БРИГИЕЦОТ ПЕЛОП, ПЕЛОПИДИТЕ И МАКЕДОНИЈА – МИТОЛОШКО-ИСТОРИСКИ И КУЛТУРНИ ВРСКИ (3)

ПОЈАВАТА НА КРАЛСТВОТО МАКЕДОНИЈА И НЕГОВИТЕ ПРВИ КРАЛЕВИ – ПРЕДАНИЈА И ИСТОРИСКИ ПОДАТОЦИ

          – Речиси, како кај никој народ во светот, кај Македонците може да се проследи континуитетот на нивното движење, најмалку, три милениуми. И тоа, под истото име, она кое и денес е тема на расправа, не само на Балканот, ами и пошироко во светот. Во таа бесцелна и, за разумен човек, понижувачка расправа, зашто е полна со навреди, непочитување, понижување и негирање, како на непобитниот идентитет на Македонците, така и на елементарното право на самоопределување, самоидентификување и изразување на припадност.

          Според митолошките преданија, но и според пишувањето на античките автори првите познати историски кралеви на Македонија биле роднински поврзани и со Пелоп и неговите потомци, како и со Херакле, кој по мајка, исто така, бил Пелопид.1 Веќе пишувавме за соработката меѓу кралот на Орестида, односно, потомокот на Орест и Каран, првиот крал на Македонија. Според тоа предание, откако му помогнал на кралот на Орестите, Каран со своите следбеници ја добил ветената земја, односно половина од земјата на Орест и основал свое кралство со престолнина во градот Ајга.2 Историчарите, сè до денес, на преданијата и пишувањата на античките автори за потеклото на Македонците им пристапиле со голема недоверба, би рекле, неоправдано. Имено, повеќето шпекулираат со наводната желба на првите познати македонски кралеви да се прикажат како потомци на славни претци, односно, потомци на „Грците“!!!?3 Со тоа уште повеќе ја заматуваат сликата на потеклото на Македонците, односно, историјата на нивната појава и создавањето на македонското кралство. Малку чудно изгледаат напорите и анализите на некои историчари во „откривањето“ на „заблудите“ на Тукидит, Херодот, Диодор, Плутарх, Јустин, Павсанија и другите антички автори, кај кои се среќаваат податоци за потеклото на Македонците и настанокот на Македонското кралство. Просто се „мачат“ да ги толкуваат, често, јасните и прецизни пишувања на авторите од пред 2 или 2,5 илјади години, кои „не знаеле“ што е Македонија и Македонци, а денес…!??? Просто е неверојатно колку современите историчари ја заматиле и ја заматуваат сликата за македонскиот ентитет и идентитет, колку ја прават збунувачка, особено, за читателите од пошироката публика. И тоа се случува сè до денес иако, ако се препрочитаат внимателно авторите од антиката, како и оние, посовремените и ако се проследат достапните податоци од археолошките истражувања на територијата која му припаѓала на Македонците и Македонското кралство, без претензии за „големо мајсторство“, потеклото на Македонците, како и создавањето и развојот на Македонското кралство станува многу појасно. Податоците од митолошките преданија, како и оние од античките автори во голема мерка се совпаѓаат и дават задоволителна слика на етничкото, културното и политичкото движење на Македонците. Речиси, како кај никој народ во светот, кај Македонците може да се проследи континуитетот на нивното движење, најмалку, три милениуми. И тоа, под истото име, она кое и денес е тема на расправа, не само на Балканот, ами и пошироко во светот. Во таа бесцелна и, за разумен човек, понижувачка расправа, зашто е полна со навреди, непочитување, понижување и негирање, како на непобитниот идентитет на Македонците, така и на елементарното право на самоопределување, самоидентификување и изразување на припадност.

МАКЕДОНЦИТЕ И ДОРЦИТЕ – ОСВОЈУВАЊЕТО НА ПЕЛОПОНЕЗ ОД ХЕРАКЛИДИТЕ НА ЧЕЛО СО ТЕМЕН

Според некои од старите автори, се добива впечаток дека Македонците се дел, а можеби и предводници на Дорските освојувања на Балканот.4 Овие дорски преселби се поврзуваат со второто освојување на Пелопонез од страна на Хераклидите, кое се случило под водство на Темен.5 Споменот за Темен е особено присутен на Пелопонез, а градот во кој бил погребан по неговата смрт бил според неговото име, Теменион.6

            „Но на Аргосците им припаѓаат Прасиј и Теменион, кадешто бил погребан Темен,… . Теменион е расположен над морето, на растојание од дваесет и шест стадиуми од Аргос.“7

Планината Каракамен, стариот Бермион во чија близина е формирано Македонското кралство

