ВОЈВОДАТА ЃОРЃИ СУГАРЕВ – СПОСОБЕН ОРГАНИЗАТОР И СТРАТЕГ, ВИСТИНСКИ АПОСТОЛ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

117 ГОДИНИ ОД БИТКАТА КАЈ МАНАСТИРОТ „СВ. ЃОРЃИЈА“ КАЈ СЕЛОТО ПАРАЛОВО, ОПШТИНА НОВАЦИ

            Опкружен со држави и народи, кои цело време покажувале и покажуваат негаторско расположение, македонскиот народ долго време се соочува со разновидни притисоци за прифаќање на една или друга национална определеба, со одродување и губење на соспствениот идентитет, но и со разновидни страдања, убиства и масовно уништување. Обидите на пропагандите за асимилација на Македонците, помалку или повеќе, често успевале во некои делови од Македонија, па некои од Македонците, под притисок на пропагандистите и пропагандистичките вооружени чети, приморани поради заштита на голиот живот, својот и на своите семејства, прифаќале некоја од пропагандистичките опции и соработувале со пропагандите. Таквата положба го расцепкувала населението во Македонија, како Македонците, така и другите национални групи кои живееле и живеат на македонска територија. Тоа предизвикало и меѓусебни братоубиствени судири, со многу жртви на различните страни. Секако, најголемиот број од жртвите се Македонци учесници на една или друга страна. Во тој повеќедецениски судир загинале безброј македонски патриоти, културни дејци, револуционери и борци за слобода, кои се истакнувале со својата интелигенција, бескомпромисност во борбата за слобода и национални права, принципиелност и хуманост. Тоа се Македонци со исклучителен интелектуален и севкупен капацитет, кои Македонија ги изгубила како неспорен потенцијал за иднината.

Ѓорѓи Сугарев

            Еден од нив е битолскиот и македонскиот војвода и револуционер, Ѓорѓи Сугарев, чија годишнина од загинувањето, како и годишнината од загинувањето на, скоро, сите членови на неговата чета, беше одбележана на 25 март во манастирот „Св. Ѓорѓија„ над селото Паралово, општина Новаци.   Ѓорѓи Сугарев со својата револуционерна дејност, организаторската способност, борбената подготвеност и принципиелност кон исполнувањето на задачите зададени од Македонската револуционерна организација се рамни со врвните македонски револуционери, како што се Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и другите големи македонски револуционери. Тој е роден на 23 март, 1876 година во сиромашно семејство во Битола, растел во скромни услови и рано ги почувствувал тешкотиите на животот под ропство, немаштијата и понижувањето. Се запишал во гимназијата во Битола и завршил три класа но, поради сиромаштијата, не успеал да го заврши четвртиот клас и  се зафатил со учителска дејност во Битола и Битолската околија, како и во Кичевско. Движејќи се на голем простор, близок со народот во местата каде учителствувал и се движел, тој активно се вклучил во развивање на ревоуционерната идеја. Еве што пишува за него еден од неговите современици и соборци, Ѓорѓи Попхристов:

            „Ѓорѓи Сугарев беше еден од моите најблиски и најверни другари по длото во градот. Во раководната работа, така да се каже, тој ми беше, десна рака. Неговото останување во Битола беше токму навреме, кога Организцијата се развиваше со најголем замав, не само во градот, туку и во околиите. Сугарев беше целсно посветен на делото, сосема ги беше оставил своите домашни, кои ја чекаа неговата подршка. Ништо друго не го интересираше освен делото. Беше даруван агитатор и способен организатор. Токму тој беше најпотребен за работа со мене, кога се создаваа револуционерни организаторски чети во Округот. Ѓорѓи Сугарев зеде живо учество во раководењето со терористичката група во градот.1

Четата на Ѓорѓи Сугарев

            Во 1901 година, Ѓорѓи Сугарев влегол во четата на Никола Петров Русински, а истата година станал и член на Окружниот комитет во Битола. Во следниот период тој е постојано активен, се движи на поголем простор од Македонија, ширејќи ја револуционерната идеја меѓу населението во Битолско, Крушевско, Ресенско, Демирхисарско, Поречието и на други места. Особено се истакнал во борбата со пропагандите и пропагандистичките вооружени чети, со кои водел успешни битки, протерувајќи ги од реоните во кои доаѓале. Ќе го пренесеме сведоќењето на еден од војводите на Организацијата во Мариово, Васил Балевски. Еве што пишува тој:

            „За целта (расчистување со српските чети во Велешко, зм.) дојде Ѓорѓи Сугарев со својата чета. Четата му ја остави на располагање на Константинов и на Алабакот, а Сугарев со 7 четницисе врати во Битола за да го извести Окружниот комитет и да организира да се соберат и други ќети од Костурско, па дури и од Преспа и Струга за да ја ливидираат пропагандата. Оставените четници од Сугарев му беа доверени на Петко … . Ѓорѓи Сугарев неколку пати доаѓал на услуга на четата во Прилепско и Велешко, зашто се создала многу опасна состојба од српската пропаганда во Азот.2

