ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД МАКЕДОНИЈА ОДИГРАЛЕ ВАЖНА УЛОГА ВО ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ИЗВОРНАТА ХРИСТИЈАНСКА ВЕРА (1)

Во првите векови од појавата и развојот на христијанството културното и цивилизациското ниво на просторот на Македонија било на особено високо ниво. Големиот број градови од тоа време низ Македонија продолжиле да се развиваат и културно да се воздигнуваат. Голем број од овие градови претставувале своевидни културни и политички центри, а во нив се формирале и христијански заедници уште во почетокот на новиот милениум. Набрзо по доаѓањето на апостол Павле во Македонија се формирани силни христијански заедници во градовите Филипи, Солун и Бероја.1 По зголемувањето на овие заедници, се појавиле и првите услови и за нивното структурно уредување, за појавата на црковни старешини и хиерархија во христијанската заедница. Уште во Посланието на апостол Павле до филипјаните, тој изнесува дека заеницата во Филипи имала востановена ерархија раководена од епископ.2 Според Ѓорѓи Поп-Атанасов првиот епископ во Македонија бил евангелистот Лука,3 кој по заминувањето на апостолот за Тесалоника (Солун) останал во Филипи и продолжил со својата мисионерска дејност во овој град. Значи, темелите на организациската структура на христијаните во Македонија се поставувала уште со самото доаѓање на мисијата на чело со апостол Павле. На тој начин се создале услови за ширење на христијанството и во другите градови низ Македонија и Балканот. Во голем број градови низ Македонија изникнале бројни христијански заеденици и црковни организации раководени од старешини, епископи, како и објекти, најпрво посветени на големиот број христијански сподвижници и маченици, кои биле прогонувани од римската власт, а во следните векови се развиле и поголеми црковни објекти од типот базилика и други црковни архиетктонски градби. Прогонувањето траело до познатиот Милански едикт, кој бил издаден од страна на царот Константин во 313 година, кога христијанската вера била прогласена за легална.4 Веќе во 325 година, по иницијатива на императорот Константин I Велики (321 – 343) се одржал и првиот вселенски собор во градот Никеја, во Мала Азија, во областа Анадолија во денешна Турција, на кој се расправало за некои верски идеолошки прашања. Особено било актуелно учењето на александрискиот презвитер Ариј (256 – 336), кое е познато како аријанство5 или аријанизам. Тој учел дека Исус Христос е само обична рожба, додека неговите противници, следбеници на св. Александар Александриски тврделе дека Синот е едно со Отецот, односно, е едносуштен со Отецот,6 што значи Синот не може да се објасни одвоено од Отецот. На овој собир се појавило и учење, кое заземало позиција меѓу двете претходни, односно, дека и Отецот и Синот се од слична материја,7 но не од иста, што значи дека се две суштини, односно, дека се разликуваат.

Црквата „Св. Димитрија“ Солунски во Солун

            Токму на овој христијански вселенски собор учествувале, најмалку, тројца епископи, претставници од Македонија. Тоа биле епископот на Солун, Александар,8 епископот на Стоби, Будиес9 и епископот на градот Скупи (Скопје), Дак(ус), како дардански епископ.10 На првиот собор од 325 година во Никеја, во свечената царска сала, во присуство на царот Константин, била одржана голема расправа за наметнатиот спор, односно, појавата на учењето на споменатиот Ариј, и завршил со отстранување од црквата на Ариј и неговите следбеници, кои биле испратени во прогонство.11

            На следниот вселенски собор, кој се одржал по 18 години, односно во 343 година во градот Сердика (денешна Софија), учествувале 318 претставници на црквата, а меѓу нив, како учесници, се запишани дури девет епископи од Македонија. Тие биле епископите: Аециј од Тесалоника (Солун) Антигон од Пела, Евагриј од Хераклеја Линкестис (кај Битола), Зосим од Лихнид (Охрид, Басус од Диоклецијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион, Геронциј од Бероја и Парегориј од Скупи, кој бил главен град на провинцијата Дарданија.12 Вториот вселенски собор бил свикан од наследниците на Константин Велики, Констанциј (337 – 361) и Констанс, а неговата цел била смирување на состојбите во црквата по расколот создаден од споменатото учење на презвитерот Ариј, односно, аријанството.13  

     

            Овие податоци за учеството на епископи од Македонските градови на вселенските црковни собори, недвосмислено упатуваат на фактот дека многу брзо по едиктот во Милано од императорот Константин I Велики, христијанската црква во Македонија силно се развила и

Остатоци од голема ранохристијанска базилика во Филипи кај Кавала

биле создадени голем број епископии. Всушност, учеството на македонските епископи на највисоките христијански собори упатува на голем развој на христијанската мисла и христијанското учење во Македонија, што довело до појавата на гоем број христијански учени дејци и великодостојници, со способност за расправа за христијанската вера и учење од највисокот ниво. Всушност, тоа значи дека тие уште од почетокот зеле учество во изградбата и зачувувањето на изворната христова вера, мисла и учење.

