СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (3)
СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕРДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЕ“
Црквата „Св. Атанасие“ во Варош кај Прилеп претставува мошне привлечен објект изграден од добро обработен бигорен камен и печени цигли. Според археолозите, оваа црква води потекло од XIV век како и повеќето здрави и разурнати цркви од Варош. Таа, сепак, се одликува од нив прво со очигледното отсуство на покрив гледано од материјален и визуелен аспект, а второ со преданието врзано за неа, повторно со покривот, но сега од духовен аспект. Преданието говори за непознато проклетство врзано за црквата „Св. Атанасие“. Според него, покривот на црквата мајсторите повеќе пати се обидувале да го изградат но, и покрај големите заложби, тој не можел да биде изграден бидејќи некоја непозната сила на мистериозен начин го уривала. Така, тие сѐ што ќе направеле преку денот, во ноќта, на мистериозен начин било уривано.

Црквата „Св. Атанасие“, по многу нешта се разликува од останатите црковни градби во Варош. Меѓу нив и по нејзината архитектура. Та е ретка градба изградена со, главно, еднороден материјал – блокови од бигорен камен и цигли, дополнет во ниските делови од ѕидот со големи камени блокови, повеќето од извесна античка градба (или повеќе градби), од кои голем број архитектонски елементи од мермер. Во архитектурата се одликува и според апсидата, која овде нема полукружна форма од надворешната страна, туку аглеста што е поретка појава при градење на црквите. Самата градба зафаќа, речиси, квадратна форма, а во нејзините ѕидови се вградени повеќе стари елементи од градби кои, евентуално, опстојувале на истиот простор или во негова близина. Ваквите елементи, кои се главно мермерни споменици од постари времиња, пред сѐ антиката, ги забележале и археолозите и истражувачите кои се интересирале за културните остатоци на овој простор или биле дојдени во специјални мисии. Еден од нив е и археологот Балдуин Сариа, кој во Прилеп дошол во 1923 г., испратен од тогашниот Народен музеј од Белград. Меѓу другото, тој констатирал дека во оваа црква имало значителен број антички споменици вградени во самата градба1. Според него, во црквата биле вградени 4 големи мермерни столбови од кои, и во негово време, стоеле вертикално само два, исто како и денес. Столбовите, всушност, го држеле некогашниот покрив. Дали тој некогаш постоел на оваа црква за која е врзано проклетство, според преданието токму за нејзиниот покрив? Дали покривот паднал откако долго време стоел на градбата или се работи за неуспешно покривање уште во самиот почеток? Имајќи предвид дека на ѕидовите од градбата до денес се задржале фрагменти од стар живопис, нема дилема дека оваа црква на почетокот на нејзината изградба била во комплетна форма и им служела на верниците од стариот град Прилеп. Веројатно е дека, како и многу други варошки цркви, таа била срушена со доаѓањето на Турците на Балканот и освојувањето на градот Прилеп.

Интересно е што околу оваа црква се вршени обемни археолошки истражувања и се пронајдени голем број археолошки остатоци од објекти и разни предмети. Меѓу нив посебно се споменуваат печки за топење руда, печки за печење керамика и сл. Во близина на црквата се ископани и голем број гробови од средниот век, но исто така се познати и голем број наоди кои водат потекло од антиката, меѓу кои и наоди на монети од македонските кралеви.2 Тоа од своја страна е потврда за долгиот континуитет на присуство на живот и култура на овој простор низ различните периоди.

За архитектонските елементи од античко потекло во градбата на црквата „Св. Атанасие“ пишува и археологот Виктор Лилчиќ.3 Тој споменува неколку архитектонски елементи од мермер, кои се остатоци од градбите на античкиот град на овој простор. Меѓу нив се една „волута на јонски капител“ украсена со листови од папирус по должина, мермерна база од римско јонски тип со квалитетна изработка, четири столбови кои ги држат сводовите, два мермерни квадери како сполии, уште една, пета колона, која лежи во наосот на црквата, дел од постамент, познат како крепидома и други дваесетина архитектонски елементи од мермер, вградени во ѕидовите на градбата.4

Сите овие споменати елементи од античкиот период, упатуваат на градскиот карактер на античката населба, која егзистирала на овој простор во тоа време. Споменатите архитектонски елементи се поврзуваат со римскиот период, особено, првите векови на римското владеење со овој простор. Од археолошките ископувања познати се и други наоди од овој дел на Варош, меѓу кои и остатоци од една семејна градба, која се датира во вториот век пред нашата ера,5 која заедно со другите срхеолошки материјали кои говорат за овој период укажува на културата поврзана со македонскиот период. Во извештаите од археолошките ископувања на овој простор се пронајдени, особено, голем број остатоци од “хеленистичко-римскиот“,6 односно, македонско-римскиот период кои, заедно со сличните наоди во поширокиот простор на Варош и Заград, како и ридот Маркови Кули, упатуваат на значајна населба на овој простор и во македонскиот период, која продолжила со животот и развојот во римскиот и следните периоди.

Интересен е и просторот од североисточната страна на црквата, над варошките куќи. Тука на многу карпи се среќаваат голем број делкани форми по гранитните површини кои укажуваат на нивното користење за различни намени во минатото. Од длабени гробови во карпа, до различни садови и форми приспособувани за користење во просториите во кои биле вклопувани и карпите. Веднаш до овие карпи, кои од црквата ги дели долот што доаѓа откај манастирот „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа и комплексот од карпи познат како „Светецот“, кој претставувал светилиште со длабоки корени во времето.7

До кога ќе трае проклетството на црквата „Св. Атанас„ опкружена со толку големо богатство од стара култура од десетици векови? Прашањето, се чини, е тешко да се одговори. Времето во кое живееме и кое ја стигна оваа црква сè уште не ветува нејзино „ослободување“ од ништожноста. Единствено ни останува да веруваме дека дејството на проклетството има крај како и сѐ на овој свет. Ако оваа градба дотогаш не биде сосема срушена, веројатно, ќе доживее изградба и на сопствен покрив.
1 Балдуин Сариа, Археолошка испитивања у Јужној Србији, Старинар 1924–25.
2 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските Словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Прилеп 1986.
3 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговоте, христијаните и за живот по животот, том I, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 2001.
4 Исто, 391.
5 Б. Бабиќ, Материјалната …, 180 – 182.
6 Исто, 136 – 182.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ -Прилеп, Прилеп 2000, 21 – 25.
Мермерен столб со каител на источниот дел на градбата – лево Мермерен столб со каител на источниот дел на градбата – десно Фрагмент од мермрен столб вграден на агол од северниот ѕид Црквата „Св. Атанасие“ од југоисток Повеќе елементи од мермер од античка градба на јужниот ѕид Неколку елементи од мермер од античка градба на јужниот ѕид Црквата „Св. Атанасие“ со манастирот „Св. Архангел Михаил“ Елемент од мермер во внатрешниот дел на црквата Мермерна плоча со рамкирано правоаголно поле во вантрешниот дел на црквата Мермерен столб на источниот дел во градбата – десно Црквата „Св. Атанасие“ со карпата Кукуделица на исток