Гробот на војводата и комитите под манастирот

            За значењето и способноста на Ѓорѓи Сугарев во борбата со пропагандите пишува и Стефан Аврамов: „Во пролетта 1906 година, поради појавувањето ан грчките андарти во Мориовско и Буфкол (Леринско), од една страна, и од друга – навлегувањето на една српска чета од Поречието, Кичевско, кон селото Карбуница, со што се заплашуваа Крушевско, Демир Хисарско, Охридско и Струшко, битолското окружно тело му наложи на окружниот војвода Ѓорѓи Сугарев да се справи со појавените непријателчски чети. Сугарев се упатува кон Кичевско и ги прогонува српските чети.3

Од натписот на гробот 1

         

Од натписот на гробот 2

  Ѓорѓи Сугарев бил делегат на Смилевскиот конгрес, а во востанието имал функција на горкски началник за Битолската околија и водел десетици битки на разни места. Неговата храброст, стратешката способност и решителноста во битките го направиле вистинска легенда меѓу народот. По востанието го среќаваме на разни места во кои се разгорувале српската и грчката пропаганда, како во Поречието, Велешко, Мариовско и на други места. Неговото загинување, повторно, е поврзано со решавање на проблемите со пропагандистичките чети, но и со сомнителните активности на членови на Окружниот комитет во Битола, особено, озлогласениот врховист, Петар Лигушев. Овој настан добро го опишуваат дел од современиците на Сугарев.

            „Истиот ден добив писмо од Сугарев, со кое ме информира дека заминал за Битолско по претходно писмо од Окружниот комитет. По два месеци дојде известување за неговото убиство кај с. Паралово, Битолско. Неговото убиство беше голем удар за Организацијата во Битолскиот округ, зашто во неговото лице Организацијата изгуби, не само една интелигентна и способна сила со голема популарност во целиот округ, но и еден активен, спсособен организатор и стратег, кој ја познаваше народната душа и имаше авторитет не само меѓу народот, туку и меѓу борбените сили на Организацијата, како искален и дисциплиниран човек. Тој имаше организаторска дарба и беше добар администратор. За него длото беше станало тело и крв. Ги решаваше споровите меѓу војводите и комитите или меѓу селаните на најправеден начин, а не само со сила. Со своето скромно однесување пред населението, како вистински апостол, без да се кити со титули и без да е пребирлив кон храната, тој беше станал легендарен. Вистина, имаше и други интелигентни војводи, како Петар Ацев и (Петар) Чулев, но тие не можеа да го заменат Сугарев со неговата одвижност и популарност во Округот.4

Манастирот „Св. Ѓирѓија“ за време на Првата светска војна

            Изманипулиран со многу нејасни писма со наредби до него за заминување во Мариово поради големото присуство на грчки чети во таа област, Ѓорѓи Сугарев заминал и во нерамната битка со турскиот аскер кај селото Паралово, на 24 март 1906 година загинал самиот војвода, како и, речиси, целата негова чета.5 (Аврамов – Николов, Стефанов) Според извесни историски текстови, четата броела 30 комити и во битката успеале да се спасат двајца, Петко Конев и Крсто Буфчето, од с. Буф, брат на војводата Наум Бувчето.6 Според други, во битката учествувал и познатиот борач Тодор Јурукот и само тој успеал да се спаси во оваа битка.

Од Чествувањето 2

            Чествување за големиот војвода, по повод 117 години од неговото загинување, како и загинувањето на комитите од неговата чета беше организирано на 25 март 2023 година на местото на битката, манастирот „Св. Ѓорѓија“ кај селото Паралово, општина Новаци. Настанот беше организиран од градоначалникот на Новаци, Стевче Стефановски и Советот на општина Новаци. На настанот присуствуваа и градоначалникот наопштина Могила, претставници од Крушево и други места, претставници на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Единствена Македонија и други. Посебен белег на настанот му дадоа учесниците од коњичкиот клуб „Букефал“ од селото Кравари, Битолско.

 

1 Георги Попхристов, Спомени, Револуционата борга во Битолскиот округ, Библиотека Струмски, Софија 2014, 40.

2 Васил Балевски, Спомени од Македонија,

3 Стефан Н. Аврамов, Револуционите борби во Азот (Велешко) и Поречието, Македонски научен институт, Софија 1929.

4 Тома Николов, Спомени од моето минало, Издателство на течествениот фронт, Софија 1989, 196.

5 Георги Попхристов, Стефан Аврамов и други.

6 Васил балевски, Спомени …