ПРИЗНАНИЕ НА БУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА: „СЕКОЈ ТРЕТ БУГАРИН ИМА МАКЕДОНСКИ КОРЕНИ“

Вистината може да се затскрие, но никогаш да се скрие, зашто таа, за разлика од невистината е постоечка и има вистински „корени“ од кои, кога да е ќе израсне и „стеблото“.

                Ваква констатација сретнав деновиве во еден портал за афирмација (читај: пропаганда) на бугарската кауза во Македонија. Тоа значи дека во Бугарија живеат 1,5 до 2 милиони Македонци, односно, граѓани на Бугарија со потекло од Македонија, независно како се декларираат. Имаат ли право сами да се декларираат, односно, да се изјаснат за својата народност и за својот идентитет? И покрај пет добиени пресуди пред Европскиот суд за човекови права на организацијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден бугарската власт не дозволува регистрирање на таква организација и не признава постоење на македонско малцинство во оваа држава? Сепак, како и да се нарекуваат тие, ниту бугарската власт, која и да било гарнитура, ниту светската јавност, ниту домашната и светската историја не може да го оспори фактот дека во Бугарија денес живеат, помалку или повеќе, околу два милиони Македонци, односно, ако некому така му е пообјективно и полесно, околу два милиони граѓани со потекло од Македонија. Сепак, ете, нека е и по потекло, тие можат да се наречат и Македонци бидејќи нивните корени се од географскиот простор Македонија, како што некој, кој потекнува од Пелагонија може да се нарече Пелагонец или од Мариово, Мариовец или од Пиринскиот дел на Македонија, Пиринец, ако неговото чувство и неговата желба се такви. Треба ли тоа да се санкционира со некој закон, со репресија и слично? Уште повеќе, тргнувајќи од фактот „потекло“ Македонија би можела, дури, да покаже и грижа за своите оснародници во Бугарија, како за свои браќа. И што би било лошо во тоа? Зарем „грижата“ на Бугарија за граѓаните на Албанија, кои себе си се сметаат за Македонци е нешто подобро и пообјективно? Уште повеќе, бугарската држава користи разни форми на убедување на овие чесни граѓани на Албанија дека треба да се декларираат како Бугари, а тоа го прави и преку моќните европски институции. Или нив им се може како членка на ЕЗ?

                Се разбира дека Македонија (се однесува на македонската власт), воопшто, не води грижа за Македонците во Бугарија, ниту за оние кои храбро истапуваат и така  се декларираат, а да не говориме за она големо мнозинство државјани на Бугарија по потекло од Македонија, односно, со „македонски корени“. За тоа време, храброто малцинство кое, ризикувајќи ја својата положба во Бугарија се декларираат како Македонци, се спротиставуваат на бугарската власт, која не сака да го слушне нивниот глас и не го признава нивното право на слободно изјаснување, декларирање и определување. Зошто праведната и демократска Европа, односно, нивните врвни тела на раководење и за прием во членство не побараа од Бугарија да ги исполни основните човекови права дома, а потоа да ја прифатеше за членка на оваа Заедница? Признавање на правото на слобода, правото на мислење, на декларирање, на самоизјаснување и самоопределување, кои се внесени во голем број меѓународни правни документи, а кои се дел од природното право на човекот уште со неговото раѓање се елементарни човекови права. Не важат ли тие за оваа балканска земја и европска членка?!! Или тоа не се основни вредности, ниту за Европската заедница?!!

                Е, сега, кога сме кај оние кои се борат за признавање на нивната македонска националност во Бугарија, а не се по потекло од територијата која ја поседува денешна Македонија, тогаш нив, како бројка, треба да ги додадеме на оние два милиони, кои се по потекло од денешниот простор на Македонија. Ако во погореизнесеното се мислело на „една третина“ со потекло од денешниот простор на Македонија. Друго е прашањето во колкава бројка тие се сведени денес (иако во не така далечното минато според пописите во Бугарија ситуацијата била поинаква, и тоа, пред само неколку децнии). Во историјата на пописи на населението во Бугарија, за Пиринскиот дел од Македонија постојат податоци од кои на денешната бугарска кампања во врска со приемот на Македонија во Европската заедница ѝ се темни пред очите, а во одбрана шири информации дека тие пописи, особено пописите од 1946 и 1956 година, дека биле фалсификувани и дека биле обична манипулација, комунистичко масло.  Податоците од тие пописи, пак, говорат дека во 1946 година во Пиринскиот дел на Македонија 70 % од населението се декларирале како Македонци, додека во 1956 година тој процент бил 63 %. Во пописите од следните децении тие бројки се драстично различни за сметка на бугарското потекло на населението, па во 2011 година како Македонци се декларирале само 1654. Најистрајните борци на Македонците, кои живеат во Бугарија и денес го подигаат својот глас, добиваат тужби пред меѓународните судови, но за Бугарија тоа ништо не значи и ниту една од нив не е спроведена. нНегаторите на македонскиот идентитет се служат со секакви погрдни зборови, во желбата да не признаат дека во нивната држава постојат и такви, кои себе си се сметаат за Македонци. Па, каков проблем би им направиле „една рака“ жители на оваа земја, кои себе си се сметаат за Македонци? Се плашат ли од неколку стотици Македонци или проблемот се неколку милиони со „македонски корени“. Што означува таа определба „македонски корени„? Дали таа не нѐ доближува сите зедно, па и тврдата бугарска пропаганда, до определбата „Македонци“? За име на вистината, колку и да  бега Бугарија од постоњето на македонски идентитет, таму и „најтврдите“, кои се против него, на различен начин го потврдуваат, па така се служат со термините, „македонски корени“, „по потекло од Македонија“, „македонски Бугари“ и слично. Ви текнува? Проблемот, значи, е во нечии нерални амбиции и желби. Од типот „Јас ќе ти кажам тебе кој си и то си“. Тоа ли е основна европска вредност. Со еден многу полиберален однос, став и милење тој ќе исчезне. Тоа, секако ќе ни донесе благодет на сите, односно, ќе не ослободи од непотребниот и вештачки создадена тежина.  

                Вистината може да се затскрие, но никогаш да се скрие, зашто таа, за разлика од невистината е постоечка и има вистински „корени“ од кои, кога да е ќе израсне и „стеблото“. На крај, ќе се ослободи ли овој балкански простор од неразумните претензии и неостварливите желби за да се ослободи од непотребните „пранги“ и да доживее вистинска слобода? Лично верувам дека и тоа ќе се случи, но колку  побрзо, толку подобро.