МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ ЕДНА, ТУКУ ГОЛЕМ БРОЈ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ, КОИ СЕ ИДЕНТИФИКУВАЛЕ КАКО МАКЕДОНЦИ

Обидите да се докаже дека Македонците во античкиот период биле една етничка заедница секогаш ќе завршуваат со неуспех бидејќи се осудени на неуспех уште на почетокот, зашто најстарите пишани документи упатуваат на фактот дека со името Македон, односно, како Македонци, се идентификувале голем број етнички заедници, кои имале свои, локални имиња. Сврзен момент е легендата за епонимниот јунак Македон, за кого постојат податоци само од митологијата, односно од митолошките преданија. Препрочитувајќи ги митолошките содржини за најстарите периоди на Балканот, како и пишувањата на старите автори станува јасно дека голем број етникуми имале свои посебни кралства и заедници, но биле сметани за потомци на Македон, односно, по потекло, сепак, се сметале и биле Македонци. Токму како такви, подоцна, здружени во едно кралство, во добро ораганизиран систем во времето на Филип II Македонски се наметнале над поголемиот дел од Балканот и започнале со реализацијата на „големиот проект“ освојување на целиот познат свет и формирање империја, каква што дотогаш немало во светот, која била постигната со синот на Филип, Александар III Македонски. Така започнало владеењето на Македонците со светот, за кое пишуваат и старите автори.

Македонија, Тракија, Илирија, Мезија, …

Интересен е, во врска со ова, наводот кај Диодор, кој вели: „После тоа, со смртта на царот на Асирците, Сарданапал, завршило владеењето на Асирците, настапила епоха на Македоните.“1

Значи старите автори тврдат дека после владеењето на една од постарите цивилизации, каква што е асировавилонската, настапило владеењето, односно, цивилизацијата на Македонците. Денес, речиси, не се споменува никакво владеење или цивилизација на Македонците, туку тоа сосема поинаку се толкува, како хеленизам, грчка цивилизација и сл. Замислете: еден неповторлив настан од светско значење и период од неколку века на владеење и контрола со добар дел од постоечкиот свет, денес се толкува како „историски инцидент“!!!?? Зошто е така, нема да спориме. Дали е тоа оправдано или не, нема да коментираме. Веруваме во објективноста на науката и цврстата решеност на човештвото да дојде до вистината, па порано или подоцна, заблудите ќе бидат надминати и ќе им се даде право на аргументите, на документите, на сведочењата на современиците и на другите докази за тоа.

Античките автори разликувале Долна и Горна Македонија, а во секоја од нив набројуваат поголем број племиња, односно, етнички заедници со посебни имиња кои, по потекло, се сметале Македонци, потомци на Македон. Со поимите Горна и Долна Македонија, особено,се служи еден од најстарите историчари на Балканот, „таткото на историјата“, Херодот.2 Слично се произнесуваат и другите антички автори, како Тукидит, Диодор, Страбон, Полибиј, Павсанија, Плутарх и др.

               „Исто така постои и Горна Македонија, која се состои од другите народи Линкестијците и Елимиотијците, кои се сојузници и поданици на Долна Македонија, но ги задржуваат своите локални кралства. Она што сега е крајбрежна Македонија за првпат го доби таткото на Пердика Александар и неговите предци, кои потекнувале од Теменидите од Аргос.“2

Карта на античкото кралство Македонија

               Диодор, многу убедливо, упатува на сериозни врски меѓу македонските етнички заедници од Долна и Горна Македонија, упатувајќи на нивното „сојузништво и подаништво“, асоцирајќи на родствена блискост и заедничко потекло.

Дека Македонци не биле, односно, не се сметале само една етничка заедница потврдуваат певеќемина стари автори. Овде, особено добро се вклопува тврдењето на Тукидит, поврзано со македонскиот идентитет, односно, дека повеќе етнички заедници во антиката се идентификувале како Македонци:

Кон родот на Македонците припаѓаат исто така и Линкестидците и Елимејците и другите народи од повисоката област, кои, како во сојуз со поблиските Македонци и потчинети на нив, имале нивни сопствени кралеви. …. Овие Македонци, исто така, се сториле себе си господари на одредени места, кои сѐ уште ги контролираат, сопственост на други народи, имено на Антем, Грестонија (Крестонија), Бисалтија и голем дел од самата Македонија. Но целиот регион сега се вика Македонија, а Пердика, син на Александар, бил крал кога Ситалк ја нападнал.3

Значи, Тукидит знаел кој дел од балаканот се нарекува Македонија, а Страбон зборува за област, која се нарекувала Македонија и се простирала до Коркира, денешниот Крв.4 Уште повеќе, обидите за детерминација на едно племе кое се нарекувало Македонци изгледа дека се погрешни и залудни, поради тоа што под ова име се подведувале голем број племиња уште во подлабоката антика, односно, како што тоа јасно го покажуваат некои од античките автори, дека Македонци биле „Линкестите, Елимејците и другите народи од повисоката област“.5

Фрагмент од папирус – оригинал од Херодотовата историја

Слични определувања на Македонија и македонските етнички заедници среќаваме и кај Страбон: „И, всушност, реоните околу Линкос, …ија, Орестија и Елимеја се нарекувале Горна Македонија, иако подоцна биле наречени Слободна Македонија. Но некои одат до таму, што целата област ја нарекуваат Македонија, дури до Коркира (островот Крв, з.м.),6 истакнувајќи го како основа на тоа, дека  начинот на живот на неговите жители е сличен во исечената коса, кратката наметка и јазикот, и во други слични работи, иако, како што додаваат, некои ги зборуваат двата јазика.“7 (Страбон)

