ПРИЛЕПСКИОТ ЖЕЛЕЗАР ХРИСТО (ИЦО) ГАВАЗОВ ВО 1881 ГОДИНА ПРВ ИЗРАБОТИЛ ЖЕЛЕЗЕН ПЛУГ ПРИЛАГОДЕН ЗА МАКЕДОНСКА ПОЧВА
Познато е дека во постарите периоди земјата се обработувала со дрвено рало кое го влечел крупен добиток, волови, коњи, маски или магариња. Во Македонија земјата со рало се обработувала сѐ до 19 век, кога, благодарение на прилепските трговци Мојсо хаџи Илиев и Диме Коров во Прилеп во 1881 година бил донесен железен плуг со потекло од Америка.1 Кога се обиделе плугот да го применат на прилепска почва се покажало дека тој, со неговата форма и димензија не одговара на домашната почва. Затоа, прилепскиот железар Христо (Ицо или Ицко) Гавазов(т) се зафатил со преработка на овој корисен алат и го направил во форма која ќе биде прилагодена на македонската почва.2 По примерот на плугот изработен од прилепскиот железар Христо Гавазов почнале да изработуваат железни плугови и другите мајстори и, на тој начин, железниот плуг се раширил не само во Прилепско, туку и Битолско и пошироко.3

Христо (Ицо или Ицко) Гавазов(т) е познат железар (ковач) од Прилеп и бил татко на познатиот прилепски борец за слобода и револуционер Јордан Гавазов(т),4 а Како вистински мајстор на својот занает, Христо Гавазов е прилепчанецот кој го изработил првиот плуг прилагоден за македонска почва, го заменил дрвеното рало со железен плуг и го вовел во пракса. Всушност, тој, по примерот на донесениот железен плуг од странство, тој прилагодил плуг за потребите на домашното земјоделство.

„Бев дете на 12 години кога за првпат, пред 45 години, прилепските чифликчии: Мојсо х. Илиев и Диме Коров донесоа железен плуг, американски систем. Ние, тогашната дечурлија, трчавме како по мечка за да ги видиме обидите и демонстрацијата на тоа модерно орудие, правени надвор од градот. Бидејќи се покажа дека американскиот плуг не одговара за домашната почва, за негова преработка се зазеде простиот железар – ковач Ицо Гавазов, (татко на револуционерот Јордан Гавазов) и, откако го прилагоди, создаде тип на железен плуг – Македонски систем. Оттогаш десетици железари почнаа да фабрикуваат плугови, кои ги исполнија прилепските чифлици, прескокнаа во битолско и подалеку и денес и последното колибарско селиште во крајот ја ора земјата со плуг.“5

Христо Гавазов бил особено активен и во општествениот живот на Прилеп, учествувал во разновидните организирања на образовниот и културниот живот, како и во организирањето на отпор против ропскиот живот. Меѓу другото, него го среќаваме и како еден од активните членови и посетители на читалиштето „Надежда“,6 во кое се движеле најнапредните личности од градот. Всушност, двајцата познати Гавазовци – таткото Ицко и синот Јордан биле активни во севкупниот шивот на градот, имале контакти и соработка со напредните сили кои организирале отпор против турската власт и злосторниците, и затоа често биле изложени на прогон, апсење и затворање. Јордан Гавазов е еден од првите членови на прилепскиот комитет на Македонската револуционерна организација, кој е формиран од Даме Груев 1894 година. Тој е млад, физички силен и бескомпромисен борец против турската власт и турското ропство и во борбата за ослободување го дал и својот живот.7

1 Георги Трайчев, Духовните качества на македонските българи, Македонска библиотека № 7, София-Печатница “Родопи” Т. Клисаров-1928,14.
2 Исто.
3 Исто.
4 Тренчо Димитриоски, Јордан Гавазот, Ризница, Прилеп 2016.
5 Г. Трайчев, Духовните качества на македонските …, 14.
6 Никола Ганчевъ Еничеревъ, Сборникъ за Народни умотворения, наука и книжнина, Книга XX, 7. Спомени отъ моето учителство въ Прилѣпъ, София, 1903,
7 Тренчо Димитриоски, Јордан Гавазот,…