ЈАШАР–БЕГ РУСЕЧКИ (РУВЧАНСКИ)

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

Јашар–бег бил Арнаут од кичевскиот крај. Тој бил поставен за полјак од прилепскиот кајмакам во селото Мало Рувци во седумдесеттите години на 19 век. Уште со самото доаѓање Јашар ја покажал целата своја арнаутска „култура“ како народен ограбувач, убиец на невини луѓе и сл. За кратко време од обичен полјак станал моќен бег под име Јашар–бег Русечки (Рувчански). Тој си поставил свои платеници, всушност, арамиски банди кои постојано ги пречекувале христијаните кога се враќале од пазар во местата Слива, Мечкоец, Ушите Марулски, на патот Прилеп – Битола, вршеле терор над пазарџиите и ги ограбувале. Во тоа време преку Ушите Марулски минувал главен пат за пазарџиите од Битолско Поле, како и за пазарџиите од битолскиот дел на Мариово. Сите полјани поминувале тука носејќи трска, рогозини, каци и сл., како и сите сточари од битолско Мариово при одењето на прилепскиот пазар. Кога се враќале од пазарот на патот ги пречекувале качаците испратени од Јашар–бег, посебно на местото Ушите Марулски, ги ограбувале и малтретирале, а ако некој се спротивставел бил тепан или убиван. Народот бил силно заплашен и штом некој тргнувал на пат и морал да помине преку злокобното место Ушите Марулски, се збогувал со своите домашни бидејќи на ова место го гледал последниот ден од својот живот. Денес така, утре така, не се трпело и една вечер, во петок спроти сабота, во летото на 1882 година, кон крајот на месец јули дошла четата на војводата Диме Чакре1 во селото Мало Рувци. Диме Чакре смислил специјална тактика. За да го намами Јашар–бег да излезе од неговата кула сите комити се преоблекле во турски алишта, на еден комита му ги врзале рацете наопаку, а носот му бил раскрвавен и така дошле пред кулата на бегот. Сите комити знаеле одлично турски јазик и му запеале на Јашар–бег:

Ај отвори бре Јашар – бегу

Твојте тешки чифте порти

И излези ти на портите

За нас бегу да нè пречекаш

Комита ние в село фативме

И тебе бегу ти го носиме

Кој сакаше бре Јашар – бегу

Тебе да ми те убије

В кула ние да преспиеме

Утре Прилеп него да го носиме.

Местата „Мечоец“ о „Вакавско Место“ во Рувчанско

Јашар–бег дење–ноќе ги чувал портите заклучени. Бил многу мудар и добро се чувал, но се прелагал и ги отворил портите. Комитите, браќата Чакревци, Диме и Миајле, Ило Бочварчето, Ило Радобилецот и други влегле во кулата и го фатиле Јашар–бег, та му ја затнале устата и го однесле во местото Ушите Марулски, во атарот на селото Марул, на самото место каде се дели русечкото (рувчанското) патче од пазарџискиот пат за Прилеп.

Превојот „Ушите“ каде што било поставено телото на Јашар-бег по убиството

Постои песна и за молбите и плачењето на Јашар–бег упатени до комитите за да то остават жив. Таа гласи:

Ај кажи, кажи Јашаре – бегу, бре

Колку си луѓе ти отепало, бре

Колку си луѓе ти опљачкало, бре

Колку си мајки, сестри зацрнило, бре

Колку си татко, браќа забрадило, бре

Колку си жени вдовици оставило, бре

Колку си деца сираци оставило, бре

Колку си ти азно спечалило, бре.

Аман, бре, браќа сè ќе викажам, бре

Само мене жив вие оставете, бре

Моето азно во кула лежи, аман, аман,

Во кула лежи, во скали лежи, аман, аман,

Тука е азно од четири вреќи, аман, аман,

Идете браќа сè понесете, аман, аман,

Само мене жив оставете, аман, аман,

И јас си имам жена и деца, аман, аман,

жена и деца и стара ми мајка, аман,

и тие за мене црно ќе носат, аман.

Молењето и плачењето не му помогнало на Јашар–бег. Комитите му ја отсекле главата и повторно му ја наместиле на вратот, му ставиле цигара во устата како да пуши и го оставиле на местото каде што го убиле (во Ушите Марулски). Утрото во саботата кога пазарџиите оделе на пазар во Прилеп сите го виделе закланиот Јашар–бег. Сите Турци пазарџии што го виделе се враќале назад со наведени глави. Убиениот Јашар–бег комитите го оставиле на патот во пазарен ден за да го видат и лошите и мирните како пример дека и мирната душа кога ќе биде предизвикана може да казнува по заслуга.

Мало Рувци со околината

Атанас Танески и син му Стојче во саботата утрото со кола (запрежна) оделе на пазар во Прилеп и кога наближале до местото каде од пазарскиот пат се дели русечкото патче го виделе Јашар–бег Русечки (Рувчански) заклан, наметнат со дел од облека и со цигарата во устата. Стојче тогаш имал 14 години. Стојче тврдеше: „Откако арнаутските овчари го убија дедо ми Боше во местото Долна Браненица за 6 поминати години не го видов татко ми Атанас да се насмее или запее. Откако го виде заклан Јашар–бег, се пушти да се смее и пее. Дали мислеше дека во убиството на дедо ми Боше беше замешан и Јашар–бег или ова го сметаше враќање крв за крв?“

Кога ги отвориле скалите на кулата од Јашар–бег наполниле 4 вреќи со пари. Дали биле книжни или метални не е познато, а за Јашар–бег се знае дека бил голем среброљубец.

Црквата „Св. Спас“ во с. Мало Рувци

Песните за Јашар–бег многу убаво ги свирел и ги пеел на виолина надарениот прилепски музичар Апостол Бисерков кој свирел на сите инструменти, сè додека бил жив до триесеттите години на 20-от век, а во последно време се заборавени и никој не ги пее.

Кажувано од: Стојче Атанасов Танески (1868–1957), Марул

1 Диме Чакре бил прилепчанец, кој во 1881 година формирал чета од девет души и се обидел да направи поширока и поорганизирана акција за борба против турскиот режим и зулумџиите, кои во тоа време многу се намножиле. Тој учествувал како доброволец и во Руско–турската војна на страната на Русите, од кои добил и руски медал за храброст. Кон крајот на 1878 година Диме Чакре отишол во Крушево заедно со својот брат, каде се сретнал со тамошните првенци, со кои почнал да се договара за мерките што треба да се преземат против засилените труски зулуми.