НА ЛОКАЛИТЕТОТ КАРАКАМЕН ВО ОБЛАСТА ЗАГРАД БИЛА ГЛАВНАТА НАСЕЛБА НА ВИНОВАТА ЛОЗА И ВИНОТО ЗА СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП

Во блиската околина на Прилеп се среќаваат голем број остатоци на материјалната култура од различни културни периоди, кои биле дел од културниот круг на градот. Всушност, тие се „однесуваат“ како делови од културниот комплекс со центар во градот Прилеп. Како такви, зависно од обемот и содржините, тие имале заемен однос со животот во градот, односно, играле посебна улога во целокупното живеење или, погрубо изнесено, имале своја практична улога во надополнувањето на потребите на животот во областа, особено на нејзиниот центар, како најзначаен и најсодржаен дел од неа во долг културен континуитет. Еден, особено, значаен локалитет, кој се наоѓа на релативно блиско растојание од локалитетот Маркови Кули, чие постоење е нераскинливо поврзано со градот Прилеп, е локалитетот „Трескавец“ под „култниот“ Златоврв на планината Бабуна, но тој играл многу значајна улога, особено во култно-религискиот живот, и во поширокиот простор, поврзувајќи ги кралствата, државите и народите од Балканот и пошироко како своевиден центар.1 Токму во подножјето на делот од планината Бабуна на кој се наоѓа „Трескавец“, во микро земјоделската област „Заград“ се среќаваат исклучителен број локалитети со културни содржини од помал или поголем обем, чија близина до локалитетот на кој егзистирал стариот град Прилеп е многу помала, а културните содржини со кои располагаат упатуваат на нивниот однос со градот.

Локалитетот Каракамен

            Еден таков локалитет, со фасцинантен природен релјеф од разновидно оформени форми од вулканско потекло, е локалитетот „Каракамен“, кој се наоѓа во средишниот дел на северозападната периферија на малата, но стара земјоделска област „Заград“. Централен објект на локалитетот е еден вулкански рид со стоговидна форма со островиден врв и нагласено темна површина од чија источна страна се проистира поголема и рамна земна тераса. Од северната страна на овој голем гранитен „стог“ во правец запад – исток се спушта помала долина, која влегла подлабоко во планината заштитувајќи се, на тој начин, од северните, западните и јужните ветрови. Оваа мала и топла долина располага и со поголем бврој извори со различна издашност, кои просторот го прават интересен за престој и за населување, а остатоците од таков третман во минатото се бројни.2 Во продолжение кон запад, споменатиот стоговиден рид продолжува со поголем број искуклени форми, кои целиот простор го прават своевиден природен споменик.

Стоговидната карпа на Каракамен

            Локалитетот „Каракамен“ располага со бројни културни остатоци, како од движен, така и од недвижен карактер. Тие се забележуваат на целиот терен по неколку големи тераси пред стоговидната карпа. Меѓу нив и голем број архитектонски елементи од старите градби, како и разновидни културни објекти изработени во карпите од извесна населба која егзистирала на овој локалитет во римскиот период и, веројатно, до средниот век, како и првите векови на турскиот период. Во една од пониските тераси, во едно напуштено лозје се среќава и еден фрагмент од мермерен столб, кој бил ископан од местото на извесна градба. Разновидни камени блокови и столбови на теренот можат да се видат поголем број, а се среќаваат и завиден број фрагменти од тегули, цигли, керамички садови, питоси и сл. Едно поголемо камено корито изработено во една помала карпа од источната страна, особено, го привлекува вниманието. Малата карпа била целосно обработена со полукружни форми, патека околу објектот и зарежувања во форма на канали, кои служеле за конструктивна намена. Во блиската околина се среќаваат бројни фрагменти од керамички садови и друг вид керамички предмети. Високите меѓи на неколкуте пространи земни тераси, кои до скоро биле обработувани, главно со одгледување винова лоза, исто така, упатуваат на остатоци од стари ѕидови од населбата. Површината во самото подножје на ридот е најголема и располага со нагласен број фрагменти од керамички садови, тегули и слични предмети. На југозападната периферија на оваа земна тераса, можат да се забележат значителни археолошки содржини, особено објекти изработени во карпа. Меѓу нив и една помала некропола од гробови во камен, како и еден објект за гмечење грозје – винарник. Некои од карпите се во поголема мерка обработени или зарежани со долги каналести форми, што упатува на остатоци од извесни објекти поврзани со животот во населбата.