            Името Македонци Херодот го поврзува и со Лакедемонците: „Атињаните воделе потекло од Пелазгите, а Лакедемноците се со хелкенско потекло. Атињаните никогаш не излегле од земјата, а Лакедемонците се многу познати по своите скитања и патувања. За време на Девкалион живееле во земјата Фтијотида, а за време на Дор, синот на Хелен, во земјата под Оса и Олимп, Хистијеотида. Кога Кадмејците ги протерале, се населиле во областа Пинд под името Македонци. Оттука, тие, пак преминале во Дриопида, а од Дриопида дошле на Пелопонез и го добиле името Дорци.“8

            Вакво поврзување на Македонците со Дорците се среќава и на друго место кај Херодот и притоа авторот разликува Дорци и Македонци. Тоа значи дека Дорците и Македонците дејствувале заедно, но дека имале сознание за тоа кои се Дорци, а кои Македонци. Ова се констатира ако се проследи еден пасус кај Херодот во кој се набројуваат бродовите кои учествувале во битката кај Саламина, како и тоа кои народи колку бродови испратиле во оваа битка. Еве што истакнува Херодот: „Во војната учествуваа овие бродови: Спартанците од Пелопонез дале шеснаесет бродови, а Коринтјаните исто онолку бродови, колку што дале и кај Артемизија; Сикионците дале петнаесет бродови, Епидаурците десет, Трезенците пет и Хермионците три. Сите овие, освен Хермионците, биле по потекло Дорци и Македонци и се доселиле од Еринеј, од Пинд, и на крај од Дриопида.“9

Херодот

            Темен го добил Аргос на Пелопонез со ждрепка и со војска го нападнал. Откако, во долга и тешка војна го освоил, освоената земја не им ја дал на своите синови, туку предност ѝ дал на неговата ќерка. Темен имал тројца синови, Кис, Фалк и Керин, но и ќерка Хирнета, која му била најомилена од сите негови деца.10 Во спроведувањето на својата власт тој имал, особена, доверба во својот зет Деифонт, кој по потекло, исто така, имал подалечна роднинска врска со Херакло.11 Тој бил негов командант за време на војна, како и негов советник. Неговите синови, сомневајќи се дека и кралската власт ќе му ја предаде на својот зет, се здружиле против него и се обиделе да го убијат. При обидот да го убијат, тие му нанесле тешки рани, но успеал да избега.12 После него, кралството го наследил неговиот син Кис.13

          Интересно е и тоа што се споменува Темен како син на Пелазг14 и Темен, син на Аристомах.15 Павсанија изнесува интересно предание за Темен, синот на Пелазг. Според него, синот на Пелазг, Темен, живеел во градот Стимфал, во Аркадија. Тој ја одгледал божицата Хера, идната сопруга на врховниот бог Ѕевс. Темен, на божицата и изградил три светилишта и ѝ дал три имиња (прекари). Додека не била мажена ја нарекол Девојка, кога се омажила за Ѕвес ѝ дал име Зрела, а кога се скарала со Ѕевс и се вратила во Стимфал, ја нарекол Хера (Вдовица).16       

ЛЕГЕНДАРНИОТ КРАЛ НА МАКЕДОНЦИТЕ, КАРАН Е ОД ХЕРАКЛИДИТЕ И ТЕМЕНИДИТЕ, НО И ОД ПЕЛОПИДИТЕ, ОДНОСНО, ОД БРИГИЈЦИТЕ

Според скромните сознанија од митолошките преданија и од античките автори, како што се Теопомп, Диодор, Страбон, Павсанија и други, Каран бил син на Аристодамида, потомок на Темен, а Темен бил син на Аристомах, кој бил син на Клеодај, а овој син на Хил кој, пак, бил син на Херакле. Вака го пренесува родословието на Каран античкиот автор Диодор поврзувајќи го Каран со Теменидите и Хераклидите.17 Всушност, Теменидите се Хераклиди и освојувањето на Пелопонез од страна на Хераклидите било под водство на Темен. Од друга страна, според митолошките преданија и античките автори, Херакле по мајка  бил потомок на Пелоп,18 што упатува на тоа дека македонската кралска лоза Хераклиди има роднински врски и со Пелоп, односно Пелопидите. Ваквата крвна врска, оваа лоза ја поврзува со старото балканско племе Бригијци кои, како што пишувавме во претходните продолженија, во својата долга историја се распространиле по целиот Медитеран и извршиле етничко и културно влијание на целиот тој простор. На тој начин, основачите на Македонското кралство, исто така, се поврзуваат со оваа значајна етничка заедница. Тоа значи дека и македонскиот идентитет во својот состав има елементи од овој етнички супстрат, односно, во себе содржи и дел од него.

ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ КРАЛЕВИ КАРАН И ПЕРДИКА – ТЕМЕНИДИ

          Најстарата лоза кралеви на Македонија се познати како Хераклиди, како потомци на митскиот јунак Херакле, но и Темениди, како потомци на Темен, кој е близок роднина на Херакле, а Аргеади, бидејќи во Македонија, според преданието, дошле од Арг. Според Диодор, „доверливи историчари го следат потеклото на македонските кралеви до Херакле. Од Каран, кој беше првиот што воспостави единствена власт над Македонците, до Александар, кој ја освои Азија, дваесет и четири кралеви владееја четиристотини и осумдесет години“.19

Патот на легендарниот македоснки крал Каран, од Пелопонез до Ематија

          Познато е преданието за првиот македонски крал Каран, според кое Каран дошол во областа Ематија со војска пред која оделе кози и онаму каде што застанале козите, тој оформил град и го нарекол Ајга.20 Тој се наоѓал во околината на Воден, на реката Халиакмон (Бистрица). Оттогаш пред македонската војска, кога ќе одела во војна пред неа оделе кози.21 Козата како симбол се среќава на разни предмети, особено на македонски монети. Ајга е првата престолнина на Македонското кралство каде што се наоѓаат и гробниците на македонските кралеви. Повеќе историчари, времето на кралот Каран различно го определуваат. Според некои, тој бил крал околу 800, а според други цел век подоцна, односно, 700 г.п.н.е. За следни кралеви се споменуваат Коин и Тирим, а по нив доаѓа Пердика I.22 Во преданието пренесено од Херодот, за прв крал на Македонија се наведува, токму Пердика I. Според ова предание тројцата браќа Гаван, Аероп и Пердика тргнале од Арг и преку Илирија дошле во Горна Македонија во местото Лебаја, каде слугувале кај тамошниот крал. Вака го пренесува преданието Херодот:

          „Седмиот по ред предок на овој Александар бил Пердика, кој го основал македонското кралство, и тоа вака: три потомци на Темен, браќата: Гаван, Аероп и Пердика избегале од Арг во Илирија, а од Илирија преминале во Горна Македонија и дошле во градот Лебаја. Тука се изнајмиле да служат кај кралот. Еден ги чувал коњите, другиот говедата, а најмладиот од нив, Пердика, ги чувал козите и овците. Тоа време било кога и кралевите, а не само народот, биле сиромашни и немале пари. Леб им месела и печела самата кралица. Но кога и да печела леб за најмладиот овчар, Пердика, тој секогаш двојно збувнувал. И кога тоа истото секогаш се повторувало, го извести за тоа својот маж. Штом го слушна тоа кралот, тој се сети дека тоа би можело да биде некој чуден знак и да претскажува нешто важно. Тој ги повикал слугите и им наредил да ја напуштат неговата земја. Тие, пак, му сиипштиле дека веднаш ќе заминат што ја примата платата која ја заслужиле. А кога кралот слушнал дека овие бараат плата страшно се налутил и, бидејќи сонцето ги фрлало своите зраци во куќата преку отворот на покривот каде што излегувал чадот, покажувајќи со рака на сонцето, бидејќи божеството го навело на таа лудост, им рекол: Ете, тоа е платата која ја заслуживте и која ви ја давам. Гаван и Аероп биле изненадени кога го слушнале тоа, а најмладото дете, бидејќи случајно имало меч, рекло: Прифаќаме, кралу, да го примиме тоа што ни го даваш; па со ножот ги нацрта сончевите зраци на подот од куќата и, нацртувајќи го тоа, трипати заграбил сончеви зраци во својата пазува, па потоа отишол и тој и тие со него.

          Кога тие веќе биле заминати, еден од службениците на кралот му објаснил зошто тоа дете го направило она и со каква намера најмладиот брат го примил она што му го дал кралот. А кралот, кога го слушна тоа, страшно се налутил и испратил по нив коњаници за да ги убијат. Во таа земја се наоѓа една река на која и принесуваат жртви потомците на бегалците од Арг како на свој спасител. И таа река, кога Теменидите преминале преку неа, толку дотекла што коњаниците не можеле да ја преминат. А момчињата дошле во другиот крај на Македонија и се населиле близу таканаречените градини на Мида, синот на Гордиј, во кои растат диви рози, од кои секоја на себе има по шеесет ливчиња и имаат поубав мирис од сите други рози. Во тие градини, по кажувањето на Македонците, бил заробен и Силен. Во тие градини се издига поради студенилото непристапна планина, викана Бермион. Кога ја добавиле таа земја, браќата тргнале оттаму и ја освоиле целата друга Македонија.

          Значи, од тој Пердика потекнува овој Александар, чија лоза изгледа вака: Александар бил син на Аминта, Аминта, пак, син на Алкет, а татко на Алкет бил Аероп, на Аероп, пак, Филип, а татко на Филип бил Аргеј, а татко на Аргеј бил овој Пердика, кој ја основал државата.23

Диодор Сицилијски

          За кралот Пердика I Диодор вели дека, пред да тргне во освојување за да го прошири кралството, испратил пратеници во Делфи за да побараат мислење од пророчиштето. 24

          Еве и едно предание во стихови, според кое земјата која ја населиле Теменидите и во која формирале кралство им припаѓа токму ним, Тоа е пренесено од Диодор:

Кралската власт, првенствено им припаѓа на потомците на Темен,

Власт над богатата земја од егидоносниот Зевс.

Тие живеат во Ботеида, богата со стада овци:

Во местото каде што ќе видиш сребренороги кози со снежно-бела волна,

За да се насладувате мирно, во оваа земја секако

Принесете жртва на блажените богови и изградете град.25

ТУМУЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ПОЈАВАТА НА МАКЕДОНСКОТО КРАЛСТВО

          На периодот во кој се датираат првите кралеви на Македонија му соодветствува и датирањето на погребните објекти познати како тумули, а кои се среќаваат, речиси, на целиот простор на Македонците. Особено се познати тумулите од Ајга, кои им се припишуваат на старото племе Бригијци, кои се со нагласени димензии.26 Токму на тој простор, подоцна, се појавуваат и гробниците на македонските кралеви, што упатува на своевиден центар, како на Бригијците во постариот период, до железното време, така и на Македонците во следниот период. Интересно е дека нагласен број тумули од железното време среќаваме и во областа Мариово,27 која се наоѓа од оваа страна на границата на Македонија со Грција. Самото совпаѓање на времето на нивната појава и појавата на кралството Македонија упатува на објекти, кои се дел културата на тоа кралство во тој период.

 

1 Види во претходното продолжение (бр. 2).

2 Диодор, Фрагмент 15 [Евсевий, «Хроника», I, с. 227 (Schone)]

3 Овде нема да наведуваме автори кои се занимаваат со темата „Македонци и Македонија“, само ќе потенцираме дека такви автори има многу, како странски, така и домашни, кои се под влијание на големите научни авторитети. Проблемот е уште поизразен, ако се знае дека се манипулира со етникум Грци, грчка култура и сл., што е особено симптоматично за тие периоди.

4 Херодот, Диодор и други автори.

5 Диодор, Фрагмент 13 [Excerpta Historica iussu Imperatoris Constantini Porphyrogeniti confecta, ed. Boissevain, de Boor, Büttner-Wobst, 1906 ff. 2, p. 197—198.]

6 Страбон, Географиᴙ – кн. 8 – 6.

7 Исто.

8 Херодот. Книга 1, 30, 31.

9 Исто, книга 8, 239.

10 Диодор, Фрагмент 13 [Excerpta Historica iussu Imperatoris Constantini Porphyrogeniti confecta, ed. Boissevain, de Boor, Büttner-Wobst, 1906 ff. 2, p. 197—198.] Павсанија, 113.

11 Павсанија, 113.

12 Диодор, Фрагмент 13 [Excerpta Historica iussu Imperatoris Constantini Porphyrogeniti confecta, ed. Boissevain, de Boor, Büttner-Wobst, 1906 ff. 2, p. 197—198.] Павсанија, 113.

13 Павсанија, 113.

14 Павсанија, 395.

15 Диодор, Фрагмент 17 [Георгий Синкелл, «Избранная хронография», с. 499 (Dindorf, Bonn. 1829).]

16 Павсанија, 395.

17 Диодор, Фрагмент 17 [Георгий Синкелл, «Избранная хронография», с. 499 (Dindorf, Bonn. 1829).]

18 Исто, четврта книга, IX. (1).

19 Исто, Фрагмент 15 [Евсевий, «Хроника», I, с. 227 (Schone)]

20 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 1994, 28, 29. Јустин.

21 Исто.

22 Диодор.

23 Херодот, книга 8, 137 – 139.

24 Диодор, Фрагмент 16 [Excerpta Historica iussu Imperatoris Constantini Porphyrogeniti confecta, ed. Boissevain, de Boor, Büttner-Wobst, 1906 ff. 4, p. 274.]

25 Диоодор – Фрагмент 16 [Excerpta Historica iussu Imperatoris Constantini Porphyrogeniti confecta, ed. Boissevain, de Boor, Büttner-Wobst, 1906 ff. 4, p. 274.]