ОД ТУРСКИОТ ПЕРИОД: УБИСТВОТО НА СТОЈАН АНГЕЛЕВ ПАВЛЕСКИ ОД МАРУЛ, ПРИЛЕПСКО

(Една акција на четата на војводата Толе паша и други настани)

 (Од книгата „Жива историја“ од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, издадена 2004 година од КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од с. Крушевица, Прилепско)

Како што раскажуваат нашите постари марулци убиството на Стојан Ангелев Павлески се случило само поради тоа што бегот се слизнал на сламата. Марулските бегови, браќата Ремзија и Емин живееле, едниот (Ремзија) на местото на денешното училиште, а другиот (Емин) на местото кое денес им припаѓа на Колевци. Ангеле Павлески имал гумно на местото каде што ги чува сламите Трајан Павлески. Еден летен ден, за време на вршидба, старите Павлевци ја туркале овршената слама преку патчето и правеле копа кај нивниот говедарник кој се наоѓал кај кулата на долните Павлевци. Во тоа време во селото дошол Ремзија кој доаѓал на својот чифлиг во Ремзија–куќа кај училиштето. Вршачите го предупредиле да внимава да не се слизне на сламата која останувала при туркањето по патчето, но тој рекол дека нема да падне и тргнал да поминува од тука. За несреќа бегот се слизнал на сламата и паднал, та се увредил на тоа и разлутен зел да пука по вршачите. Од пукањето се запалила сламата и изгорело се што имало во гумното. Син му на Ангелета, Стојан му се обратил на бегот со зборови дека грешката не е ниту нивна, ниту негова, но бегот не сакал да попушти и им се заканил дека ќе платат за срамот што му го нанесле.

Во селото Марул дошол за полјак некојси Албанец кого го викале Тоската по потекло од Ресенско. Тој се носел во фустани, широки панталони–бечви, пискули и сл., а имал кула во дворот на трлото на Блаже Танески. Таа кула подоцна му ја продал на Мемишовци. Бегот Ремзија се договорил со полјакот Тоската да отепаат еден од браќата Павлевци како одмазда за срамот кој му бил нанесен со паѓањето при случајот со сламата. Ремзија требало да му плати на Тоската 10 лири за завршената работа, убиство на еден од браќата Павлевци. Еден ден полјакот Тоската ги собрал магарињата на Павлевци од чаирот и почнал да вика: „Ангеле, Ангеле, кај ги пушташ магарињата да пасат по нивјето?“ Стариот Ангеле слушнал глас кој вика по него и излегол на чаирот каде што денес имаат трло долните Павлевци. Полјакот Тоската почнал да го тепа Ангелета како рајатин, а овој спискал и почнал да бега. Тој бегај, Тоската мавај со бастунот. Син му на Ангелета Стојан клепал паличници дома и го слушнал пиштењето на татка си, го зел пиштолот кој му стоел зад вратата кај сурмето и со трчање отишол на чаирот. Му свикал на полјакот Тоската „ебамити верата“ и спукал со пиштолот во неговите нозе но не го погодил како што треба. Само му го издупил фустанот и свилените бечви на Тоската, а овој избегал и пукањето се смирило. По овој настан Тоската исплашен му ја продал кулата на Мемиш Лазески. Во пазарот за кулата Тоската оставил и 20 лири кои требало да ги земе оној кој ќе го отепа Стојана Павлески. Оставајќи таков аманет полјакот Тоската повеќе не се вратил во Марул.

Селото Марул

Поминало извесно време, а Стојана Павлески веројатно го следеле за да го отепаат. Еден летен ден Стојан Павлески со запрежна кола отишол на градските воденици над Прилеп за да меле брашно. Сомлел брашно и тргнал назад за Марул. Кога дошол до чешмата Шопур во атарот на селото Чумово застанал да ги одмори воловите. Тука наишол Коте Котески кој одел за Прилеп. Коте видел четворица Турци ќако седат крај долчето. Со Стојана се разделиле и трнале секој по својот пат, Коте за Прилеп, Стојан за Марул. На стотина метри од чешмата Шопур кога Стојан влегол во долчето Турците спукале со пушките и го отепале Стојана Павлески (така сум слушал од постарите така и ќе запишам).

По убиството на Стојана за настанот излегле повеќе верзии. Според една, небаре, Коте ги видел Турците и тие нему ништо не му рекле. Кога то видел Стојана како седи кај чешмата отишол кај него и му кажал дека во долчето има заседа. Некои велат дека му рекол да си оди по патот со крената глава и дека тој кога поминал ништо не му рекле. Други велат дека Коте ништо не му рекол на Стојана. Коте велел дека му кажал на Стојана и кога овој влегол во долчето паднал мртов од душманските пушки. Сториле абер, дошле браќа му, си го зеле и го закопале во гробиштата во Марул. Така, спасувајќи му го животот на татка си го загубил својот.

Стојан Павлески имал многу познати и пријатели и на неговиот погреб се собрал многу народ. Дошле голем број жители од селото Бонче кои биле потресени од убиството, а многу луѓе имало и од селата Подмол, од Ношпал и, речиси, сите од селото Марул.

Стојан Павлески бил роден околу 1863 година, бил женет од Топчиовци од селото Бонче и оставил пет сирачиња. Петко, Боне, Илија, Ристана и Стојна. Коте бил втор домазет кој дошол на местото на првиот Коте. Тој дошол од семејството Чурлиновци од селото Лопатица. Мојот дедо бил на возраст од 8 години кога бил отепан Стојан Павлески. Убиството се случило во летото 1900 година. Според кажувањето на дедо ми Ристе, полјакот Тоската бил целиот накитен со пискули. Убијците на Стојана биле канатларчани. Тие биле четворица: Ариф Пардиоски, Асан Селимоски, Делиамет Чачаноски и еден непознат.

Раскажано од:

  1. Трајан Павлески(1891–1971)
  2. Ванчо Павлески (1908–1989)
  3. Ристе Јовчески (1888–1962), сите од Марул.

НАПАД НА ЧЕТАТА НА ВОЈВОДАТА ТОЛЕ ПАША НА КУЛАТА НА БЕГОТ АМДИЈА ЛАЗЕСКИ ВО СЕЛОТО МАРУЛ

 Со убиството на Стојан Павлески турските власти се одмаздиле за убиениот бег од селото Бонче, Чачано и сметале дека со тоа ќе ја заплашат рајата и ситуацијата ќе се смири. Спротивно на тоа со направените убиства на Петре Колески и Стојан Павлески незадоволството и револтот, како во селото Марул, така и во околните села растеле се повеќе, посебно од неделата кои ги правеле арамиите од типот на Муса Пеливанот во Подмол, полјакот Катиљ Шериф во селата Мало Рувци и Штавица и други.

Второроденото дете на Ангеле и Менка Павлески, Тасе Павлески, помалиот брат на Стојан Павлески по природа бил потемпераментен од својот убиен брат и сакал да се одмазди за убиството. Тој направил контакти со комитетите на Револуционерната организација во селата Бонче и Лопатица за да обезбеди средба со прочуениот војвода од Мариово Толе Паша од кого сакал да побара помош за да го одмазди својот брат Стојан. Тасе од порано ги познавал комитите од селото Лопатица Божин Степаноски и Грујо Шијакоски кои биле во четата на Толе Паша.1 Грујо Шијакоски им бил познат на марулчани уште пред неговото заминување како комита бидејќи често доаѓал во Марул на гости кај својот чичко Никола Гулабоски, а доаѓал во Марул и како учител и држел настава за описменување на селаните. Тасе Павлески бил женет од Шелеверци и му биле познати и комитите во четата на Толе Паша од ова село, Петре Шијакоски по потекло од Лопатица, братучед од чичко на Грујо Шијакоски и Цветан.

Селото Лопатица

Тасе Павлески успеал да добие средба со војводата Толе Паша и притоа тој му се претставил како потомок на сојот на Трајчевци од селото Крушевица и дека неговите прадедовци се преселиле во Марул. Толе Паша го погледал и смеејќи се му рекол: „Се гледа дека си крушевичанец по твојата руса коса, а на твоите прадедовци не им чинела ладовината во Крушевица, па отишле да живеат во Марул, тој пеколот, место за гуштерици, каде една зима кучињата ги хранеле со прчови.“ Тасе , исто така, се насмеал и потврдил дека вистина било така. Една година козите и овците во Марул ги фатила некоја болест и изумреле, а Толе на шега додал оти тоа е доказ дека во Марул не може да живее ниту добиток, а камоли луѓе. По направените шегаџиски муабети Толе Паша го прашал Тасе Павлески зошто е дојден, а овој му кажал дека е дојден да бара помош за одмазда на својот убиен брат Стојан. Тасе му објаснил на војводата дека брат му е убиен како одмазда за убиениот бег Чачано од селото Бонче бидејќи му бил зет за ќерка на Трајко Танески од ова село кој го убил бегот. Исто така, истакнал дека зад сите овие работи стои марулскиот бег Амдија Лазески. Толе се подзадумал и му рекол на Тасе да бегаат сите в планина, за да нема кој да му работи на бегот и така тој ќе се смири, но потоа се сетил дека ако сите појдат в планина нема да има кој да работи и ќе нема храна и друга поддршка ниту за комитите. Потоа Толе Паша рекол дека кога се работи за негов имењак (Стојан), како и за потомок од неговото село Крушевица ќе наврати со четата во селото Марул и ќе фрлат некоја пушка за да го заплашат бегот Амдија. Со таква утеха за Тасе Павлески завршил и разговорот.

Кулата на бегот Амдија Лазески во селото Марул

По средбата со Толе Паша, Тасе си дошол дома со спомените за прочуениот војвода. Тој стекнал силни впечатоци за него како за решителен, разговорлив човек, со среден раст, со руса коса, плеќест, лесно подвижен и информиран за сите новости кои се случувале во областа. По враќањето дома Тасе чекал да се случи нападот на кулата на бегот Амдија Лазески, но не знаел кога ќе се случи тоа.

Вечерта по празникот Крстовден, на 28.09.1900 година четата на Толе Паша навистина дошла во селото Марул и ја нападнала кулата на бегот Амдија. Нападот бил извршен откај реката, кај крлешката, односно, комитите имале фатено засолништа кај ѕидот на Дамјаноските и Котеските градинчиња. По извршениот напад комитите се повлекле преку атарот на селото Бонче во Мариово. Немало жртви ниту на едната, ниту на другата страна, единствено полесно бил повреден во ногата ќајата во кулата на бегот, Алија Забот.

Селото Шелеверци

Следниот ден, бегот Амдија довел државна комисија за да ја проценат штетата. На кулата имало испукано 70 куршуми и бидејќи напаѓачите не биле откриени и фатени штетата ја платиле Марулчани со сума од 70 турски лири, со ветување дека парите ќе им бидат вратени доколку бидат откриени и фатени напаѓачите. По овој настан бегот Амдија, веројатно, заплашен на некои места во кулата оставал да гори и свети борина преку цела ноќ, а често биле забележувани и чувари за да ја чуваат кулата и тоа бегот Амдија Лазески го практикувал се до моментот кога го напуштил селото Марул на 5-ти ноември 1912 година за време на Првата балканска војна. По нападот на кулата од четата на Толе Паша селото Марул често било сардисувано од турскиот аскер и се вршел претрес по куќите за да се бараат комити. Тоа било знак дека марулчаните ја изгубиле довербата кај турската власт. Неколкупати се случувало за време на сардисувањето на селото во него да се наоѓаат комитски чети. Во такви случаеви комитите се криеле во скривниците кои биле подготвени за таква намена од порано.

Стара куќа од селото Марул

Една скривница за комитите имало кај Дамјановци. Таа се наоѓала во пондилата на нивната куќа, а од неа тајно можело да се помине низ градинчето зад куќата во Капинешка Река, а втората скривница била кај Јанкоското огратче од каде се поминувало во Јованоското гумно (тогаш Утоско место) и повторно се влегувало во Капинешка Река. Остатоците од овие скривници и денес се присутни во селото Марул.

Затекнувањето чети во селото при сардисувањето од аскерот се случувало поретко, зашто во случај на нивно присуство на сите патишта кои влегувале во селото се поставувала будна стража.

Познат е еден непријатен случај од есента 1901 година кога четата на реонскиот прилепски војвода Никола Каранџулов2 на враќање од обиколка на селата Прилепец, Чумово, Бонче, Лопатица и Подмол вечерта дошла во селото Марул. Биле поставени стражари на сите патишта за влез во селото додека четата престојувала кај селскиот началник на организацијата Васил Дамјаноски. Откако се стемнило, Јован Трајчев Колески кој бил стражар на патот кој доаѓал од селото Подмол и патот од местото Нови Лозја забележал 20 коњаници кои бодинале низ Котеските огратчиња, покрај долчето во Дунките. Јован со трчање отишол кај Дамјановци и им соопштил дека доаѓа потера. Немало многу време и комитите се скриле во скривницата. Потерата која целата била составена од мусинчани дошла право кај Васил Дамјаноски и го запрашале каде се наоѓа четата која дошла кај него. Четата била добро скриена во скривницата и потерџиите ништо не откриле. Поради тоа им се заканиле на нивните кодоши дека ќе одговараат за лошата информација.

Кратко време по нападот на кулата на бегот Амдија Лазески Павлевци решиле да го испратат Тасе Павлески во Америка бидејќи бил со буен темперамент и можел да настрада во конфликтите со Турците. Во Америка Тасе се заљубил во некоја млада и богата Американка, ја оставил својата жена со пет деца, се преженил за Американката и никогаш не се вратил назад во Македонија и во селото Марул. Починал во Америка. Извесно време по заминувањето на Тасе во Америка заминале и неговиот брат Јован и нивниат внук Петко од отепаниот брат Стојан Павлески. Со тоа турската власт успеала во својата намера да растури една силна христијанска куќа во селото Марул.

Јован и Петко Павлески по извесен престој во Америка се вратиле во Марул и на нивната куќа на местото на баџата (отвор од кој излегувал чадот во селските куќи) изградиле современ оџак каков што виделе во странство. Тој оџак на Павлеската куќа бил прв оџак изграден на христијанска куќа во Марул. Кога го видел оџакот на Павлеската куќа Атанас Танески Аџијата отворил прозорец со стакло на својата куќа. Ваквата постапка не му се допаднала на бегот Амдија Лазески и ги повикал на сослушување Атанас Танески и Јован Павлески. Им се развикал и им ја пцуел верата ѓаурска. Притоа тој им рекол: „Вие ѓаурите ги кренавте главите многу високо, да не сакате на царо наш да му се качите на главата?“ 3а изградениот оџак и отворениот прозорец Павлевци и Таневци бегот Амдија ги казнил со по десет турски лири и ги натерал да ги срушат оџакот и прозорецот и да ги вратат во првобитната положба.

 

[1] Војвода од Мариово, роден на почетокот на шеесеттите години на 19 век во селото Крушевица. Тој се одметнал од турската власт и организирал своја чета со која се движел низ Мариово и дел од Пелагонија, речиси, 20 години. Набрзо по своето одметнување, тој, стапил во контакт со други Македонци, одметници од турската власт и соработувал со нив во организирањето на населението, за растурање оружје и сл. Подоцна се вклучил во Македонската револуционерна организација.

2 Војводата Никола Каранџулов е роден во Прилеп 1876 година, бил учител и реовлуционер, непоколеблив борец за слободата на македонскиот народ. Во 1898 година, тој, едногласно бил избран за раководител на Револуционерната организација во Прилеп и за директор на прогимназијата. Во 1902 година бил затворен во битолскиот затвор од каде, на 14 март и904 година организирал успешно бегство со 32 затвореници. Загинал на 28 јули 1904 година кај селото Селце, Прилепско.