Големо правоаголно корито во карпа на локалитетот 2

Имајќи предвид дека пошироката област „Заград“ била посебен простор за одгледување винова лоза, како и самата средишна позиција на западниот крај на оваа област, со целосен преглед на просторот, може да се констатира дека локацијата на населбата била внимателно одбрана и имала извесна функција поврзана со обработувањето на земјиштето, односно, одгледувањето винова лоза. Во поблиската околина на локалитетот можат да се констатираат уште десетина објекти за гмечење грозје, односно, винарници, а лозјата во „Заград“ и денес се присутни, иако повеќето напуштени. Фактот што на локалитетот се среќава и некропола во камен упатува на населба, која располагала со извесен број жители, кои постојано живееле во неа. Може да се претпостави дека тие биле вешти во одгледувањето на виновата лоза и изработката на производи од неа, особено вино и ракија. Веројатно е дека тие имале посебна улога во орагнизирањето на земјоделските активности во пошироката област, особено, во активностите поврзани со лозјарските површини и со изработката на производите од грозје.

Винарник во камен на локалитетот

Самата близина до стариот град Прилеп, кој свои делови имал и во дел од областа, „Заград“, упатува на размислување дека населбата од „Каракамен“ имала улога на обработка на земјата, одгледување винова лоза и изработка на производи од грозје – вино и ракија со кои ги снабдувала жителите на градот. Сосема е веројатно дека жителите на населбата од „Каракамен“ биле раководени директно од највисоката власт во градот, односно, од кралскиот дворец во времето на царот Стефан Душан и, особено, во времето на кралевите Димитрија Волкашин и неговиот син Марко, кои Прилеп го избрале за престолнина на нивното кралство. Во овој контекст, не  е на одмет да се спомене еден натпис од тие времиња, на мермерна плоча вградена во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, од манастирот познат и како “Трескавец“. Имено, на северниот ѕид на црквата е вграден надгробен споменик – плоча на која се споменува извесен Дабижив, кој му бил енохијар, односно, снабдувач со вино на царот Стефан Урош и кој починал во 1362 година.3 Тоа е извесна потврда дека кралскиот дворец имал свои одговорни лица, специјално за снабдување со вино и ракија.

Една од фасцинантните карпи во близина на винарник во карпа

Дека областа „Заград“ е позната по одгледувањето винова лоза уште во античкиот период потврдуваат и големиот број винарници во камен, кои се среќаваат, речиси, на секој чекор во неа. На некои места се среќаваат и групи од по неколку слични објекти на мал простор, што упатуваат на активното користење на овие земјоделски површини за одгледување винова лоза и производство на вино. Одгледувањето на виновата лоза во прилескиот крај била една од главните земјоделски гранки и во турскиот период. Тоа го потврдуваат и првите познати турски дефтери (турски сметководствени документи) според кои најголем дел од данокот бил од лозјарството. Така, според пописните дефтери од 1455 – 1478 година вкупниот данок достигнал 79.614 акчиња, а дури 35.000 акчиња биле обезбедувани од лозјарството.4

Винарник во карпа од поблиската околина

            Во микро-регионот „Заград“, во поблиската околина на локалитетот „Каракамен“ се откриени голем број помали и поголеми локалитети со остатоци од култура од различни периоди. Еден локалитет со остатоци од населба од некропола од железното време е заведен под името „Заград“ и се лоцира На 1 km се­ве­розападно од Варош, каде биле пронајдени брон­зени фибули со ѕвездести проширу­ва­ња на ла­кот и плочеста триаголна нога.5 Особено интересен и богат со наоди е локалитетот „Калдрама“, кој е археолошки  истражуван и е констатирано дека располага со остатоци од некропола од железното и хеленистичкото (македонското, зм.) време. Тој се наоѓа на 1 km североисточно од Институтот за ту­тун и на 150 m од патот Варош-Горно Село Тука археолозите пронашле повеќе гробови градени со камени плочи и камења, а во нив се пронајдени остатоци од кремирани покојници со голем број прилози. Меѓу прилозите се споменуваат керамички садови, бронзени фи­були и белезици, златни висулци, железни ноже­ви и копја и друго.6  

Столб од мермер

            Два локалитети од поблиската околина на „Каракамен“ во областа Заград се „Попадин Дол“ и „Падарница“. Првиот располага со некропола од железното време и се наоѓа на 1 km северно од Институтот за тутун, во лозјето на Трај­ко Слабакоски. Со ископувањето во него се откриени два гроба од типот циста, со кон­с­трук­­ција од камени плочи. Во едниот гроб се нај­де­ни две бронзени лачни фибули, шест бронзени бе­ле­­­зи­ци, две бронзени спирални белезици, дел од прс­тен и три мониста, додека другиот бил празен.7 Вториот – „Падарница“, се наоѓа меѓу гроб­иш­тата и патот Прилеп-Кичево, а во него биле откриени гробо­ви градени од големи тегули и надгробни стели во секундарна употреба. За жал, повеќето од наодите биле уништени.8 Сочувана е само една надгробна стела од локалитетот „Турски Гробишта“ недалеку од „Падарница“. Интересно е што на неа се споменува еден од римските императори, Марко Антонио Гордијан (159 – 238 н.е.), а споменикот е датиран во 242 година на нашата ера.9

