ШКОТЛАНЃАНИТЕ, ПО МАШКА ЛИНИЈА, СЕ МАКЕДОНЦИ

За време на одморот, минатата година (се работи за 2008 година, зм.), јас и мојата сопруга (Симонка, зм.) бевме на патување низ Европа. Три недели од патувањето, поминавме во Англија каде посетивме повеќе области и места од Британскиот Остров. Англичаните имаат развиена индрустрија, но имаат и развиено земјоделство и сточарство. Бидејќи потекнувам од еден живописен крај во Македонија, од областа Мариово, посебен впечаток ми оставија големиот број фарми со кои Англија е преполна и на кои пасат стада овци и говеда и друг вид добиток, како и ситна живина. Речиси, на секој 5-6 km среќававме такви фарми. Иако добитокот се чува во простори заградени со огради, сепак, ме потсети на мојот роден крај каде стадата сè уште пасат слободно по пасиштата, како во старите времиња. Прашав некои од домаќините дали имаат проблеми со волци, односно, дали волците им го напаѓаат добитокот, овците и говедата. Велат дека, ако се случи волк да нападне добиток, ќе го ловат со хеликоптер за да го казнат (убијат), поради таквата „дрскост“. Тоа ме потсети дека во мојата родна Македонија се води извесна кампања за заштита на волкот, иако на сточарите, секоја година, волците им прават голема штета.

            При патувањето посетивме и многу градови низ Англија, но морам да нагласам дека, посебно, бев воодушевен од универзитетскиот град, Кембриџ.  

            Посебно ме трогна преминувањето од Англија во Шкотска, преку еден превој каде, место граничар, стоеше само еден камен со натпис. Преминот ги оживеа моите спомени од мојот роден крај и ме потсети на превојот „Слива“ преку кој, од Пелагонија, се влегува во Мариово. На родниот крај ме потсети и ја подгреа носталгијата во мене природната околина, која нè пречека на страната на Шкотска, а која по многу нешта е блиска со природата со која располага и моето родно Мариово. Таму, на преминот од Англија во Шкотска, со музика од својата гајда, гостопримство ни посака гајдаџијата Коланс. И, ете уште една причина за мојата носталгија, но и момент на блискост меѓу нас – Македонците и Шкотланѓаните, бидејќи гајдата е национален инструмент и кај нив и кај нас. Овде започнува вистинската приказна, која го поткрена мојот дух и беша бисерот на нашето патување.    

 ШКОТЛАНЃАНИТЕ СЕ ИСТА КРВ СО МАКЕДОНЦИТЕ

             На преминот од Англија во Шкотска, кога слеговме од автобусот, оној што нè пречека ни објасни каде да го продолжиме патувањето, кои места да ги посетиме, каде да поминеме и сл. Сите од автобусот се фотографиравме со гостопримливиот гајдаџија, Коланс. Тој не беше обичен гајдаџија, туку културен и образован човек, кој знае како да се однесува со луѓето. Јас и мојата сопруга, последни се фотографиравме со него. Притоа, јас го прашав дали може да посвирам на неговата гајда. Шкотската гајда не е како нашата, македонската, туку е поинаква, со три брчала, а има и други разлики. Коланс ми ја подаде гајдата, но кога зедов да дувам во неа, иако не сум за „фрлање“, почувствував дека ми е потребен компресор, толку сила ми требаше за да ја подујам.

Шкотски гајдаџија

            Почнав да ја свирам песната „Ајде слушај, слушај, Калеш, бре, Анѓо“. Коланс гледаше во моите прсти, го интересираше моето „мајсторство“.           Мојата сопруга, во смеа, ми сугерира да ја засвирам песната „По пат одам, за пат прашам, кој пат води за Мариово“. Моето музицирање на гајдата го заинтересира Коланс и тој ме праша:

            – Од каде си?

            – Од Сиднеј – му велам.

            Забележа дека англискиот јазик го говорам со посебен нагласок, како да имам жежок компир во устата и, повторно, ме праша:

            – Ориџинел (по потекло), од каде си ориџинел?

            Јас му кажав дека сум од Мариово, се замеша и мојата сопруга и ми вели да му кажам дека сум од Македонија.

            – Македонија, Macedonien!

            – Macedonien! – изненаден, некако со возбуда, реагираше гајдаџијата Коланс, ми ја подаде раката и ми рече:

            – Ние сме same blood (иста крв), same blood!

            – Како иста, по гајдата? – се насмеав јас.

            Мојата сопруга се пошегува:

            – Да не ти е некој братучед од Крушевица (соседно село на моето родно Чаниште)?

            – Do not joke (не е шега, do not joke! – реагираше Коланс – јас сум сериозан, не се шегувам.

ПРЕДАНИЕТО ЗА ВОЈНИЦИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

            Кога шкотскиот гајдаџија, Коланс, регираше со сериозен израз на лицето, сакајќи да нè увери во веродостојноста на неговото тврдење за македонското потекло на Шкотланѓаните, и самиот се заинтересирав со што го објаснува таквото тврдење.

            – Кажи како? – го прашав.

            Коланс почна да раскажува:

            – Далеку пред Христа, за време на освојувањето на светот од страна на Македонците со Александар Македонски, еден дел од неговите војници се враќал со бродови кон  својата татковина, Македонија. Војниците изгубиуле ориентација со бродовите, заскитале, и стигнале на брегот на денешна Шкотска, која дотогаш носела некое друго име. Таму се сретнале со домнородните племиња, тие ги прифатиле, им помогнале со храна и облека, ги примиле како свои и, Македонците, останале да живеат со нив. Биле млади и се ожениле за жени од домородното племе. На првото дете што се родило од таквите бракови, му ставиле име Скот што, на англиски, значи нешто како дете од мешан брак.

            Скот бил многу интересно, живо, весело и интелигентно дете. Сите го засакале поради неговиот ведар дух, ги расположувал и стекнал голема слава меѓу жителите. Поради големиот углед, тамошните жители, кога пораснал и се оженил, му дале земја. Од неговото име Skot и земјата што му ја дале, на англиски land, што значи земја, целата област го добила името Skotland. Ете, на тој начин, Шкотланѓаните водат потекло од Македонците, по машка линија – заврши со приказната симпатичниот гајдаџија, Коланс.

            Го прашав Коланс дали ова што нѝ го раскажа е запишано и во историјата на Шкотска. Коланс ни рече дека во историјата не е запишано, но дека е запишано во Библијата.

Шкотски гајдаџија 2

            Така, моето патување во Англија, посебно во Шкотска, беше проследено со една ваква интересна приказна. Таа, и денес, е живо предание меѓу Шкотланѓаните, за нивното потекло од Македонците на Александар Македонски. На тој начин, преданието, ги поврзува нашите два народи.

            Порака до македонските историчари:

            Во градот Енгебард, во Шкотска, кадешто се наоѓа кралската куќа на старите кралеви на Шкотска, има музеј од Првата светска војна. На многу места е запишано името на нашата земја, Македонија. Да појдат нашите, македонски, историчари, да го посетат музејот и да се инфромираат за овој факт!