116 ГОДИНИ ОД НАПАДОТ НА СЕЛОТО МАКОВО ВО МАРИОВО ОД ЧЕТИТЕ НА ДИМКО МОГИЛЧЕТО И ТРАЈКО КРАЛОТ
– Селото Маково, кое се наоѓа во Мариово, општина Новаци, често се споменува како место на судири на македонските чети со турксиот аскер или со четите на грчката пропаганда. Во еден од извештаите на конзулите во Битола се споменува одмазда на Турците поради убиства и палежи од страна на Комитетот во текот на 1903 година. 1905 година селото било нападнато од четите на војводите Димко Могилчето, Трајко Кралот и Алексо Стефанов со цел да ја уништат грчката пропаганда, која земала сè поголем замав.
Во еден извештај од австрискиот конзул Аугуст Крал од 6 септември 1903 година се вели дека селото Маково било нападнато од Турците за да се одмаздат поради „убиствата и палежите од страна на Комитетот“. Турците се одмаздиле со ограбување на жителите, со земање на добитокот и малтретирање на невиното население. Притоа биле убиени осум души од селото.1

Поради засилувањето на грчката пропаганда во Мариово, чии чети правеле гоелем број злосторства по селата, меѓу 25 и 26 септември 1905 година, четите на Трајко Кралот и Димко Могилчето го нападнале селото Маково. Според историските извори, при нападот се собрале 200 комити.2
„Во ноќта помеѓу 24 и 25 минатиот месец (септември, з.м.), две чети на војводите Димко и Трајко, наводно со 200 луѓе, влегле во селото Маково кое се наоѓа 21 км североисточно од Битола во пределот на Мариово и запалиле 11 куќи, 1 ан и 3 кули. Тие убиле двајца мажи и една жена. Двајца селани биле уапсени.“3

Нападот врз селото Маково бил извршен поради зацврстување на грчката пропаганда во ова село. Од селата во кои оваа пропаганда фатила корен многу жители се вклучувале во директните напади, кои ги вршеле грчките андарти во селата, кои не биле под нивно влијание. Војводите Димко Могилчето, Трајко Кралот, Јон Пашата и Алексо Стефанов од Демирхисарско се обиделе со убедување да ги одвратат жителите на Маково од прифаќање на Грчката Патријаршија и грчката пропаганда, но откако тоа не вродило со плод, ноќта меѓу 25 и 26 септември 1905 година го нападнале Маково.4
За нападот на Маково во септември 1905 година, информира еден од учесниците, војводата Алексо Стефанов од Демир Хисар. Тој тврди дека војводите биле повикани на помош во Мариово против грчките чети. „Гркоманите ги гореа нашите села, а пак ние нивните. На грчките чети им помагаше и турската војска. Грчките чети ги создаде Хилми-паша. Јас со мојата чета, 50-60 луѓе, отидов на помош во Мариово. Таму ја најдов целата милиција ‚на готовс‘. Мојата чета одеше на помош на Димко Могилчето, на Трајко Кралот и на Јон Пашата. Со нив се сретнавме во селото Брник. Тие беа со милицијата. Решивме да го нападнеме селото Маково. Тоа е чифлигарско село, во него имаше чифлици во кои работеа Мариовци како исполичари (робови). Во селото имаше 7 кули во кои живееја Турците. Селото беше гркоманско. Беа на страната на Турците и затоа сите беа вооружени. Селото им припаѓаше на турските бегови. Зедовме четири тенеќиња со газија, ги натоваривме на магариња и тргнавме за Маково.“5

Нападот на селото Маково се оценува како успешен. По неговото извршување војводите со четите се упатиле во областа која како војвода ја контролирал Алексо Стефанов. Поминале над селата Чарлија, Беранци, Црнобуки и преку Облаково и Српци заминале кон селото Цапари.6
1 Данчо Зографски, Извештаи од 1903 – 1904 година на австриските конзули во Македонија, 121.
2 Ѓорѓи Котевски, Трите битолски војводи, 81.
3 Цитатот е преземен од книгата на Ѓорѓи Котевски, Трите битолски вовјоди, објавен на стр, 81, преземен од извештајот на вицеконзулот во Битола, Оскар Прохаска од 12 октомври 1905 година.
4 Ѓорѓи Котевски, Трите битолски војводи, 37.
5 Исто.
6 Исто, 81.
Селото Смилево пред стотина години Анастас Лозанчев – претседател на Окружниот комитет во Битола Војводата Јон Пашата Слобода или смрт Дел од селото Маково денес Црквата во селото Маково Војводата Алексо Стефанов