Со дел од овој навод на Страбон, поврзан со географската област на Македонците, се надоврзува и еден навод кај Полибиј, всушност, првиот е последователен на Полибиј: „Македонците завладеаја со Европа од краевите покрај Адрија (Јадранското Море, з.м.) со мал дел од споменатата област. После тоа, откако го уништија персиското царство, стекнаа власт и над Азија.“8

Кај Полибиј, на повеќе места, среќаваме и јасна етничка идентификација Македонци и Хелени, што значи дека се работи за два етнички идентитета уште во антиката, ако не и порано. Имено, кај него среќаваме: „Зошто за оваа војна (се работи за Антигон Досон (229 – 221 п.н.е. и неговата војна за враќање на изгубени територии на Балканот и војна со Илирите) поопширно говорев? Бидејќи времето во кое се одигра паралелно му претходи на периодот за кој ќе пишувам, изгледаше корисно, уште повеќе, неопходно, да во согласност со својот првобитен план, на сите да им ја објаснам тогашната ситуација кај Македонците и Хелените.“9

Херодот

На друго место, Полибиј, разликува географска област Хелада, надвор од географската област Македонија: „… да се надметнуваат за власт на море (Римјаните, з.м.), како и каква беше тогашната ситуација во Хелада и Македонија, …“10

          Кај Страбон се наведува и тоа дека „Орестите, Пелагонците и Елимиотите биле дел од Македонија“.11

          Голем е бројот на етничките заедници кои имале сличен јазик, слична култура и обичаи, односно слични културни белези, како и слична религија и култови. Токму тоа им бил јасно на старите автори и упатуваат на широка територија на Балканот, која се викала Македонија. Според нив, териотријата на Македонија се протегала дури до Јадранското Море, „дури до Коркира (Крв)“.12Македонија е ограничена на запад от крајбрежието на Адриатикот; на исток од линијата на меридијанот, која е паралелна на тоа крајбрежје и минува низ устијата на реката Хеброс“13 каде во неа влегувале и Одомантите, Едоните, Мигдонците, Ситонците и Бисалтите.14 Во рамките на таа територија среќаваме голем број етнички заедници, повеќето со свои засебни кралства, но како дел од Македонија, односно, со македонско потекло, јазик и култура. Голем број од нив старите автори ги поврзувале со староседелците на тлото на овој дел од Европа, особено со Пелазгите, за кои наведуваат дека зборувале барбарски јазик.15 Сите нив ги обединувал епонимот Македон, кој се сметал за прв крал или прататко на Македонците.16 Според Страбон Тоа, кое денес се нарекува Македонија, некогаш се нарекувало Ематија. А денешното име го добила од Македон, еден од нивните древни водачи. Имало и град Ематија, близу до морето. Сега само дел од таа територија ја владеат некои од Епиротите и Илирите, но поголениот дел е во владеење на ботиеите и траките.“17

          Преданието за Македон се среќава во повеќе варијанти. Кај Хесиод е запишано дека „ќерката на Девкалион, Тија, му родила на Ѕевс два сина, Магнет и Македон, радосни на коњите, кои се наоѓаа околу Пиерија и Олимп“.18 Според друга верзија за потеклото на Македон, негови деца се епонимните јунаци на голем број етнички заедници и градови во Македонија. „Македонските епоними се синови на Македон: Миеза и Бероја, ќерки на Берес, син на Македон; Атинтан, Берес, Еуроп, Ороп и други синови на Македон; Грастос, Крусис, синови на Мигдон, а Едон(ос), Одомант(ос) и Бистон се негови браќа; а Тирсе, ќерка на Грастос; Галадрос син на Emath(i)os итн.“19

          Сите епоними споменати во погорните цитати се прататковци на македонски етнички заедници, а потомци на Македон, односно, Макеонски биле и голем број други заедници, меѓу кои, Бригијците, Пелагонците, Линкестите, Орестите, Пајонците, Пиеријците, Меонците, Еордејците, Алмопијците, Амфакситидците, Енхелејците – Дасаретите и други.19

Плутарх од Херонеја – антички автор

 

1 Диодор Сицилијски, Фрагмент 15.

2 Херодотова историја, Матица српска, Нови Сад 1988, книга 7, 173, 196, книга 8, 279, 280.

3 Thukydides, The Peloponnesian War,  Oxford World’s classics, 127.

4 Страбон, Географија, книга 7, глава 7, 8.

5 Thukydides, 127.

6 Страбон, книга 7, глава 7, 8.

7 Исто.

8 Полибиј, Историја, книга 1, Матица српска, Нови Сад 1988, 42.

9 Исто, книга 2, 194.

10 Исто, 195.

11 Страбон, книга 9, глава 5, 11.

12 Полибиј, книга 1, 42. Страбон, книга 7, глава 7, 8.

13 Страбон, книга 7, фрагменти, 11.

14 Страбон, книга 7, фрагменти, 36.

15 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua Macedonica, Скопје 1997, 80 – 114.

16 Исто, Страбон, Хесиод и др.

17 Страбон, книга 7, фрагменти, 11.

18 Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп- појавата на Македон, Патрија, Скопје 2004, 69.

19 Наде Проева, Студии …, 87.

20 Н. Проева, Студии … .