            Развојот на христијанството бил, особено, засилен по донесувањето на едиктот од царот Теодосие во 380 година, кога било прогласено за државна вера.14 По ваквите револуционерни случувања, започнал вистински бум на изградба на разновидни христијански објекти, најпрво над гробовите на разновидни христијани, настрадани во прогоните или христијани кои биле прогласувани за маченици, односно, мартири. Таквие ообјекти биле од типот мартириуми, капели, мемории, крипти и реликвијари.15  Токму над ваквите почетни христијански објекти во следниот период се појавиле и првите христијански цркви, познати како еклесија, а набрзо потоа и црквите од типот базилика, епископски базилики и епископски седишта.16 Значи, почнала да се создава и црковната структура, па се појавил и тн. Викаријат во Тесалоника (Солун), кој станал центар од кој се раководело христијанството во поширокиот простор. Низ Македонија, во повеќе градови биле конституирани епископии и епископски седишта, како што биле оние во Стоби кај Градско, Хераклеја кај Битола, Филипи кај Кавала, Бероја, Скупи (Скопје), епископијата во брегалничкиот регион и други.17 На спомениците во овие градови, како  и во историските записи се зачувале и имињата на поголем број христијански првенци, особено, епископи, од различни периоди.

Од црквата „Св. Петка“ во с. Чаниште, Мариово, Прилепско – лево св. Кирил и Методиј, десно св. Константин и Елена

            Самиот факт што веќе во 325 година, односно, само 12 години по едиктот од Милано, се споменуваат епископи во Македонија, односно, се потврдува постоењето на црковни институции и седишта, како што се епископиите, упатува на размисла дека црковната структура на христијанството во Македонија има подолга истоија и континуитет, односно, дека своевидна фромана црковен систем и црковни институции, веќе постоеле и пред 325 година. Имено, тешко е да се верува дека за само 12 години по едиктот од 313 година се создале толку моќни црковни институции. Поверојатно е дека во определена форма, тие веќе постоеле и пред донесувањето на овој едикт и рогласувањето на христијанската вера за рамноправна во целото царство. Основа за тоа, секако, се рано развиените христијански заедници во повеќе македонски градови. Ова, особено, важи за Стоби, Хераклеја, Филипи, Тесалоника (Солун), Бероја, Скупи и други значајни македонски градови. Сепак, според историските извори, епископиите и епископските седишта се создавани по 313 година, пример, епископиите во Скупи18 и Стоби,19 но и во другите споменати градови.

Црквата „Вознесение христово“ во Бер (Бероја – Верија)

            Според сознанијата, во воспоставениот епископат по едиктот од Милано, односно по 313 година, била воспоставена и соодветна хиерархија и притоа, епископите од Тесалоника (Солун) се стекнале со посебен авторитет, а со тоа и со своевиден примат. Тоа, секако, произлегувало и од значењето на овој град како своевиден административен и политички центар во империјата, односно во диецезата Македонија, како и од апостолското потекло на црковната општина во него. Сето тоа му дало значење на овој град и како важен црковен центар, на кој му биле подредени другите црковни општини.20 Врз основа на какноните, кои биле донесени во тој период, епископот на Солун се здобил со најголем авторитет и станал прв меѓу еднаквите, како во диецезата Македонија, така и пошироко, во Илирик.21 Во прилог на изнесеното е и еден настан од летото 380 година, односно, крштевањето на императорот Теодосие I, со кое раководел тогашниот епископ на Солун, Ахолиј.22 Тоа значи дека дека тој уживал посебен углед, не само пред императорот, туку и пред другите црковни достоинственици во диецезата. Според еден од авторите, Рајко Братож, Ахолиј имал силно влијание на Теодосиј I и дека издејствувал кај него да го издаде познатиот едикт според чии одредби сите поданици во Римската Империја, под закана и казни, биле обврзани да го прифатат Никејскиот симбол на верата. Спорет Братож, епископот Ахолиј, за другиот христијански свет имал статус на апостол, а таква титулар добивале само епископите на најугледните епископски седишта. За авторитетот на Ахолиј говори и податокот дека тој бил избран за посредник меѓу Теодосиј I и водачот на Готите, Теодорих, кои во тоа време прзеле голем поход и навлегле и во Македонија.23  

