа, кој реагирал на неговата содржина и одбил да го прифати, па дури се обидел да го прогласи за нелегитимен целиот Собор. Имено, со тој канон Патријаршијата во Константинопол, кој бил нарекуван и Нов Рим, добила повисоко значење и влијание, односно, била поставена како втора црква по црквата во Рим, пред Алексадриската и Антиохиската, кои претходно имале поголеми права. Се разбира, во донесувањето на овој канон, како учесници на соборот, свое влијание имале и епископите од Македонија. Токму споменатиот канон бил причина за идното влошување на односите меѓу црквата во Константинопол и црквата во Рим.19          

ЕПИСКОП СО НЕПОЗНАТО ИМЕ

            Во црковните акти во 479 година се среќава и еден епископ од Хераклеја со непознато име.19 Тоа е времето во кое се разгореле превирањата меѓу источната и западната црква, поврзани со споменатиот канон бр. 28 донесен на Соборот во Халкедон. Тоа довело во промена на влијанието на папата во Рим во црквите во Македонија, кои предводени од епископот на црквата во Солун, односно, на Викаријатот во Солун, во екот на тн. Акакиска шизма, под влијание и притисок на патријархот Акакиј, се приклониле кон Птаријаршијата во Константинопол.20

Фрагмент од мозаик од Хераклеја 3

                Во 519 година, по долги преписки и договарања, дошло до формално надминување на тн. Акакиска шизма и до договарање на Протокол за помирување меѓу Истокот и Западот на христијанската црква, односно, протокол за обединување. Овој Протокол, останал на ниво на формалност зашто се појавиле остри несогласувања и реакции, особено меѓу црковните првенци и верниците во Македонија. Епископот на Солун, Доротеј, не сакал да го потпише Протоколот, зашто му бил сериозно наклонет на патријархот во Константинопол, а имал подршка, не само од него, туку и од императорот Јустин I(518-527).21 

Фрагмент од мозаик од Хераклеја 3

             Извесни промени во односите на христијанските цркви, особено во односите меѓу Рим и Константинопол се случиле за време на доаѓањето на престолот на Римската империја, на царот Јустинијан I (527 – 565). Тој, покрај другите промени во Империјата, извршил и радикални промени во црквата. Во 535 година, Јустинијан ја формирал новата самостојна црква позната како Јустинијана Прима, со центар во денешна Македонија, веројатно, во околината на денешниот град Скопје. Во својата повелба – новела издадена на 14 април 535 година Јустинијан ги поставил границите и ги определил областите со кои ова црква ќе владее, односно, ги определил црквите, кои ќе бидат под нејзина јурисдикција. Под нејзина јурисдикција влегле областите, Средоземна Дакија, Крајбрежна Дакија, Мизија, Дарданија, Праевалитана, Втора Македонија (Секунда), како и делот од Втора Панонија со Бакенската област. Јустинијана Прима е формирана со цел за посредување меѓу двете спротиставени страна во христијанската црква, како и за балансирање на нивните односи, но и за „возвеличување“ на татковината, која Јустинијан ја нарекува „нашата татковина во којашто бог ни даде прво да дојдеме“ за таа да има црковна власт од „највисок степен“ раководена од архиепископ.22

 ЕПИСКОП СО НЕПОЗНАТО ИМЕ ЈА СПАСИЛ ХЕРАКЛЕЈА ОД УНИШТУВАЊЕ

            Од зачуваните текстови и документи, од 479 година се знае за еден епископ од Хераклеја, чие име не е споменато, а кој одиграл значајна улога во еден исклучително драматичен и трагичен момент за градот Хераклеја. Имено, во втората полвина на 5 век, односно, од 472 до 480 година градот двапати настрадал од нападите на Остроготите. За тоа дознаваме од известувањата на двајца автори, Јорданис и Малх.23 Еве за што сведочи описот на Малх на доаѓањето на Остроготите во Хераклеја: „И откако прати дојде во Хераклеја во Македонија. А архиерејот (епископот) во тој град нему (се мисли на водачот на Остроготите, Теодорик) и на војската им испрати многубројни и разновидни дарови. Та така тој ја остави сета земја неограбена и со ништо на жителите таму не им наштети и мноштвото луѓе милостиво ги остави да живеат …24 За жал, подоцна архиепископот не успеал да го спаси градот и неговите жители од уништување и убивање. За тоа повторно дознаваме од Малх: „Бидејќи умре сестра му (на Теодорик) и ја закопа, кога се сретна кај Сидимунд, ова им го кажа на Хераклејците кои избегаа од градот и се упатија кон цврсто соѕиданата тврдина: дека бара да му се испрати големо количество жито и вино за да има војската кога ќе оди по пат. Тие пак му одговорија дека ништо не можат да му дадат … па велеа дека и тоа што малку го имале беше им се потрошило во деновите кога беа во тврдината. Тој многу се разгневи и го запали најголемиот дел од градот, ги уби мажите (букв. го опусти градот од мажи) и тргна попреку. Ја поведе војската по тешкопроодниот и тесен пат кон такавиканиот Нов Епир, попат пустошеше и протеруваше.25    

ЕПИСКОПОТ БЕНИГНИЈ (БЕНИГНУС, БЕНИГНО)

