ОСТАТОЦИ ОД РЕЛИГИСКИ И ОДБРАМБЕН ПУНКТ ОД МАКЕДОНСКИОТ ПЕРИОД И ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА НА ВРВОТ ЧАРДАК НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП
За време на археолошките истражувања од седумдесеттите години на дваесеттиот век археолозите од тогашната Полско-југословенска мисија, меѓу другото, забележале дека на највисоките делови на локалитетот Маркови Кули кај Прилеп има остатоци од „религиски и одбрамбен пункт“, кој го поврзуваат со „хеленистичкиот период (III – II век п.н.е.)“.1 Според нив, во тоа време, во подножјето на Маркови Кули од неговата јужна страна се развила поголема населба, која археолозите ја откриле со сондажни истражувања и случајни наоди при изградбата на современите објекти.2 За жал, како што констатираат археолозите, направени се само сондажни истражувања, без да се направат соодветни ситематски истражувања, како и без соодветна анализа на пронајдениот археолошки материјал, па така, почетните сознанија од евидентните богати наоди од овој период на Маркови Кули, како и на неговото подножје, не се надградени со вистински научни сознанија, односно, истражувањата за овој период на Маркови Кули се запоставени, па и „потиснати“ со нагласување на подоцнежните периоди, особено средниот век, со посебен осврт на последните векови пред турското освојување на овој простор.
Сепак, изнесените сознанија од археолозите учесници во археолошките истражувања на врвот Чардак од седумдесетите години на минатиот век се сосема убедливи дека македонскиот период бил силно застапен на локалитетот Маркови Кули, односно на овој локалитет тогаш имало пространа населба, како на највисоките делови, како што е врвот Чардак, така и на падините и ниските делови околу ридот, особено од јужната страна. „Со постоењето на таа населба би требало да ги поврземе и остатоците откриени на врвот на Маркови Кули, претставувајќи со сигурност, постоење на религиски и одбрамбен пункт. Истражувањето на полската екипа во склоп намкулата 17, на источниот раб на двориштето Б, а исто така на еден дел од двориштето Ц, доведоа до откривање на слоеви кои поседуваат богат материјал од хеленистичкото време, III – II век п.н.е, на кого му се придружуваат делови од одбрамбен ѕид положен непосредно на стена“.3
Токму на врвот Чардак, чиј највисок дел е голема топчеста карпа, се среќаваат голем број сликани и врежани симболи кои можат да се објаснат, главно, како симболи од култно-религиска природа. Археолошките остатоци и остатоците од животинско потекло се датираат и од најстариот период на неолитот4 – новото камено време, што упатува на можност за многу постар датум на култност на овој врв, особено на неговиот највисок дел, големата карпа со топчеста форма. Од друга страна, вакви појави на култно третирање на врвови, цели планини, кои се прогласувале за свети и биле места на религиски настани и обреди е општо позната работа во целиот свет. Дали то значи дека континуитетот на култност на Чардак се мери со неколку илјади години? Според археолозите, населбата на Маркови Кули, Варош и Заград во римскиот период продолжила да се развива, а посебно се развила во доцната антика, од 3 до 6 век.5 За жал, за овој период нема изнесено особено издржани информации за тоа дали на Маркови Кули имало религиски градби во овој период, особено дали имало ранохристијански градби на највисоките делови на градот Прилеп. Од друга страна, веднаш под врвот Чардак, лично имаме документирано фрагменти од мермерна пластика кои упатуваат на раното христијанство. Во нив, особено, убедлив е еден фрагмент од прозорско мено, кој го документиравме пред 2-3 децении, како и други фрагменти од мермерна и камена пластика. Денес, некои од нив не можат да се најдат на местото на кое се документирани. Веруваме дека при археолошките истражувања на Полско-југословенската мисија биле пронајдени и други објекти и археолошки материјал, кој упатувал на раното христијанство, односно на ранохристијанска црква на највисокиот врв на Маркови Кули, познат како Чардак. Се разбира, такви остатоци е можно да постојат и на другите делови на овој рид, кој во тоа време бил простор на активно користење за постојан престој и живеење. Уште повеќе, фактот што на некои делови од ридот, особено на седлото во близина на главната порта, се констатирани остатоци од поголеми градби, со поголеми и помали простории, кои се карактеризирани како палати,6 на некој начин упатуваат на размисла за постоењето и на соодветни религиски објекти токму во делови од Маркови Кули.
1 Еугениуш Цнотливи, Истражувачки работи на тврдината Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули – извештаи од работата на Мисијата 1984 – 1988, 48 – 50. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 45 – 48.
2 Еугениуш Цнотливи, Истражувачки работи на тврдината Маркови Кули, 48 – 50.
3 Исто.
4 Миечислав Паздур, Датирање на органските примероци од археолошко-конзерваторските истражувања со радиокарбоновата метода C-14, Тврдината Маркови Кули – извештаи од работата на Мисијата 1984 – 1988, Институт за истражување на старословенска култура – Прилеп, 70. Еугениуш Цнотливи, Праисториско карпесто живеалиште на падините на Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули – извештаи од работата на Мисијата 1984 – 1988, 62. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I, 12 и 15 – 20.
5 Бранислав Ристески, Развиток на фортификацијата на локалитетот Маркови Кули, Варош-Прилеп, 57.
6 Марек Барански, Градбата бр. 22 во тврдината Маркови Кули, Тврдината Маркови Кули – извештаи …, 56 – 61.
Фрагмент од прозорско мено фотографирано под врвот Чардак Повеќе фрагменти од мермерна и камена плчастика под врвот Чардак Фрагмент од мермерен објект со релјефно украсување под врвот Чардак Мермерен столб на портата за влез кон Чардак Мермерен столб на портата за влез кон Чардак 2 Фрагменти од камен објект за обработка на руда под Чардак На портата за влез кон Чардак Мермерен столб на портата за влез кон Чардак 3 На портата за влез кон Чардак 2 Фрагмент од мермерен објект со релјефно украсување под врвот Чардак 2 Фрагмент од мермерен објект со релјефно украсување под врвот Чардак 3