ПРАЗНИНАТА Е ТЕШКА!

На прв поглед – апсурд! Како може да е празно, а да биде тешко? Обично е тешко она што е полно, што има содржина и колку е повеќе, толку е потешко. Сепак, не е така. Празното може да е тешко, а полното лесно!!? Се разбира, тоа не се однесува за материјалното, туку на духовното. Во духовното, тешко е кога е празно. Тогаш празнината е тешка, таа тежи, и тоа, колку е поголема, толку е потешка. Затоа човекот има потреба да е „полн“, односно, да е исполнет, да се чувствува исполнето, а не празен, односно, да нема „празнина“ во себе. Зашто тогаш чувствува тежина, кога е „празен“ во себе, кога се чувствува неисполнето. Исполнетоста, пак, претставува содржина, па затоа е и „полнотија“, значи, таа е содржина, која ја исполнува празнината.

Најтешко е кога нешто ќе изгубиме, нешто блиско, кое има големо значење за нас. Тогаш се создава голема празнина, тогаш празнината е најтешка. Таквите празнини, најчесто се ненадоместливи, односно, за нив нема решение. Тие треба да се „заобиколуваат“, да се надминуваат. Празнината останува засекогаш, а со неа тежината. Единствено, може да се намали со „бледнеење“, со трпение, временско растојание и дух. Силниот дух секогаш наоѓа „пат“.

Празнината е тежина во нас и кога не сме задоволни од она што сме го постигнале во работата, особено, во творештвото, кога не сме задоволни од квалитетот, големината, естетиката, одгласот од средината. Особено, не сме задоволни и се чувствуваме „празно“ кога се занимаваме, односно, трошиме енергија за нешта, кои не ги сметаме за важни, односно, не ги сметаме важни за нас, зашто не се она што го посакуваме и не се дел од нашите амбиции. Затоа, многу е важно да знаеме што сакаме, која активност е „дел од нас“, во која област „припаѓаме“, односно, да го откриеме највредното во нас и да го истакнеме на соодветно ниво. Всушност, да го извлечеме надоброто од нас, соодветно да го „спакуваме“, да го исполниме со содржина, хармонизирано да го изградиме и оформиме, и да го презентираме на соодветен начин. Тогаш ќе имаме изгледи за успех, за постигнување, за исполнување. Тогаш, празнината ќе исчезне, а со тоа и тежината. Полнотијата ќе се претстави како олеснување, како задоволство, како радост. За тоа ни треба знаење, умешност, време и, можеби најмногу, трпение.