            Следи уште еден познат епископ на Хераклеја, кој оставил подлабоки траги во историјата на овој град. Тоа е епископот Бенигнус, Бенигниј или Бенигно, кој во 553 година учествува на соборот во Констатнтинопол, со слична улога како претходноспоменуваниот и еден век пред него, Квинтилиј, односно, како претставник на Викарот на Солун, епископот, Хелиј кој, исто како и архиепископот на Јустинијана Прима, Бененат, одбил лично да присуствува на Соборот. Така, додека Бененат како свој претставник го испратил епископот на Стоби, Фока, Хелиј го испратил Бенигниј.26

Ранохристијански капител од Хераклеја

            Во актите Бенигниј е заведен како Benignus, episcopus Heracleotanae civitatis, quae est Primae Macedoniae; Benignus ep. Heracleae Pelagoniae,27 што значи дека покрај неговото име се истакнуваат и името Македонија (Прва), како и македонската област Пелагонија, што ни укажува дека во тоа време овие две имиња, кои упатуваат на особени идентитетски содржини биле почитувани и биле во активна примена.

            Епископите, Бенигниј од Хераклеја и Фока од Стоби, на 7 мај 553 година биле дел од делегација, која отишла во папската резиденција во Халкедон за да побара од папата Вигилиј да присуствува на Соборот.28 Името на епископот Бенигниј, како застапник на митрополитот старешина на Викаријатот во Солун, Хелиј, на списокот на учесници на Соборот во 553 година се наоѓа на седмото место, што говори за тоа какво значење имал Викаријатот во времето на Јустинијан I.29

Фрагмент од мозаик од Хераклеја 4

            Петиот вселенски собор, кој се одржал од 5 мај до 2 јуни 553 година започнал со 150, а подоцна стигнал до 164 учесници. Меѓу нив биле присутни четворица претставници – епископи од Македонија. Покрај споменатите, Бенигниј од Хераклеја и Фока од Стоби, на Соборот присуствувале и Александар од Амфипол и Сабинијаниј од Запара.30

Од мозаикот во Хераклеја

            Од зачуваните споменици во Хераклеја констатирано е уште едно име на епископ од Хераклеја со име Јован. Него го среќаваме на два споменици, од кои едниот е монограм изработен на мермерен капител од кој е протолкувано неговото име. Според натписот од фонтаната во Хераклеја се дознава дека нејзината изградба е поврзана со роденденот на царот Јустинијан, а дека неа ја подарил споменатиот епископ Јован во 562/3 година.31

Монограмот на епископот Јован

                Темата заслужува многу поголемо внимание, истражување и проучување, но се надеваме дека и од погореизнесеното станува јасно какво значење имал градот Хераклеја во првите векови на христијанството во Македонија и, особено, се потврдува високиот културен развој на градот, како и високиот естетски дострел во архитектурата и уметноста, гледано преку познатите откриени градби, големата и малата базилика, епископската резиденција, како и последнооткриените две базилики при влезот на театарот во Хераклеја, Се разбира, не треба да се исклучат и базиликите, кои се констатирани во блиските места околу Хераклеја, како манастирот кај селото Крстоар и манастирот „Св. Преображение“ кај селото Буково од каде, исто така, потекнјуваат значајни податоци за раното христијанство на градот и на пошироката област.32   

             

1 Снежана Филипова, Ранохристијанските културни центри во Република Македонија долж Via Egnatia, УДК. 930.85.033.1(497.7), 127.

2 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година: векови на консолидација, етаблирање и дефинирање, Второ дополенто издание – електронски извор, Скопје 2014, 52.

3 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis преку епиграфските споменици, Завод, Музеј и Галерија – Битола, Битола 2003, 18, 19 – 25 – 30.

4 Откриени две базилики и свети мошти на Хераклеја, https://www.mkd.mk/node/457310, 24.8.2013 – 08:11. Според археолозите од Битола,една од новооткриените базилики располагала со ѕидови долги до 30 метри, а некои од ѕидовите биле сочувани и по неколку метри, односно, северниот ѕид на базиликата е сочуван, речиси, целосно и е висок 3,5 m. Поради ваквите димензии на ѕидот, археолозите сметаат дека градбата била со два ката.

5 Исто.

6 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Завод, Музеј и Галерија – Битола – Друштво за наука и уметност – Битола, Битола 1998, 41. Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 135.

Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 62, 63.

7 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 135, 136.

8 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 116.         

9 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 135.

10 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 119.

11 Исто, 120.

12 Исто, 118.

13 Исто, 120.

14 Исто, 121.

15 Исто, 124.

16 Исто, 125.

17 Исто.

18 Исто, 127.

19 Исто, 128 – 131.

20 Исто, 136 – 139.

21 Исто, 148 – 150.

22 Исто, 156 – 162.

23 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 20 и 136.

24 Исто, 20.

25 Исто, 21.

26 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 185, 186. 119.Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 136.

27 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 136. Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија,…, 41.

28 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 186.

29 Исто, 187.

30 Исто, 186.

31 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …, 21, 92 и 136. Снежана Филипова, Ранохристијанските културни центри …, 133.

32 Весна Калпаковска – Аница Ѓорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis …,