РАСКОПАНИ АРХЕОЛОШКИ ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИОТ ГРАД КАЈ СЕЛАТА ВОЛКОВО И ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО
Раскопувањето било направено на периферијата на античкиот град кај селото Волково без соодветен надзор и следење од страна на стручни лица од соодветна иснтитуција за културно наследство

Со активностите за обнова на една мала акумулација во близина на селото Волково, Прилепско, при интервенциите со тешка машинерија, на површина излегле големи количества археолошки материјал, меѓу кои и градежен камен, голем број фрагменти од печени цигли со потекло од антиката, како и тегули и имбрекси. Ваквите наоди упатуваат на остатоци од позначајни градби на просторот околу акумулацијата, кои се дел од локалитетот „Маркова Стапалка“, регистриран во Археолошката карта на Република Македонија. Локалитетот се наоѓа на границата на атарите на селата Прилепец и Волково. Раскопоаниот дел околу акумулацијата е во атарот на Волково. Археолошките остатоци се среќаваат од двете страни на акумулацијата, која е изградена на една суводолица, која се спушта од повисоките делови на ридот, во правецот север – југ. Богатството од археолошки материјал, сепак, е поголемо на левата страна на суводолицата, по ридот од таа страна. Токму на овој рид се наоѓаат и неколку карпи со бројни траги од човечка интервенција, разновидни форми и симболика кои, веројатно, се причина за името на локалитетот „Маркова Стапалка“.

Особено е интересно што на површината се наоѓаат голем број фрагемнти од градежен материјал, особено печени тули, тегули и имбрекси, како и камен,меѓу кој и бигорен камен. Исто така, чести се и наодите на фрагменти од помали и поголеми питоси и други видови керамички садови, како и садови од стакло. По адините на ридот, особено, во раскопаниот дел околу акумулацијата се среќаваат големброј фрагменти од тубулуси – делови од водоводна мрежа, кои потекнуваат од различни периоди во кои водата од изворите од ридот се спроведувала во градбите од анселените делови на просторот.

Локалитетот „Маркова Стапалка“ е регистриран и од археолозите. Според нив, на еден километер пред селото, во нивата на Пере Дељо, на десната страна од патот биле откриени 4 гроба од типот циста, градени со големи камени плочи.1 На овој локалитет, од неговата западна страна, на карпите по ридот кој се спушта од север кон југ, се среќаваат културни траги, обработени форми, како правоаголни, кружни, елипсовидни и издолжени. Еден посебен симбол се среќава на најмалку една карпа и претставува

комбинација од една поголема и една помала издолжена длабнатина, меѓу кои се наоѓа и една кружна длабнатина, сите заедно во должина од околу 0,40 m.

Споменатата издлабена форма, особено, остава впечаток на една карпа од десната страна на долчето со изградена мала акумулација, во близина на селото Волково, која се наоѓа на повисокиот дел од ридот. Споменатиот симбол е издлабен на понискиот дел од карпата, од нејзината јужна страна, а на највисокиот дел е издлабен еден правоаголен реципиент, кој од источната страна продолжува со канал, кој изгледа како природна длабнатина во карпата. На површината на оваа карпа можат да се забележат и други вдлабени форми, но со помалку веројатност дека се работени од човечка рака. Во секој случај, карпата дава индиции дека имала посебна намена во периодот во кој овој простор имал извесно културно значење. Фактот што во нискиот дел меѓу селата Прилепец, Волково и Чумово се наоѓала голема античка населба, со градски карактеристики, може да значи дека локалитетот „Маркова Стапалка“ бил на нејзината периферија и имал извесно значење. Специфичните длабени форми по карпите упатуваат на извесна култна намена на оваа карпа, односно, таа претставувала култен објект. Во блиската околина се среќаваат и други карпи со слична или друг вид симболика како и карпи со обработени делови за конструктивна намена.2

Со раскопувањето на дел од локалитетот „Маркова Стапалка“ последниве години, археолошките материјали кои излегоа на површина покажуваат дека на ова место имало и значајни објекти, кои упатуваат и на поголемото значење на овој локалитет. Неконтролираното раскопување на културните слоеви на овој локалитет, без соодветен надзор на стручни лица од надлежна институција, е само уште еден пример во низата слични примери на подрачјето на општина Прилеп. Колакава штета му се нанесува на македонското културно наследство со ваквиот неконтролиран однос, може само да се претпоставува.

1 Археолошка карта на Република Макеонија,
2 Тренчо Димитриоски, „Исправен Камен“ – Волково, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2018/09/02/
АРХЕОЛОШКИ МАТРИЈАЛ
Фрагменти од тегули Дно од стаклен сад Фрагменти од тубулуси – остаток од стара водоводна мрежа Фрагмент од тегула Устинка од поголем питос Фрагменти од тегули и цигли Фрагмент од поголем керамички сад со украсување Дно од керамички сад Устинка и дно од керамички садови Дно и устинка од керамички сад и фрагмент од керамика со украсување Фрагмент од поголем керамички сад со мал фрагмент од стаклен сад Устинка од стаклен сад Дно од питос 2 Фрагменти од цигли Фрагменти од тегули и цигли Дно од поголем керамички сад со вдлабната форма Повеќе фагменти од керамички садови Фрагменти од тегули Дно од питос
КАРПИ СО ОФОРМЕНИ ДЕЛОВИ И СИМБОЛИКА
Од карпестиот амбиент на локалитетот Две карпи со симболика и други обработени форми Обработена форма за конструктивна намена Дел од карпа со обработени форми Карпа со обработени форми за конструктивна намена Карпа со обработени форми за конструктивна намена со поглед на „Марков Ѕид“ Дел од симболика со мали кружни јами Карпа со врежана култна симболика 2 Карпа со обработени делови Две карпи со обработени делови Култната карпа со симболика Специфичен симбол направен со врежување на ввот на карпата Реципиент со правоаголна форма на култната карпа
КАМЕНИ ЕЛЕМЕНТИ ОД БЛИСКАТА ОКОЛИНА
Камено корито на мермерен блок во црквата „Св. Спас“ кај Волково Мермерен елемент со основа за столб пренаменет за корито Мермерен елемент со основа за столб пренаменет за корито 2 Камена пластика во црквата „Св. Спас“ кај селото Волково