УБАВИНО!

(Од збирката „Отпадник“, објавена во Едицијата на Книжевна младина на Македонија „Алфа“, Скопје 1990)

 Секогаш кога ќе те сретнам

се плашам да те допрам

зашто допирот без да сакам

може да ја наруши складноста

на елементите што те творат.

Сликата на месечина од чисто небо

во смртен мир

на бистра водена површина

што плени и влече со тајна моќ

ја претвора во матен сон

и најмала капка роса.

Еве ме оддалечен и растреперен

уживам со чувство на несовршеност

растрган од противречностите на денешнината

додека ти полека го убиваш во мене

она што го оставило времето.