            „Теодосиј по подигнување на трофејот (во чест на победата), побрза кон Константинопол и пристигна во Тесалоника. Таму сериозно се разболе и изрази желба да го прими светото крштение. Тој благодарение на неговите претци отпорано беше запознаен со христијанските норми и исповедаше едносушност во верата (Никејскиот симбол). Како што неговата болест се влошуваше, така тој стануваше сѐ понестрплив побрзо да биде крстен и испрати прашање до епископот на Тесалоника, за почеток барајќи од него одговор каков симбол на верата да исповеда. Откако епископот му одговори дека учењето на Ариј сѐ уште не навлегло во провинциите во Илирик, ниту дека новоста што еретиците ја изродија не почнала да се исповеда во Црквите во тие земји, туку дека (Црквите во Илирик) продолжиле да ја чуваат неизвалкана верата што од почеток им беше дадена од апостолите и што беше потврдена на Никејскиот собор, императорот беше со задоволство крстен од епископот Ахолиј, и по кратко закрепна од болеста, се врати во Константинопол на 24 ноември, за време на 5-тиот конзулат на Гратијан, и првиот негов (конзулат, м.з.).

Sokrates Sholastikus, Historia Ecclestiastika, V, VI, 1 (PG 67)24

            Еве го и едиктот издаден од Теодосие I Во Солун: „Сакаме сите наши поданици да ја исповедаат религијата за која се вели дека божествениот апостол Петар им ја беше дал на Римјаните, и која папата Дамас и александрискиот епископ Петар, луѓе со апостолска светост, ја следат. Она во што ние треба да веруваме е Едната божественост на Отецот, Синот и Светиот Дух подеднакво почитувајќи ги; и во Светото Торјство според учењето на апостолите и евангелијата.

            Секогаш кога ќе сепронајдат Манихејци како богослужат, нивните водачи да бидат строго казнети и оние што присуствуваат да бидат оквалификувани како злогласни и бесрамни, и да бидат исклучени од заедницата, и нека куќите и местата, каде нивното учење се проповеда, бидат одземени од властите на градот“.

(„Едиктот од Тесалоника“ во Codex Theodosianus, XVI, 1,2 1)25

Ранохристијански споменик со крст и симбол – влез во рајот

         1 Блага Алексова, Култ на мартирите во Македонија од IV до IX век, Loca sanctorum Macedoniae, Книгоиздателство Матица македонска, Скопје 1995, 3. Драган Зајковски, Драган Зајковски, Христијанството во Македонија, Седум слова за почетоците и етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017, 39 – 47.

2 Послание до Филипјаните, Делата апостолски. Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 43.

3 Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 43, 44.

4 Блага Алексова, Култ на мартирите…, 4, 5. Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година (дополнето издание), 5 – 32.

5 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија…, 47 – 51. 

6 Исто, 39. Славко Димевски, Ширењето и етаблирањето на христијанството во доцноантичко Скупи и неговата околина (https://opserver.mk/kolumni/shirenjeto-i-etabliranjeto-na-hristijanstvoto-vo-docnoantichko-skupi-i-negovata-okolina/)

7 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија…, 47 – 51. Славко Димевски, Ширењето… (https://opserver.mk/kolumni/shirenjeto-i-etabliranjeto-na-hristijanstvoto-vo-docnoantichko-skupi-i-negovata-okolina/).

8 Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 52.

9 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Завод за заштота на спомениците на културата, природните реткости и Музеј и Галерија – Битола, Битола 1998, 40.

10 Исто, 38. Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 52.

11 Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 53.

12 Славко Димевски, Ширењето… (https://opserver.mk/kolumni/shirenjeto-i-etabliranjeto-na-hristijanstvoto-vo-docnoantichko-skupi-i-negovata-okolina/).

13 Исто. Д. Зајковски, Христијанството во Македонија…, 69 – 77.

14 Исто. Блага Алексова, Култ на мартирите…, 1- 5.

15 Блага Алексова, Култ на мартирите… .

16 Исто.

17 Исто. Блага Алексова, Епископијата на Брегалница : прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија

Блага Алексова. Томе Јанакиевски, Антички театри…, 37 – 41.

18 Блага Алексова, Култ на мартирите… . Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 32 – 44.

19 Исто. Томе Јанакиевски, Антички театри…, 37 – 41.

20 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија …, 35.

                – Градот Солун бил назначен за главен град на провинцијата Македонија, а потоа и седиште на диецезата со исто име.

21 Исто, 36.

22 Исто, 37.

23 Исто, 37 – 39.

24 Исто, 38.

25 Исто, 39.