Гробови од некрополата во карпа

Овде треба да се спомене и локалитетот „Ташачицана кој се констатирани остатоци од населба и некропола од доцноантичкото време, како и остатоци од средновековна населба. Тој се наоѓа на западната страна од Марко­ви Кули, во близина на чешмата до патот Прилеп – Горно Село. Тука, по повр­ши­ната на нивите се забележуваат бројни фраг­мент­и од керамички садови и градежен материјал.10 Во близина е откопана и делумно реставрирана една античка бања која, за жал, пред неколку години е сосема уништена со булдожер.11

Од поблиската околина – карпа со живопис

За локалитетот „Каракамен“ треба да се нагласи дека е само еден од бројните локалитети во споменатата лозјарска област на Прилеп, „Заград“, која е преполна со разновидни културни содржини, меѓу кои најбројни се спомениците поврзани со производството на грозје и производи од грозје. Може да се каже дека оваа област е своевидна реткост со големиот број винарници во камен. Таа располага со десетици такви споменици и секој со своја специфика, како по изработката и формата, така и по големината и елементите со кои располага. Исто така, посебен момент, при описот на овие интересни културни објекти поврзани со производството на вино, како и уживањето во неговиот вкус и дејство, е амбиентот во кој биле изработувани. Имено, може да се забележи дека природниот амбиент во кој се изработувале бил внимателно избиран со асоцијативни придружни објекти, кои асоцираат на култот кон богот на виното, Дионис, и неговата „раскалашна“ дружина. Оваа тема заслужува многу поголемо внимание, а тоа ќе го оставиме за некој следен материјал. Интересно е едно раскажување на сопственици на имот во областа „Заград“, кои тврдат дека во ливадите кај кладенецот „Студенец“, недалеку од „Каракамен“, била пронајдена бронзена скулптура со нагаласени димензии – 0,60 – 0,80 m, за која не можат да потврдат кого го претпоставувала. Може ли да се претпостави дека се работи за претстава на богот Дионис, чие „присуство“ во оваа област, секако, било од особено значење? Тој, како античко божество е многу голем култ меѓу Македонците во античкиот период, а познато е дека една од најубавите драми – трагедијата „Бакхи“, античкиот трагичар Еврипид ја напишал, токму на македонскиот двор во Пела, во времето на кралот Архелај (413 – 399 п.н.е.)12 Дека Македонците имаат долга традиција на одгледување винова лоза пишуваат уште најстарите писатели. Уживањето во виното било една од главните компоненти на долгите седенки, кои се правеле при организирањето приеми меѓу македонското бла­городништво. Тие често траеле и по неколку дена непрекината забава со постојано пиење вино. Традицијата на пиење вино кај Македонците се разликувала од онаа кај Грците. За разлика од Грците, кои виното го пиеле помешано со вода, Македонците го пиеле чисто, „некрстено”.13 Исто така, за разлика од Грците, кои при пиење вино користеле специјални садови, т.н. кратери во кои го мешале виното со вода, овие садови кај Македонците поретко се употребувале и затоа се ретки како наоди при археолошките истражувања.14

 

1 Тренчо Димитриоски, Златоврв со манастирот Трескавец – центар на светот, pelagon.mk 23.05.218.

2 Тренчо Димитриоски,Карпа со крстовидни форми со боја на локалитетот „Паприште“ во Заград кај Прилеп pelagon.mk 17.02.219.

3 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 45.

4 Феридин Емеџин, Првите османлиски пописи на Марковиот град Прилеп, Кралот Марко о историјата и традицијата, Прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко – Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, Институт за старословенска култура, Прилеп 1997, 59, 60.

5 Ахеолошка карта на Република Македонија, 282,

6 Исто, 283.

7 Исто, 288.

8 Исто.

9 Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scythiae, pars II, inscriptiones Macedoniae, ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Berolini – Novi Eboraci MIM, 99.

10 Исто, 289.

11 Тренчо Димитриоски, Уништена античка бања на локалитетот Ташачица, градба од стариот град Прилеп, pelagon.mk, 23.09.2018.

12 Тренчо Димитриоски, Громот на славата и божественоста – македонските аспекти во трагедиите на античкиот пистаел Еврипид, pelagon.mk, 02.19.2019.

13 Јуџин Бпорза, Во сенката на Олимп појавата на Македон, Патрија, Скопје 2004, 57.

14 Исто, 57, 58.