МАКЕДОНСКОТО „ПЕТМИНА“ И СРПСКОТО (СКОПСКОТО) „ПЕТОРИЦА“
Исклучително е нагласена погрешната употребата на тн. бројна срастенка „петмина“ (така се именуваат ваквите форми во Правописот на македонскиот јазик), која во основата го има бројт пет. Се работи за употреба на српската форма на срастенката „петорица“, која погрешно се употребува, особено во медиумите – телевизијата, радиото, титлувањето (преводувањето) филмови, како и во службени документи и други места и форми каде се употребува македонскиот јазик. Нејзиното грубо позајмување од српскиот јазик и уште погрубото вметнување во македонскиот ги боде очите уште „оддалеку“. Во голем дел од македонската сцена на употреба на јазикот, македонската срастенка „петмина“ како да се изгубила, па и авторитетни медиумски работници и други авторитети, често, дури и редовно ја употребуваат српската форма, позајмувајќи ја, главно, од српскиот јазик, а преку скопскиот жаргон (дијалект). За жал, овој термин е само еден од големиот број погрешно употребувани термини со кои македонскиот литературен јазик и македонскиот правопис се „напаѓаат“, без особено размислување за тоа дека се врши вистинско нагрдување, пропагирање на несоодветни форми и јазик кај популацијата и занемарување на Законот за употреба на македонскиот јазик. Особено, паѓа во очи таквата практика во авторитетни медиуми, како и од страна на авторитети, кои цел животен век се занимаваат со јазикот, како основно средство во професијата. Уште повеќе, кај оние, кои и со посочениот закон се обврзани правилно да го употребуваат македоснкиот јазик и да користат лектура при објавувањето. Инаку, прашање е и тоа дали, воопшто, некој води сметка за примената на овој закон.